|
|
| Велигден – победата на љубовта и животот |
|
Велигден – победата на љубовта и животот Бог страдаше и воскресна поради Својата безмерна љубов кон човекот. Божјото доаѓање меѓу луѓето и воскресението имаат смисла единствено преку љубовта, а делото на спасението на човекот е невозможно без подвигот на љубовта. Украсувајќи го својот живот со вера, а срцето со чистота, да го исполниме благословот на светиот апостол Јован, кој вели: „Кој го сака брата си, тој е во светлината“ (1. Јн. 2, 10). Чеда, Македонци, верници – се наоѓаме во велигденскиот пост, период на духовна подготовка пред најголемиот христијански празник – Велигден, Воскресението на Исус Христос. Ова е време што нè потсетува на неизмерната Божја љубов кон човештвото и на повикот да го сакаме својот ближен со искрена и чиста љубов. Постот не е само воздржување од храна. Тој е и духовно прочистување – време кога внимаваме на зборовите, не мислиме зло, не озборуваме, не лажеме и ги почитуваме Божјите заповеди. Тоа е пат кон внатрешен мир и духовна зрелост. Има ли поубав празник од Велигден? Празникот над празниците, денот на победата на животот над смртта, на светлината над темнината. Велигден е празник што македонскиот народ го празнува со длабока вера, надеж и љубов. Велигденските пости продолжуваат – зад нас се Лазарова сабота и Цветници, а пред нас е Страсната седмица, време на тишина, покајание и молитва. По Велигден следи Томината недела, период на радост во кој не се пости, дури ни во среда и петок. Ова е време на смирение и преиспитување. Време кога треба да ги прочистиме своите души, да се приближиме кон Бога и да најдеме мир – и во себе, и меѓу нас. Нека верата нè обедини, нека љубовта нè води, а црквата нека биде место на помирување, разбирање и заедништво. Зашто без вера во Христовото воскресение, нема вистинска вера во Христа како Спасител. Како што јасно сведочи светиот апостол Павле: „Ако Христос не воскресна, празна е нашата проповед, празна е и вашата вера“. Затоа, да го дочекаме Велигден со чисто срце, со вера и со љубов – подготвени да ја примиме светлината на Воскресението.
|















