Саво Костадиновски
И ЈАС СУМ ИСТОРИЈА
Историја е мојата комитска лоза
а јас нивни потомок „борец” со перо в рака,
така е штом гените спотнуваат гордост
да бидам горд како срцето што сака.
Перото ми е пушка огнобојка
штом зборот грми најсилен е екот,
секоја песна е моја војвотка смела
таа ја множи вистината на векот.
И јас сум историја на моите претци
илинденци, комити и АВНОЈ – ци славни,
тоа ми сведочи на мојот борбен дух
сѐ возможен да постојам со моите зборови јавно.
Но кога мислата ме разнесува ко ‘рскот на бомба
и кога би крвавел од смелоста на стихот,
нема да престанам тоа што сум
во светлина пак ќе гледам, а не во мракот.
Соборец ќе бидам, ќе македонствувам
пред светот ќе ја кажувам вистината,
завети ќе оставам и на потомци идни
како и тие да ја негуваат македонштината.