Среда, 02 Октомври 2024   
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (6)

1 1b

Од книгата „Македонија, мојот копнеж - Маноил Мане Јаковлевски“ дознаваме многу повеќе за животот и делото на човекот кој целиот свој живот го посветил на Македонија. Во неа можеме да прочитаме дека тој е роден на 31 јануари 1951 година во селото Зубовце, а не ден потоа, како што е забележано во книгите. Всушност, по препорака тој бил пријавен дека се родил на 1 февруари, а не на на 31 јануари. Исто така и дека името Манојил (Емануел), кое значи Бог е со нас, го добил по дедото на Делче, со цел да ја продолжи фамилијарната лоза. Повеќе за зимската идила која владееле на денот кога се родил, за радоста на родителите што добиле машко дете кое мислеле дека нема да ги следи чекорите на својот постар брат можете да прочитате во неговата конига, а ние овде ќе се задржиме на деловите кои го натерале за да замине од земјата, да го посвети целиот свој животна неа и да биде гонет од повеќе тајни служби. Авторот К. Кипровски пишувајќи за неговиот ран живот ќе забележи:

„Манојил детството го минуваше во Зубовце, играјќи со другарчињата низ сокаците и на блиските падинки. Во подрачното училиште во селото, ги стекна првите знаења и со успех ги заврши првите четири одделенија. Осумгодишно Училиште заврши во ЦОУ „Чеде Филиповски - Даме“, во соседното село Врапчиште. Пешачеше секој ден, по дожд и снег, сонце и ветер. Школувањето го продолжи во ЕМУЦ „Злате Малаковски“, во Гостивар, каде го заврши смерот машински техничар. Спортот го сакаше многу. Во слободното време играше кошарка и фудбал, со врсниците од училиштето и од селото. Имаше извонредни предиспозиции за кошарка. Еден период играше кошарка за КК „Маврово“ во Гостивар.

По завршувањето на средното училиште, Манојил се обиде да се вработи во многу претпријатија во Гостивар, бидејќи неговото семејство се наоѓаше во тешка финансиска состојба. На сите распишани конкурси поднесуваше молба за вработување и секогаш добиваше негативен одговор, без никакво образложение. Мајка му Рафаелка често одеше во фабриката „Силика“, кај генералниот директор Александар Ристовски, кој инаку беше вујко на Манојил, и го молеше да и го прими синот на работа, но тој од кој знае кои причини не и помогна. А сите млади од Зубовце и од околината беа вработени во „Силика“. Рафаелка и Делче се плашеа Манојил да не им замине на печалба, ако не му најдат работа, па тие да останат сами. И покрај тоа што Ристовски не и го вработи синот, таа не му се налути и тоа не ги наруши роднинските односи. Напротив уште повеќе се зацврстија и докрајот на нивните животи, обострано се почитуваа и се посетуваа.... Манојил и ден денес нема одговор на прашањето, зашто не беше вработен во „Силика“. Којзнае, причината можеби се наоѓаше во фактот што неговиот брат Гојко емигира во Германија и властите го прогласија за непријател на државата, или пак поради тоа што во фабриката веќе беше вработена сестра му Рајна.

Согледувајќи дека во земјата ќе има тешка иднина, како што бележи авторот, младиот Маноил се решава да замине од земјата на печалба во странство. Објансувајќи го стравот како ќе реагираат родителите, Маноил вели:

„Неколку денови по пречекот на Новата 1969 година, одлучив да заминам на печалба во Западна Германија. За мојата намера не знаеше никој, ја чував како најголема тајна, бидејќи знаев дека татко ми и мајка ми нема да ми дозволат“, се сеќава Манојил. Знаев дека тие ќе направат се, за да ме спречат. Отидов во Гостивар, во Заводот за вработување и побарав да ме запишат за работа во Западна Германија. Во пресрет ми излезе мојата прва сосетка, Веља Димитриевска, која работеше таму. Бев пресреќен и полн со оптимизам. Попладнето го поминав со другарите. Кога вечерта се вратив дома, татко ми беше многу лут. Веќе имаше разбрано за моето пријавување за работа во Германија. Само што влегов, почна да ми вика. Не знаев што да му речам, ја наведнав главата и цело време гледав во подот. Со повишен глас ме прашува: „Кажувај што бараше во Гостивар?“ Се обидував да не му ја кажам вистината, но остро ме прекина. „Кажи ја вистината?“ „Со другарите прошетавме низ градот, одамна се немавме видено“, му велам. Кога директно ме праша што сум барал кај Веља, се стаписав. „Мислиш дека нема да дознаеме, декас е подготвуваш да заминеш во Германија?!“ Молчев, ништо не проговорив, раскажува за овој немил настан Манојил.

Дознавањето дека синот се подготвува да замине на печалба, на Рафаелка и Делче тешко им падна. Соочувањето со вистината им нанесе голема болка. Цела ноќ око не склопија, размислувајќи како да го спречат да не замине на печалба. Едниот син, Гојко, им беше во странство, па затоа Манојила сакаа да го задржат, да остане со нив.

И на Манојил таа ноќ не му беше лесно. Пред да го совлада сонот, размислуваше како да ги среди односите со родителите, како да ги убеди да му дозволат да замине на печалба.

„Тие денови ми беа тешки како планина. Бев патријархално воспитан. Секогаш го почитував зборот на татко ми, секогаш бев внимателен кон родителите и послушен. За прв пат не се согласувавме. Не можам да си објаснам како дојде до тоа, сам да решам да заминам за Германија. Неочекувано се најдов меѓу чеканот и наковалната. Се обидував да најдам соломонско решение, и јас и родителите да бидеме задоволни и среќни. По бурната ноќ, татко ми следниот ден беше посмирен. Неочекувано ме повика да разговараме како возрасни луѓе, како татко и син", додава Манојил.

„Печалбата е тешка и неизвесна. Носиш одлука без да никажеш, без да побараш совет, да го слушнеш моето и мислењето на мајкати и заедно да донесеме одлука. Ние не ти мислиме лошо, поради тоа што те спречуваме, туку сакаме да најдеме решение да ти биде добро...", ми рече со помирлив тон татко ми. Внимателно го слушав и потоа му се извинив што без нивно знаење се запишав да одам на работа во Германија. Татко ми, кој беше многу мудар и итар човек, ми вели: "Оди малку со мајка ти кај брат ти, Гојко, во Германија, види како се живее таму, како се печалат пари, па потоа ќе решиме што ќе правиме.“

Предлогот го прифатив. По неколку дена, ми извади патна исправа и заедно со мајками, во средината на април 1969 година, со воз заминавме за Берлин. На испраќањето ни рече да останеме еден месец и да се вратиме. Не ни помислував дека ќе останам толку долго, но домашниот есап на пазар не излегува. Вториот ден од престојот во Берлин, почнав да работам кај брат ми Гојко во неговиот ресторан "Ново Скопје". Еден месец, ми помина како еден час. Бев настојчив да останам уште еден месец. Мајка ми си замина и ми дозволи да останам, но под услов брзо да се вратам. Целта ми беше да поработам уште неколку месеци, да спечалам пари за да си купам автомобил. Планирав да се вратам и да го продолжам школувањето. Меѓутоа, подобрите услови за живеење во Германија, повлијаеја да се откажам од првобитните планови. Решив да си ја испробам среќата во новата средина. И така наместо неколку месеци во Берлин останав 33 години....“

„Манојил во Западен Берлин пристигна во април 1969 година. Работи во „Ново Скопје", ресторан на неговиот 16 години повозрасен брат, Гојко. Брзо се вклопува во работата. На поредно со тоа го учи и германскиот јазик. Од спортот не се откажува, тренира карате и игра фудбал во македонскиот клуб „Илинден 903", кој тие години беше третиран како антијугословенски.“ – пишува К. Кипровски, за потоа да продолжи за лекциите по забранетата македонска историја во ресторантот „Ново Скопје“ и весникот „Македонска нација“, како и за љубовта која се развива кај Мане кон татковината.

„ ... Вистинската лекција за историјата на Македонија, ја научив во ресторанот "Ново Скопје", раскажува Манојил. "Во училиштата во СФРЈ, многу малку, односно воопшто не учевме за нејзината поделба, за нашите преродбеници, за војводите и комитите, кои се бореле и не ги жалеле животите за сопствената земја, за не зависна и обединета Македонија. Неколку години по доаѓањето во Берлин, поточно во 1971 година, станав член на ОКМ (Ослободителен комитет на Македонија), а од 1976 година бев член на ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија). Во 1972 година почна да излегува списанието „Македонска нација", на кое главен уредник беше Драган Богдановски. Се печатеше во Минхен. Брат ми Гојко беше меѓу главните финансиери. Списанието им го делевме на Македонците, кои имаа храброст да доаѓаат во нашиот ресторан. Всушност, тие беа патриотски ориентирани и ја поддржуваа идејата што ја ширеше „Македонска нација“. Сакаа да научат повеќе за сопствената, напатена Македонија и да ги надградат сознанијата за нејзиното минато", се сеќава големиот македонски патриот, на првите години по пристигнувањето во Западен Берлин.

Манојил, како што најблиските го викаат Мане, „Македонска нација“ ја дистрибуираше и во некои киосци на централното подрачје на градот, со помош на еден Австриец.

„Читајќи го списанието, научив многу за историјата на Македонија, за нејзината поделба, како и за тоа дека Македонците кои живеат во Бугарија, во Грција и во Албанија, ги немаат ни основните национални и политички права. Тогаш сфатив дека и за Македонците во Југославија не е сјајно, како што учевме во училиштата. Во Југославија не смееше слободно да зборуваш за поделбите на Македонија, а тие што ќе ја отвореа оваа тема, беа затворани, судени, прогонувани и етикетирани како членови на ВМРО, пробугарски ориентирани и како шпиони, кои работат за туѓи интереси. Неми беше јасно, зашто тогашните власти, татко ми Делче го смета за непријател на државата?!

Кога ги добив првите сознанија за овие теми, во мене се јави револт. Колку што повеќе ја дознавав вистината за Македонија, толку повеќе растеше револтот кон југословенските власти. За ова придонесуваа и секојдневните разговори со брат ми Гојко.

Исто така, големо влијание врз мојата свест имаа и редовните контакти и разговори со хрватските патриоти во Берлин, кои секојдневно зборуваа за проблемите на Хрватска. Кога согледав колку Хрватите беа ангажирани и работеа за својата Хрватска, тогаш кај мене се постави прашањето, зошто ние Македонците да бидеме толку заспани и зошто и ние да не започнеме да работиме, за да ја дознаеме и да ја афирмираме вистината за состојбата во која се наоѓаше наша тататковина, за состојбата на Македонците во соседните држави, кои беа обесправени, како и за фактот дека нашата земја одамна беше поделена на четири дела?!

Во 1973 година, се вратив во родното Зубовце и заминав на отслужување на воениот рок. Тоа беше желба на татко ми, кој постојано ме молеше да служам во ЈНА, за да и се оддолжам на државата и да можам непречено да си доаѓам во мојата Македонија.

Неговото инсистирање, да го отслужам воениот рок беше мотивирано од фактот што брат ми Гојко беше мигрант во Германија, а немаше служено војска. Поради тоа, целото наше семејство беше етикетирано како непријател на државата, а татко ми од некои беше наречен "татко на фашисти". Како родител сакаше да има спокој во душата и да ги демантира ваквите гласини.

Кога заминав во војска, мојата сопруга Славица беше бремена со првото дете. Како хранител на фамилија, според законот, служев една година. Воениот рок во ЈНА го започнав во Ниш, а кога го добија моето досие" наградно "бев испратен во Ластово, нај оддалечениот остров во Хрватска. Во касарната во Ластово, воениот рок го служеа сите казнети војници и офицери, како и оние кои имаа некакви врски со странство или пак нивен близок роднина живеше надвор од Југославија, во капиталистичките држави. По отслужувањето на воениот рок, кон крајот на јули 1974 година, Повторно заминав во Западен Берлин и продолжив да работам во ресторанот "Ново Скопје", раскажува Манојил....“

(продолжува)

Целата книга Македонија мој копнеж:

https://drive.google.com/file/d/1iCYJJXWCxHwU4QBowt7jBymD9VHMuvAO/view?fbclid=IwAR00xUlk9SOLzmKsvkZl0Rw4aDz0xnIwPP2f_Xq0jcku9QapmkdjpGsRtTM

 

На прво место

News image

Иако се сликаа во авионот носејќи го датумот за почеток на преговори со ЕУ, СДС не оддалечи уште толку од вратите на Уни

Откако го направија фамозното селфи во авионот од Брисел, Македонија е се подалеку од Европска...

Историја

News image

Наредба на Тодор Александров од 22 август 1922

Помошната организација во тие краеви, како и македонската рев. Организација е самостојна и непартиск...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО ПЕТРОПОЛИС – ЦЕНТАРОТ НА ПОРТУГАЛСКАТА ИМПЕРИЈА И БОГАТСТВОТО (3)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.