|
||||
Петре Богданов – Кочко |
Петре Богданов – Кочко (12. III 1913 – 22. II 1988) е македонски композитор, оперски пејач (тенор), учесник во НОБ. По Ослободувањето е еден од петтемина први организатори на музичкиот живот во Македонија. Најголем придонес има во основањето на Операта на МНТ, а вршел и други општествени функции. Петре Богданов – Кочко е роден на 12 март 1913 година во Скопје. По матурирањето во родниот град, студирал на белградскиот филозовски факултет и напоредно слуша музички предавања, оформувајќи се како композитор и како соло пејач. Во 1938 година го завршил наставничкиот отсек на музичкото училиште. Во Белград се вклучил во напредното студентско движење, каде се задоил со револуционерни и слободарски идеи. Тоа го води младиот музички уметник во редовите на НОБ уште од првите денови на борбата за слобода. За време на Втората светска војна Кочко бил во Одделот за агитациона пропаганда при ГШ на НОВ и ПОМ. Во периодот септември-декември 1943 година, тој бил одговорен за организирање на првите училишта на македонски јазик. Во 1944 година, бил испратен во Егејска Македонија за да ги координира акциите на локалните партизани од Егејска Македонија со грчкото движење на отпорот. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ. По Ослободувањето, Кочко имал бројни уметнички и општествено-политички задолженија. Тој е еден од петтемина први организатори на музичкиот живот во земјата. Тој бил директор на Средната музичка школа и главен музички уредник на Радио Скопје, потоа основач и солист на Операта и нејзин директор од 1957 до 1962 година. Кочко бил и еден од основачите на Здружението на композиторите на Македонија и неколкупати негов претседател. .Композиторскиот опус на Петре Богданов – Кочко опфаќа бројни вокални – инструментални, хорски и камерни творби, соло песни и музика за деца, маршеви и масовни песни. Меѓу хорските творби се истакнуваат „Бригадата иде“, „Мајка Угра“, „Љубов“, „Непокорени“, „Везилка“ и „Тажачка“. Кај забележливите соло песни се потсетуваме на насловите „Ранета птица“, „1903“, „Тага за југ“, „Трепет“ и „Јужна рапсодија“. Неговиот опус од над стотина композиции од најразличен вид е вграден во македонската музичка култура. Кочко има голем придонес во основањето на Операта на МНТ. Заедно со другите основачи на Операта на МНТ, Кочко директно учествувал во подготвувањето и изведувањето на првата оперска престава во МНТ на 9 мај 1947 година – „Кавалерија рустикана“. Тој во подготовките бил хор мајстор, заедно со Тодор Скаловски и Стефан Гајдов, а на премиерата толкувач на главната улога Туриду. Во трајно сеќавање останале и неговите ликови на Алфред во „Трафијата“, Канио во „Палјачи“, Марио Каварадоси во „Тоска“, Родолфо во „Боеми“, Дон Хосе во „Кармен“ и Јеник во „Продадена невеста“. Кочко својот допринос бил наградуван повеќекратно. Исто така тој е носите на Партизанска споменица 1941, како и на други бројни високи одликувања. Петре Богданов – Кочко починал на 22 фебруар 1988 во Скопје. Подготвил: Т.К. |