
Панде Манојлов
НА СЕВЕР НИШТО НОВО
Ај, мајката,
ај, стопанкина му,
ај, пустињата…
Роден беше дедо ми,
во турско, 1892,
и никогаш не му дадоа
ни крстениче,
ни тескере…
Тој знаеше што е,
но војни како војни,
кој дојди така пиши го:
едните Грк,
другите Србин,
третите Бугарин,
четвртите Југословен…
И сите тескере му даваа,
сите војнички униформи,
сите и име и презиме
му менуваа
а, тој,
само своето си го признаваше!
И султани смени,
и кралеви смени,
и цареви
и претседатели
и маршали смени
а тој ист си остана:
ЈАНЕ МАНОЛЕ
нѐ, граѓанин,
туку селанец
и земјоделец
на својата земја –
МАКЕДОНИЈА!
Ај, мајката,
ај, стопанкина му,
ај пустињата,
сиктер сите,
така до крајот на животот
велеше!