|
|
СЕЛОТО ЖЕЛЕВО, КОСТУРСКО – РОДНОТО МЕСТО НА ЛИЛИ ПЉАКАС (23) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН Селото Желево Желево е живописно планинско село сместено на патот Лерин-Костур. Таму, во планината Бигла, над селото, извира реката Бистрица што ја сече областа Корешта и се влева во Солунскиот Залив. Тоа е чисто македонско село, кое е лоцирано на границата на Леринско-костурската општина, припаѓајќи административно кон Костур. Тоа е едно од најголемите села на овие простори. Желево е сместено во подножјето на планината Бигла и се наоѓа на надморска височина од околу илјада метри. Тоа отсекогаш било чисто македонска населба Широкиот асфалтен пат што се искачува по ридот на северната страна на Костур, на само десетина километри, поточно откај патот што се дели за селото Д’мбени, продолжува кон Габреш, Дреновени и други села. Тие се македонски села, меѓутоа, најголем број од жителите се иселиле по Граѓанската војна. Сега тие се места каде се гледаат високите ѕидови на куќите со искршени прозорци и без покрив. Се јавува глетка што одава тага, страв и ужас. Застанавме на патот и ги гледавме куќите во кои зјаеја отворени долапи и искршени балкони кои тагуваат за своите стопани. Од таа тажна слика на минувачот му се крева косата и посакува што побргу да ја заборави, да исчезне. Таму чувствувавме како отворените прозорци да нѐ поздравуваат и ни кажуваат дека во минатото овде имало живот, а ѕидовите од старите македонски куќи плачеа заедно со урнатините и со бучењето на реката што одѕвонуваше во дивината за да нѐ потсетат на војните на Грамос. Од селото Габреш, од каде има бројни познати и признати бизнисмени како Стив Ставро, Џон Битов, Коста Ников и многу други, долго ја гледавме долината, потоа појдовме по патот кој води кон селото Желево, родното место на Лили Пљакас. Селото Желево е чисто македонско село, кое е лоцирано на границата на Леринско-костурската општина, припаѓајќи административно кон Костур. Тоа е едно од најголемите села на овие простори. Желево е сместено во подножјето на планината Бигла и се наоѓа на надморска височина од околу илјада метри. Тоа отсекогаш било чисто македонска населба. Меѓутоа, поради политичките и економските причини, голем број желевци се преселиле во прекуокеанските земји, Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија и други европски земји по Илинденското востание и Првата светска војна, но особено по поразот на Демократската армија на Грција во Граѓанската војна. Притоа, треба да се одбележи дека желевци биле активни со самото доаѓање во Канада. Според пишаните документи, уште во 1907 година тие го формирале благотворното друштво „Желево“ во Торонто. Сегашното спомагателно братство „Желево“, пак, било формирано на 1 октомври 1921 година. Тоа развило голем број активности, меѓу кои, во 1928 година била иницирана изградбата на познатиот Желевски дом. Улица во Желево Во 1929 година било создадено младинското друштво под име „Родина“. „Желевскиот дом“ бил повторно инициран во 1946 година и на 26 август истата година се купило место. Домот официјално е отворен на 10 јули 1948 година. Домот е сопственик на места за викендички, на голф игралишта и друг имот. Интересно е да се одбележи дека во „Желевскиот дом“ се одржал состанокот на кој се одлучило да се изгради Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто. За прв претседател на овој прв македонски храм во Канада беше избран познатиот македонски иселеник Спиро Сандер од Желево. Кога се пишува за селото Желево треба да се нагласи дека тоа е живописно планинско село сместено на патот Лерин-Костур. Таму, во планината Бигла, над селото, извира реката Бистрица што ја сече областа Корешта и се влева во Солунскиот Залив. Тоа е планинска река со мали водопади и пастрмки, чија вода се користи за наводнување на зелените и сочни ливади и плодните ниви од двете страни во подножјето на планината. На влезот на селото се сретнавме со таблата на која на грчки и латиница пишува Андартикон. Инаку, Желево е големо македонско село и самостојна општина на Леринскиот округ. Расположено е покрај самиот пат што води од Костур за Преспа и другиот крак кон Лерин. Според легендата старото село се наоѓало уште повисоко на планината на месноста Лазина. Селото е многу старо и се споменува во најстарите турски документи. Тоа одсекогаш било македонско и до денеска не претрпело никакви измени. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |