„Илустрација на споменикот посветен на Македонците кои својот нов дом го најдоа во Полска, според најавата за свеченото откривање во Полице.“

Петро Алексовски, кој живее и твори во Полска, е автор на споменикот, на документарниот филм „Македонецот“ и на изложбата „Мајко мила“.
На 19 ноември 2026 година, во 11:00 часот, на гробиштата во Полице, Полска, ќе биде свечено откриен споменик посветен на Македонците кои не се вратија во својата татковина, а својот нов дом го најдоа во Полска.
За време на Граѓанската војна во Грција (1946–1949), илјадници Македонци, меѓу кои и многу деца од Егејска Македонија, беа принудени да ги напуштат своите домови и да заминат во Полска и во други европски земји.
Полице стана еден од најголемите центри за згрижување на македонските деца бегалци во Полска. Таму престојувале околу 1.800 македонски деца, далеку од своите родители и од родниот крај.
Споменикот е посветен на сите Македонци кои не се вратија во својата татковина и кои новиот живот го започнаа во Полска.
Свеченото откривање ќе се одржи на 19 ноември 2026 година, со почеток во 11:00 часот, на гробиштата во Полице, на адреса ul. Tanowska 8.
Покровители на настанот се Амбасадата на Република Македонија во Полска и Општина Полице.
На свеченоста е најавено присуство на:
- амбасадорот на Република Македонија во Полска;
- директорот на Управата за Македонците од дијаспората (УМД) од Скопје;
- претставник на Здружението за промоција на македонската култура во Полска;
- претставници на властите на градот Полице.
Главни спонзори се Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Maria i Marian Błaszczak од Полска.
Да се сеќаваме. Да ја чуваме историјата. Да им оддадеме почит на сите наши сонародници кои новиот живот го започнаа далеку од татковината.
