|
||||
Атанас Атанасов – Божанин |
Атанас Атанасов – Божанин (1921 – 10. V 1975) е македонски партизан, учесник во антифашистичкото движење во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија. Бил партизан во ЕЛАС, потоа во Петричкиот партизански одред „Антон Попов“, а накрај заменик командант на бригада во НОВ. Учествувал на Првото, Второто и Третото заседание на АСНОМ. Во својот поздравен говор на Второто заседание на АСНОМ ги пренел желбите на македонскиот народ од Пиринскиот дел на Македонија за обединување во една македонска национална држава. Атанас Великов Атанасов е роден во 1921 година во Петрич. Бил партизан од јануари 1944 година во ЕЛАС, потоа во Петричкиот партизански одред „Антон Попов“, а накрај заменик командант на бригада во НОВ. Со наредба на ГШ на НОВ и ПОМ од 17 септември 1944 година во близина на селото Митрашинци - Беровско, на планината Плачковица е формирана 50-та Македонско Народно Ослободителна Дивизија на НОВЈ во чиј состав влегле 4та, 13-та и 14-та МНОУБ. На истиот ден е формирана и 14-та Македонска народноослободителна ударна бригада „Димитар Влахов“, а во неа на позиција заменик командант од 23 април 1945 до крајот на војната, бил токму Атанас Атанасов. Атанас Атанасов – Божанин учествувал на сите три заседанија на АСНОМ. На Второто заседание ги пренел желбите на македонскиот народ од Пиринскиот дел на Македонија за обединување во една македонска национална држава. Во 1949 година бил уапсен од „Државна безбедност“ во Петрич по што поради своите македонски национални определби, е обвинет дека бил агент на УДБА и агитирал за присоединувањето на Пиринска Македонија кон НР Македонија, односно кон тогашната федерација Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ). Тој бил затворен и осуден од бугарските власти за време на Резолуцијата на Информбирото. Атанас Атанасов – Божанин починал на 10 мај 1975 година во Петрич. Подготвил: Т.К. |