
Пушчил ми Кузман Кареман
дваица млади сејмени,
на Гурчиново бачило
Гурчина да го прашаат:
али е Мурат поминал,
али е назад останал.
Ако е назад останал,
б`рго абер да донесат!
Појдоа двајца сејмени,
Гурчина си го прашаа:
– Деј гиди, Гурчин кеаја!
Кузман здрав-живо ти пушча,
те моли право да кажиш
али е Мурат заминал,
али е назад останал?
Гурчин му вели, сборува:
– Слушајте, двајца сејмени!
Не ми е Мурат заминал,
току е от ваз по-назад,
овде му ручек нарача.
Ние му ручек готвиме,
под онаа сенка ладовна,
на онаа трева зелена,
кај онаа вода студена;
тува ке Мурат пладнува!