|
|
ЗЕЛЕНИЧЕ, ЛЕРИНСКО – РОДНОТО МЕСТО НА СТИВ ПЉАКАС (19) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН По непријатните моменти во Лерин се одлучивме да го продолжиме нашето патување во Егејот и да го посетиме родниот крај на Стив Пљакас. Така и сторивме. Откако го напуштивме Лерин, се упативме по новиот пат кој води кон Солун, градот што го доби името по сестрата на Александар Македонски, а го создал нејзиниот сопруг Касандар. Одејќи по патот разговаравме за една наша посета на Солун, кој е убав приморски град, кој како трговски центар ги мами, па дури и ги заведува посетителите со својата убавина, медитеранската клима, околните песокливи плажи и бројни културно-историски споменици. Тој е сместен на полуостровот Халкидики и е познат по бројните зелени површини, по Беас Куле, по солунските атентатори, по многуте други културни споменици, како и по манастирите на Света Гора, каде што дел од својот живот поминале и извесен број монаси од Република Македонија. И не само Солун, со својата местоположба, трговија, крајбрежје и како престолнина на Беломорска Македонија, туку и целата таа македонска земја е прекрасна. Така, започнувајќи од мистичната Пела – древната македонска престолнина – па преку божествените водопади на Воден, пејзажите на Костур, убавините на карпестите цркви и фрески по бреговите на Мала Преспа. Таа питомина и широчина е збогатена и со зелените предели на планините разделени со границата, а меѓу нив, како бисер, патникот оддалеку ужива во сјајот на бројните македонски планини. Затоа, античките Македонци токму во Пела, која е оддалечена стотина километри од Зелениче, родното место на Стив Пљакас, ја подигнале својата престолнина. Еден дел од Пела денес е достапен на посетителите, но огромен дел, како што велат и постарите жители на Постол (Пела), сè уште лежи под земјата. Токму поради славата на древната престолнина на Филип и Александар Македонски, кои го посеаја македонското семе, во туристичките проспекти целиот тој регион Грците го нарекуваат Пела со главен град Воден (Едеса). Секојдневно низ Пела минуваат голем број туристи, кои потоа со години ги носат спомените и мирисот на мермерот по кој чекорел големиот Филип Македонски и неговиот син Александар Македонски како водач на античките Македонци. Брзо го напуштивме Лерин и тргнавме по патот кој води кон Воден, Пела кон Солун. Поминавме поголем број села и стасавме до Баница, но од западната страна. По новиот пат влеговме во ова големо македонско село, кое е ни село ни град. Дојдовме до центарот на Баница каде се изградени нови објекти, меѓу кои и еден хотел и се потсетивме и ги вративме убавите спомени на нашата посета од пред дваесеттина години. Зелениче И овој пат ја вративме сликата за нашите пријатели во Торонто кои потекнуваат од Баница, а кои се гордеат со тоа што баничани биле први Македонци кои отвориле банка во Канада. Баница е село со многу убавини, но баничани ги красат и престиж и напредок, но и контроверзи. Ја напуштивме Баница по патот што води од кај каменоломот и го продолживме патувањето по новиот пат со три ленти што се искачува на ридот и води кон Костур. По поминати десетина километри од Баница се приклучивме на стариот пат кој води право кон Ајтос. Брзо стасавме во тоа големо и убаво македонско село, каде што, исто така, пред дваесетина години го посетивме ресторанот на нашите пријатели и соседи на нашите родители во Торонто. Тие како повратници од Канада отвориле кафеана во Ајтос, но од некакви причини, по неколку години ја затвориле кафеаната и пак се вратиле во Канада. Се движевме по главната улица на Ајтос, каде застанавме и ѝ се обративме за помош на една млада дама - кој пат води кон Зелениче. Таа зборуваше англиски, но кога виде од каде сме, започна да ни зборуваше на македонски јазик, на дијалектот од Леринско. Беше љубезна во разговорот и нè информира дека селото Зелениче е второ село кога се оди од Ајтос по патот за Костур. Срдечно ѝ‘ се заблагодаривме и го продолживме патувањето кон нашата цел. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |