На прво место Дијаспора

Се одржа 52. Црковно-народен собор во Чикаго

Славе Катин

Славе Катин

Од 4 до 6 септември 2026 година, за време на празнувањето на Денот на трудот во САД, во Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго, Илиноис, се одржа 52. Црковно-народен собор на Американско-канадската македонска православна епархија. Со богослужбите чиноначалствуваше надлежниот архиереј, митрополитот г. Методиј, во сослужение со бројни свештеници од САД и Канада.

Традиционалните соборски манифестации во САД и Канада се одржуваат секоја година во првата недела од септември, за време на продолжениот празничен викенд по повод Денот на трудот. Тие траат три дена и се исполнети со богати црковно-духовни, културно-просветни и спортски содржини.

Соборот претставува извонредна можност епархиските и црковно-општинските органи да ги поддржат, поттикнат и помогнат позитивните процеси за натамошен развој на секциите при црковните општини, неделните училишта на македонски јазик, македонските играорни групи, хоровите, драмските активности, женските секции, спортските екипи и сите други здружени творечки сили. Сите тие придонесуваат за зајакнување на македонските православни цркви и на Епархијата во целина.

Овогодишниот Црковно-народен собор беше продолжение на претходните 51 собор, кои низ годините се одржувале во различни градови во САД и Канада. Овие собири имаат големо духовно, културно и национално значење за Македонците во Северна Америка.

Формирањето на Епархијата – светол датум за Македонците

Според историските документи, Американско-канадската македонска православна епархија била формирана на 12 септември 1981 година. Тоа е светол датум за Македонците во САД и Канада.

Во Македонската православна црква „Свети Димитрија“ во Рочестер, во сојузната држава Њујорк, митрополитот г. Кирил ги потпишал документите со кои било означено законското регистрирање на Епархијата. На настанот присуствувале видни личности од македонските заедници, свештени лица и американски адвокат.

По одржаната молитва во храмот „Свети Димитрија“, во хотелот „Американа“, каде што се наоѓала канцеларијата на адвокатот, со потписите на архиерејот и на архиерејскиот заменик, првпат надвор од границите на Македонија била законски регистрирана и признаена епархија на Македонската православна црква.

Во тој период Епархијата ја сочинувале петнаесетина црковни општини, со десетина парохиски свештеници. Со тоа таа станала нераскинлив дел од мајката Светиклиментова црква во Македонија.

Веста за регистрирањето на Епархијата брзо се проширила преку средствата за јавно информирање и била објавена во македонските, американските и канадските медиуми. Посебно внимание на овој настан му посветил њујоршкиот дневен весник „Тајмс Јунион“, на чии страници биле објавени информации за законското регистрирање на Епархијата, постоењето на Македонската православна црква и на македонската нација во целина.

Духовен и национален стожер на Македонците

Денес една од најзначајните активности на Американско-канадската македонска православна епархија е Црковно-народниот собор, чија традиција започнала во средината на седумдесеттите години од минатиот век. Првиот собор се одржал во Торонто во 1976 година.

Во рамките на Епархијата досега се отворени повеќе од 30 цркви и два манастира, во кои служат триесетина македонски свештенослужители. Нивен надлежен архиереј е митрополитот г. Методиј.

Историјата на македонската емиграција во Соединетите Американски Држави е исполнета со примери на пожртвуваност, единство и љубов кон татковината. Меѓу најзначајните духовни и национални симболи на Македонците во Америка се македонските православни храмови. Тие со децении претставуваат места каде што се чуваат верата, јазикот, културата и традициите на македонскиот народ.

Еден од најпознатите храмови е Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго, која денес претставува вистински стожер на македонското православие во Соединетите Американски Држави.

Од своето основање до денес, црквата „Свети Кирил и Методиј“ не е само место за богослужба. Таа е центар на македонскиот духовен, културен и општествен живот. Во неа се организираат верски празнувања, културни манифестации, прослави на националните празници, училишни активности и бројни настани што ги обединуваат Македонците од сите генерации и од сите делови на етничка Македонија.

Богата духовна, културна и спортска програма

На овогодишната соборска манифестација, во големата сала на Македонската православна црковна општина „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго, се одржа младинска игранка. Во рамките на програмата беа организирани и турнир во мал фудбал, седница на Епархиското собрание на Американско-канадската епархија на МПЦ-ОА, вечерна богослужба и смотра на македонските играорни групи.

Последниот ден се одржаа финалните натпревари од фудбалскиот турнир, како и Божествена литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Американско-канадски г. Методиј, во сослужение со свештенослужители од Епархијата. Вечерта беше приредена забава за младите Македонци од САД и Канада.

Црковно-народниот собор на Американско-канадската македонска православна епархија повеќе од половина век ги потврдува единството и традициите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Јустинијана Прва, како и цврстата поврзаност на македонската заедница во САД и Канада.

Особено треба да се нагласи драгоцената мисија на македонските свештеници во САД и Канада, предводени од митрополитот г. Методиј, надлежен архиереј на Американско-канадската македонска православна епархија на МПЦ-ОА. Тој, заедно со свештениците и активистите од македонските здруженија, е целосно посветен на обединувањето на македонскиот народ во САД и Канада, каде што живеат Македонци од сите делови на етничка Македонија.

Настаните од 52. Црковно-народен собор ќе останат запаметени како незаборавни мигови на духовност, заедништво и македонско единство. Соборот овозможи бројни средби, дружења и нови познанства меѓу Македонците од многубројните македонски православни црковни општини во САД и Канада.

Најново од: На прво место Дијаспора

Филипче ја кодоши државата што сè уште ја нарекува своја?

Филипче бара од евроамбасадорот Рокас одговор дали Францускиот предлог и прифаќањето на уставните измени биле предавство. Но, одговорот не треба да го бара од Брисел, туку од македонскиот народ, пред кој има политичка одговорност. Кога политичката немоќ ќе ја надвладее политичката одговорност, тогаш и успехот на сопствената држава почнува да се доживува како личен пораз. […]

Мицкоски: Македонија продолжува со реформите, очекуваме дополнителни 75 милиони евра од ЕУ

Македонија останува посветена на европската интеграција, конструктивниот дијалог и исполнувањето на реформската агенда, со очекување за дополнителна финансиска поддршка од Европската Унија. Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствува на самитот на Европската Унија посветен на државите од Западен Балкан, на кој преку дијалог, размена на мислења и заедничка дискусија се отвораат значајни прашања за иднината на […]

ОМД ги заврши тридневните средби во американскиот Конгрес за зајакнување на македонско-американските односи

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) успешно ги заврши тридневните средби со членови на американскиот Конгрес, претставници на нивните кабинети и Конгресната библиотека во Вашингтон, посветени на прашања од особено значење за македонско-американската заедница и зајакнувањето на односите меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Проширување на Македонската конгресна група Еден од главните приоритети на средбите беше проширувањето […]

Филипче со лекции за сегашноста, а без одговори за минатото?

Следејќи ги политичките настапи на Венко Филипче, се наметнува едно суштинско прашање: дали политиката се сведува само на критикување на актуелната власт или подразбира и преземање одговорност за сопственото политичко минато? Филипче во своите настапи зборува за тоа како требало да се постапува, што требало да се направи и што не требало да се дозволи. […]

Мицкоски на средба со Македонците од Србија – границите не го делат чувството на припадност

Македонскиот јазик, културата, традицијата и националното чувство се нераскинлива врска со татковината, без разлика на државните граници и географската оддалеченост. Премиерот Христијан Мицкоски оствари средба со Македонците од соседна Србија, упатувајќи порака за значењето на единството, меѓусебната почит и зачувувањето на македонскиот национален и културен идентитет. Македонците во Србија, како и Македонците насекаде во светот, […]

Во 2028 Скопје ќе биде Европска престолнина на културата

За нешто повеќе од една година, во 2028 година, Скопје ќе ја добие можноста да се претстави пред Европа и светот како Европска престолнина на културата. Ова е значајно признание за македонската престолнина, но и голема можност за афирмација на македонската култура, историја, традиција и уметност на европската културна сцена. Титулата Европска престолнина на културата […]

Македонскиот фестивал на културата во Williamstown ги обедини Македонците во Викторија

Како што е познато во Австралија секоја година се одржуваат фестивали на храната и масовно се прифатени од Македонската заедница во било кој град да се одржуваат. Во Викторија, Фестивалот на македонската култура во Вилиамстеон е секогаш со радост дочекуван затоа што е место каде се слави нашата култура, традиција, јазик, оро и песна. Токму […]

Друштва и асоцијации на македонските иселеници во САД од 2000 година до денес

Македонците во Соединетите Американски Држави се организирани во македонските православни цркви и во различни друштва и асоцијации. Така, според делото „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, во период од 2000 –та година до денес се формирани голем број македонски друштва и друг вид асоцијации во САД. Овие значајни македонски асоцијации […]

To top