Има подадени раце што човек ги памети цел живот. Особено оние што ги примил во тежок час, кога иднината на неговата татковина била неизвесна.
Јас ја паметам подадената рака од Бугарија. Ги паметам луѓето, помошта и зборовите што тогаш ни даваа надеж. Токму затоа денешните блокади и оспорувања ме погодуваат толку длабоко.
Во 1991 година, заедно со покојниот Драган Богдановски, ги посетивме претседателот Жељу Желев и премиерот Димитар Попов во нивните кабинети. Од тие средби понесов зборови што останаа со мене до денес:
„Блиски сме и треба да си помагаме.“
Во тие зборови видов ветување дека Македонија ќе има сосед што ќе ја разбере нејзината борба да застане на свои нозе. Верував дека врз нив ќе градиме односи во кои ќе има место и за блискоста и за заемната почит.
На 15 јануари 1992 година, Бугарија прва ја призна Република Македонија како независна држава. Во време на неизвесност и надворешни оспорувања, тој чин ни значеше многу. Жељу Желев и тогашното бугарско државно раководство заслужуваат да бидат запаметени за таа одлука.
Кога Грција ја наметна економската блокада, преку Бугарија пристигнуваа нафта и неопходни стоки. Следуваше и воена помош. Таквата поддршка се памети, бидејќи доаѓала во мигови кога на Македонија ѝ била потребна.
Ги паметам и опасните разговори меѓу Милошевиќ и Мицотакис за прекројување на балканските граници. Во такви околности особено значеше ставот на Желев дека за судбината на Македонија не смее да се разговара без самата Македонија.

Години подоцна, по трагедијата во Кочани, бугарските лекари примија тешко повредени пациенти и се бореа за нивните животи. Зад секој од тие пациенти стоеше семејство што чекаше вест, се молеше и се надеваше. За таа човечност останува благодарност што политичките несогласувања не можат да ја избришат.
Токму затоа прашувам: како стигнавме од подадена рака до затворена европска врата?
Зошто државата што прва ја призна нашата независност денес го условува нашиот европски напредок со прашања што задираат во нашето национално достоинство?
Во чиј интерес е меѓу нашите народи да расте недоверба? Што добиваат семејствата од двете страни на границата од секое ново оспорување и од секоја нова политичка пречка?
Македонија има обврска да спроведува реформи, да ја зајакнува правната држава и да обезбеди еднакви права за сите граѓани. Нашите деца заслужуваат уредена и праведна земја. Заслужуваат и јасен европски пат по кој ќе напредуваат со своето знаење и труд, со слобода да кажат кои се.
Кога велите дека сме браќа, слушнете ме и кога ви зборувам за она што ми е најдраго:
Јас сум Македонец. Мојот јазик е македонски. Мојата татковина е Македонија.
Овие зборови ги изговарам со мирна совест и со длабока љубов. Во нив се мојот корен, споменот на моите предци и целиот мој живот. Во нив е и одговорноста пред моите деца и внуци — да им го пренесам она што сум го наследил и со што сум живеел.
Како да ги погледнам во очи и да им кажам дека за полесна иднина треба да премолчат кои се?
Сакам да им оставам отворени врати кон светот и слобода низ нив да поминат како Македонци.
Јас го почитувам правото на секој поединец во Македонија да биде Бугарин, доколку така се чувствува. Со истата искреност очекувам да го почитувате моето право да бидам Македонец, како и правото на секој поединец во Бугарија да биде Македонец, доколку така се чувствува.
Тоа е основата на секоја искрена блискост. Секој граѓанин во Македонија треба слободно да ја изразува својата национална припадност, без притисок и без страв. Истото право им припаѓа и на граѓаните на Бугарија што се чувствуваат и се изјаснуваат како Македонци.
Зарем не би биле поблиски кога секој би можел слободно да го изговори своето име, својот јазик и својата припадност? Довербата расте кога човек чувствува дека е прифатен со сето она што го носи во себе.
Бугарија може да го чествува Гоце Делчев, како и македонските великани што живееле таму и оттаму дејствувале за независна Македонија. Но чествувањето не дава право да се оспоруваат македонскиот идентитет и историската врска на македонскиот народ со овие личности.
Нивните имиња ги носиме во нашите домови, во нашите училишта, во спомените и во воспитувањето на нашите деца. Почитта кон нивното дело подразбира и почит кон народот што го чува нивното наследство како дел од својата историја и национална меморија.
Сакам Македонија да биде членка на Европската Унија. Сакам границите сè помалку да ги разделуваат семејствата. Сакам луѓето полесно да се среќаваат, да соработуваат, да создаваат и да се радуваат едни на други.
За мене тоа има и сосема лично значење. Во Бугарија живеат наши роднини. Сакам моите деца и внуци да ја продолжат таа семејна блискост, да се посетуваат и да ги чуваат врските што ги наследиле. Сакам на нашите семејни средби да зборуваме за животот, за децата и за убавите денови што ги очекуваме, ослободени од товарот на политичките условувања.
Таа иднина сакам да ја дочекаме како Македонци, со својот јазик, своето потекло и своето достоинство.
Поминаа многу години од средбите во 1991 година. Драган Богдановски повеќе не е меѓу нас. Но зборовите што тогаш ги слушнавме сè уште ги носам во себе:
„Блиски сме и треба да си помагаме.“
Сакам моите деца и внуци да ги доживеат тие зборови како вистина на своето време.
Затоа очекувам бугарските политичари да ги потврдат со дела. Да помогнат да се отвори патот по кој нашите народи ќе одат со поголема доверба и заемна почит.
Јас сè уште ја паметам подадената рака. Сакам утре и моите деца и внуци да имаат причина да ја паметат.