Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема
љубов за живот човечна
у виа гради аргатски?
Нема ли срце, нема ли
срце – на срца срцето,
срце – ширини широко
срце – длбини длбоко –
цел свет да збере, па да е
за виа гради малечко?
Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите –
ден слнце вишен високо
ден – море ширен широко,
слнце да запре, да стои
и времето зачудено:
срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвора
и шири ширно широко –
целиот свет да загрне!
Бели мугри, Загреб, Самобор, 1939.