ВМРО-ДПМНЕ реагира на изнесените ставови на СДС за состојбата со пензискиот систем, порачувајќи дека наместо да се создава страв кај пензионерите, треба да се погледнат бројките и редовноста на исплатата на пензиите.
Според ВМРО-ДПМНЕ, пензионерите денес имаат конкретни резултати што можат да се измерат со бројки, а не со дневнополитички обвинувања.
„За помалку од две години пензиите се зголемени за околу 7.000 денари, што е значително повеќе од зголемувањето од 540 денари во првите две години од мандатот на СДС“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во периодот од јуни 2017 до јуни 2019 година пензиите биле зголемени за 540 денари, додека во периодот на владеењето на СДС повеќе од 200.000 пензионери примале пензии под 14.000 денари.
Партијата ги отфрла и тврдењата за финансиска нестабилност на пензискиот систем.
„Додека СДС зборува за наводна финансиска нестабилност, пензиите продолжуваат да се исплаќаат навремено, а државата ги обезбедува потребните средства за функционирање на пензискиот систем“, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека пензискиот систем не се финансира исклучиво од тековните придонеси и дека, кога е потребно, средства за исплата на пензиите се обезбедуваат и од државниот Буџет.
„СДС да не се грижи – пензискиот фонд е стабилен“, порачуваат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо ширење страв и политички конструкции, опозицијата треба да се соочи со бројките и да направи споредба меѓу положбата на пензионерите денес и во периодот кога СДС и ДУИ беа на власт.
„Денес, со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пензиите се зголемени, исплатата е редовна, а државата ги обезбедува потребните средства за пензионерите“, се додава во реакцијата.
Од партијата на крајот порачуваат дека пензионерите заслужуваат сигурност и достоинствен живот, а нивната егзистенција не треба да биде предмет на дневнополитички пресметки.