|
|
| КИРИЛ ДОНСКИ – БОРЕЦ ЗА НЕЗАВИСНА И ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА И ЕДИНСТВЕН ВИТЕЗ НА ПРОНАОЃАШТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА |
|
Александар ДОНСКИ Деновиве постхумно излезе од печат второто дополнето издание на книгата „Подвизи за славата на Македонија“ од магистер Кирил Донски (инаку чичко, постар брат на авторот на овој текст). Изданието е подготвено од неговиот син магистер Виктор Донски и истото е пополнето со досега необјавени податоци од бурниот живот на неговиот татко. Да потсетиме дека Кирил Донски бил учесник во НОБ, а потоа како командант војувал на Сремскот фронт, каде бил трипати ранет. За неговото учество во НОБ има добиено бројни одликувања и медалји. По војната бил заменик командант на Скопскиот воен аеродром, од каде заминал во воздухопловната академија во Панчево да се школува за воен пилот. Претходно, незадоволен од состојбата во Македонија и откажувањето на новата власт од Македонците од пиринскиот и од егејскиот дел на Македонија, Кирил, заедно со група офицери, на почетокот од 1946 година формирал илегална македонска организација која се залагала за независна и обединета Македонија. Организацијата била откриена, а нејзините членови биле уапсени и осудени на затворски казни, додека еден од нив бил стрелан. Меѓу осудените бил и Кирил, кој бил уапсен во Панчево и по судењето му бил одземен офицерскиот чин. Интересно е тоа што пресудата од страна на Воениот суд против Кирил Донски и неговата организација (и покрај интензивното барање) ја добивме дури пред неколку месеци од Воениот архив на Србија и истата во целост е вметната во ова второ дополнето издание на книгата. По излегувањето од затвор Кирил целосно се посветил на иноваторската дејност со која се занимавал уште како млад. За својот пронајдок Универзален комбајн со летечки работен орган, во 1962 година на светски познатата меѓународна изложба за пронајдоци „Еурека“ во Брисел, Кирил Донски освоил златна меделја. Тоа е првата златна медалја од областа на пронаоѓаштвото освоена од еден Македонец. Во 1998 година, Кирил заедно со Трајче Богатинов повторно учествувал на истата изложба Еурека со свој пронајдок, каде освоил сребрена медалја. Поради сето ова во 1999 година од страна на Кралската Белгиска комора на пронаоѓачи му е доделен Орденот за заслуги од областа на пронаоѓаштвото при што беше прогласен за ВИТЕЗ НА ПРОНАОЃАШТВОТО!. Кирил Донски е автор на над 40 патентирани пронајдоци од кои некои биле откупени, а за други интерес покажале и некои странски држави. Работниот век го завршил како универзитетски професор, а почина во 2013 година. Во тек е и подготовка на документарен филм за овој заслужен Македонец.
|

















