На прво место

Цер ги чува спомените за војводата Узунов и неговата чета

a_42

a_42Жителите на селото, гости и стотина ученици од Охрид и од Другово, чии училишта го носат името на Христо Узунов, им оддадоа почит на комитите.

За десетина минути по тесниот пат полн со дупки, кој се одделува од регионалниот пат Кичево – Демир Хисар – Битола, пристигнавме во револуционерното село Цер. Местоположбата е извонредна. Куќите наредени како бисер на висорамнината се со архитектура која плени. Координатите се следни: на источниот дел е Церското поле, од северната страна е подножјето на планината Баба Сач и планината Лубен, а на јужната страна се простира селото Цер. На надморска височина меѓу 990-1.050 метри има над стотина куќи, повеќето сочувани, обновени, но и нови градби изградени на височинка. Во Цер доцни пролетта. При нашиот престој на 24 овој месец, кога се одбележуваше 109-годишнината од херојската смрт на големиот македонски револуционер, Христо Узунов и неговите 12 комити, церани ни рекоа дека се’ уште ги палат ќумбињата. Дождот и ниските температури се постојани, а луѓето велат дека тоа е знак оти годинава ќе биде бериќетна.

a_67
a_65

Жителите на селото и гости од Битола, Гостивар, Охрид, Кичево, стотина ученици од Охрид и од Другово, чии училишта го носат името на војводата Христо Узунов, положија свежо цвеќе на споменикот на војводата и оддадоа почит на комитите кои почиваат во заедничката гробница: Христо Узунов од Охрид (27), Пецо Георгиев од Битола (24), Јордан Иванов од с. Годивје (26), Бојче Павлев од с. Миокази (35), Славејко Савинов од Охрид (23), Иван Марков од Враца, Бугарија (23), Крсто Георгиев од с. Вранешница (35), Милан Симеонов од Тетово (22), Урош Костадинов од с. Пласница (20), Јованчо Стефанов од с. Ораовец (22), Ѓорѓија Влавот од Струга, Ванчо Србаков од с. Вранешница и Јонче Спасенов од с. Дворци.

a_106

„Две години по Илинденското востание, Христо Узунов и неговата чета дошле во Цер ноќта меѓу 23 и 24 април. По целодневна борба со надмоќната турска војска, не сакајќи да се предадат бидејќи немале муниција да ја продолжат борбата, последните куршуми ги оставиле за себе и извршиле самоубиство во куќата која била цел на Турците“, беше речено на комеморацијата.

Шеесетгодишниот Зоран Дуртаноски го замоливме да не’ однесе да ја фотографираме куќата во која храбриот војвода и неговите комити сами се застрелале.

„Од куќата нема никаква трага. Може да го сликате местото каде што има изникнато багрем и зелена трева. Повеќе од половина век куќата е срамнета со земја“, ни рече Дуртаноски.

Инаку, според кажувањата на постарите, куќата била сопственост на Костадинка Ѕуновска. Била изградена од камен, а четата на Узунов ја одбрала бидејќи била најпогодна за комитите да се засолнат од нападите на турскиот аскер и да го следат неговото движење.

Церани ги чуваат спомените за храбрите комити. Го чествуваат денот на самопожртвуваниот подвиг кога сите до еден се застрелале само да не паднат живи во рацете на Турците.

a_73

Иницијатива за изградба на спомен-куќа за четата на Узунов, автентична на онаа што постоела, одамна е покрената и секоја година се возобновува. Меѓутоа, како што ни рече претседателот на Месната заедница, Драган Дуртаноски, се’ уште ја немаат поддржано надлежните институции. Селаните сакаат да ја изградат, меѓутоа немаат средства. Но, не губат надеж дека еден ден можеби ќе се случи и тоа. Тогаш и чествувањето ќе биде подостоинствено.

Низ селските асфалтни патеки имаше раздвижени луѓе, а пред портите на куќите, на припекот на сонцето си разговараа повозрасни лица, жители на селото и нивните гости кои беа дојдени на чествувањето. За време на викендите и кога се прославите во селото има доста народ, доаѓаат поранешните жители и други гости. Тука постојано живеат 70-ина лица, претежно пензионери, додека младоста одамна се иселила. Мештаните велат дека не паметат кога имало рожба, или свадба во селото.

„За викенди и за празници постојано доаѓам во Цер, а и дел од одморот го минувам во родното место“, ни вели Благоја Бурески, кој живее во Кичево.

Претседателот на МЗ, 77-годишниот Драган Дуртаноски, вели дека затворањето на погонот за мермер пред неколку години и немањето можности за вработување ги принудило младите да се иселат во Охрид, Кичево, Битола, Скопје, а мал број заминале на печалба и во странство. „Селото има одлична местоположба и услови за развој на сточарството и земјоделството, па иницијативите на церани треба да се поддржат за да станат реалност и да се поврати животот во селото“, вели Дуртаноски.

Тој го напуштил селото на 13-годишна возраст, а се вратил пред 15 години. Долги години живеел и работел во неколку градови во Македонија, а 10 години во Аузбург, Германија, каде што имал свој ресторан.

„Во Цер купив куќа, земја, изградив штали за добиток и заедно со синот Зоран и внукот Спиро одгледуваме над 200 овци, 30-ина молзни крави и 10-ина телиња. Задоволни сме од бизнисот и планираме постојано да ги зголемуваме стадото овци и бројот на кравите. Проблеми со пласман на сточарските производи немаме, а и заработката е добра“, вели Драган.

На разделбата ни рече дека единствен проблем за жителите на Цер е немањето лекар, а амбулантата е постојано затворена. Прават напори барем еднаш до двапати во неделата да ги посетува лекар, за да не мора жителите само за настинка да патуваат по триесетина километри.

a_38

a_76

a_79

a_82

a_80

a_84

a_58Текст и фотографии: Киро Кипроски

Најново од: На прво место

Пророштвата на Голем Александр (Александар Македонски) – видението за вековите и иднината на Македонија

Во Венеција во 1845 година јеромонахот Атанас Македонец го објавил „Пресказание на Голем Александр“ (Александар Македонски), пренесувајќи старо претскажување што, според прологот на книгата, било пронајдено при ископување во Вавилон, во златна кутија, а потоа преведувано на повеќе јазици. Возбудливо видение што му се припишува на Александар Македонски. Текстот е подолг, но вреди да се […]

30 септември: Македонски историски, културен и црковен календар

На 30 септември се сеќаваме на настани што оставиле трага во образованието, новинарството и политичката историја на Македонија. 1903 – Разговори за реформи во Македонија По задушувањето на Илинденското востание, на 30 септември започнале разговорите меѓу рускиот цар Николај II и австроунгарскиот император Франц Јосиф. Тие довеле до Мирцштегската програма, со која двете држави предложиле […]

Ја поделија Македонија, а посегнаа и по нејзината историја

Во 1913 година не ја поделија само македонската земја. Пресекоа семејства, населби и духовни средишта. Потоа посегнаа и по македонското минато — по владетелите, револуционерите, јазикот, културата и паметењето на народот. Но државната граница не е сопственички лист врз историјата! Со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година била утврдена поделбата на Македонија меѓу Грција, […]

Аларм во општина Врапчиште: Жителите остануваат без вода за пиење и по цели денови

Ако институциите со години не можат да го решат овој проблем, граѓаните од Полог апелираат до премиерот Христијан Мицкоски лично да провери каде е заглавен „Равен – Речица“ и да побара конкретен план за негово завршување. Речиси десет години по потпишувањето на договорот и по исплатени 808.768.339 денари, односно приближно 13,1 милиони евра, Полог сè […]

29 септември: Македонски историски, културен и црковен календар во границите на етничка Македонија

На 29 септември денот носи спомен за војните и отпорот против окупацијата, но и за луѓе чие дело се простира далеку надвор од родниот крај. 1918 – Во Солун е потпишано примирјето со Бугарија По пробивот на Македонскиот фронт, Бугарија на 29 септември потпишала примирје со сојузничките сили во Солун. Договорот предвидувал повлекување на бугарските […]

Мицкоски со критики кон СДС, Радичевски со проекти за Брвеница

На митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница, премиерот Христијан Мицкоски говореше за односот на опозицијата кон владините политики, а кандидатот за градоначалник Стојанчо Радичевски ја претстави својата програма за општината. Мицкоски се осврна на критиките што, како што рече, СДС ги упатил претходниот ден во Брвеница за инвестициите, рударството, дата-центрите и насоката во која се движи […]

Висок екс функционер на Заев и Ковачевски под радарот на Јавното обвинителство

Предметот на интерес на истрагата на Јавното обвинителство се наоѓа во членка на ЕУ Неофицијално, од извори во правосудството expres.mk дознава дека се води предмет против екс претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен од времето на Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Според неофицијалните податоци […]

На ВМРО-ДПМНЕ му одговара Филипче на чело на СДС

На ВМРО-ДПМНЕ можеби ѝ одговара Венко Филипче да остане претседател на СДС. Но на граѓаните и на Македонија не им одговара опозиција која на секоја критика одговара со навреди наместо со идеи. За раководството на чело со Филипче, се чини, секој разговор надвор од партиските рамки е закана. Секој што ќе ја оспори насоката во […]

To top