Песни за Македонија

Тешкото (песна)

teskoto

teskotoТешкото е песна на Блаже Конески (1921 – 1993) македонски академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и лингвист, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје.

Повод да ја напише песната „Тешкото“, една од најубавите песни на Конески, а секако и воопшто напишани на македонски јазик, му дало орото „Тешкото“, што поетот за прв пат видел како се игра во Прилеп1942 г. без музика, (според сведоштво на самиот автор). Песната ја напишал 1946, а ја објавил 1948, во збирката песни „Земјата и љубовта“. Орото „Тешкото“ го играле печалбарите од мијачкиот крај, во мигови на разделба со своите најблиски, или за Петровден, кога се враќале во родниот крај заради свадбите на своите блиски роднини. Ниедно друго оро од нашата богата фолклорна ризница, не го отсликува така мачното минато, длабоката тага и копнежот за слобода на Македонците.

Осумдесетте стихови од песната „Тешкото“ се распоредени во десет строфи, а секоја од строфите има по осум стиха. Сите стихови имаат по дванаесет слога, освен завршниот (осмиот) стих од секоја строфа, кој има пет слога. Сите стихови се римувани, а римата е вкрстена (првиот со третиот, вториот со четвртиот стих). Песната има строг ритам, кој ѝ дава посебен белег, а застапен е амфибрахот (трисложна ритмичка целина, кај која акцентот паѓа на вториот слог).

(О – теш-ко)-(то!- Зур-ли)- (штом –ди-во)- (ќе –пис-нат), /12
(Штом – та-пан) -( ќе – грм-не) –(со – под-зе)-(мен – е-кот),/12
(Во- гра-ди)-(ве –зош-то) –(жал –лу-та) –(ме –стис-ка),/12
(Во –о-чи)-(ве—зо-што)—(на-ви-ру)-(ва –ре-ка)… /12
(- / – ) (- / – ) (- / – ) (- / – )

Вака би изгледал шематскиот приказ на четирите трисложни ритмички целини од секој стих, при што ненагласените слогови би ги бележеле со цртичка (-), а нагласените (акцентираните) со коса црта (/). И овде исклучок прават последните (осмите) стихови од строфите, кај кои среќаваме амфибрах и јамб: (да – не – пу)-( шти – вик). /5 или: ( стег-на-ти)-(от – ред), а шематски вака би изгледало: (- / -) (- /)

Песната започнува со апострофа, со болниот крик на поетот : О тешкото!… и бурата од емоции што кај него ги предизвикуваат писокот на зурлите и ритамот на тапанот, кој „грмнува со подземен екот“. Поетот, во градите чувствува како „жал лута“ го „стиска“, а во очите му „навирува река“, а тој се обидува да ги сокрие солзите, превземајќи низа активности, кои ги реди без употреба на сврзници, при што употребил асиндет:

„…да превијам раце, да прекријам лик –
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.“

Во наредните две строфи, поетот го слика орото следејќи го ритамот на тапанот. На чело на орото се фаќаат старците, со замислен поглед, достоинствени, воздржани, загрижени и со „влага“ во очите, а „ првиот чекор по меката трева / е мирен и бавен, со задржана тага…“ Но, кога „ ’рзнува“ тапанот, во нивниот поглед светнува „молнија“ и „ напред се пушта, се стрелка, се слева стегнатиот ред…“ Како се забрзува ритамот на тапанот,„ До старците момци се фаќаат скокум;“ Тие се млади , полетни , полни со енергија… со себе носат нови идеи и бунтовни мисли. Користејќи се со анафора, Конески ја прикажува нестрпливоста, енергичноста и непомирливоста на младите: не издржа срце – сив сокол во клетка,

не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!

За поврзаноста на орото со „ земјава наша“ , поетот говори во четвртата строфа. Во него, со „исконска сила“ се вткаени „на реките зборот“, завивањето на ветерот,шепотот на зрелите житjа и мирисот на летните вечери. Поетот користејќи полисиндет, а во првите три стиха и анафора, ја зголемува напнатоста во песната: „и во него шуми на реките зборот,

и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.“

Во орото „Тешкото“ е вткаена „душата“ на народот… за тоа поетот говори во петтата строфа. Болката од вековните ропства е испреплетена со мечтите за „радосна челад, за слободен свет“.

Во стиховите од наредните три строфи,поетот пее за симболиката на орото. Гледајќи ги фатени еден до друг таткото и синот, до дедото внукот, со наведени глави, пред неговите очи од „маглата матна“ испливува синџир од робје, чија свирка е „на прангите ѕвекот“. Поетот го обзема огромна тага, преживувајќи ги сликите од вековното ропство, па поставува реторски прашања:

„кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!
Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?“

Осмата строфа,поетот ја завршува со констатација дека орото е синџир од робја од „калеши моми и невести ред“, што ги грабнал „насилникот клет“.

Орото е „синџир од робја“, сè дури народот не излегол во „листена гора“, па со „јадот од векови собран“, поведува борба за конечна слобода. Орото во деветата строфа се претвара во „бујно, бунтовничко оро“, кое се лула „низ крвје и оган“. Во последната строфа, Конески се пренесува во сегашноста. Кога по нашите села, во слобода повторно ќе го види орото, тој чувствува „жалба“ и не е чудно „солза да потече врела“. Во последните стихови, поетот Конески му се обраќа на својот народ и му предвидува светла иднина:

„Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој! “

Најново од: Песни за Македонија

За Андон Дончевски – наша гордост и жива легенда

Легендата на црвено-црните Од Кавадарци тргна, по скопската трева, со секој негов гол публиката се крева. Со грбот на Вардар и со срце свое, на теренот беше стрелец што победи брои. Двесте и седумнаесет пати мрежата ја затресе, секој негов удар нова радост донесе. Со оган во градите, со молња во чекорот, остави трага во […]

Песна за Гоце

Автор: Венко Марковски Горо ле сестро ајдушка Горо ле, мајко јуначка Зошто ле горо, зашуми Кога ни ветре не дувна? Дал ми те јунак наминал Со стара верна дружина? Дал ми те некој проколна За вековечни времиња. Ил ми те нешто исплаши, Исплаши памет помами? Горо ле, не трај – прозбори, Тешка ми рана отвори. […]

Чуварот на македонскиот копнеж

Посветено на Мане Јаковлески Од убавото Зубовце, под Шара што спие, тргна едно момче со младост во гради. Но во туѓина, каде германски дожд лие, за родниот крај нешто во него врие. Тргна нови соништа да гради. Во Берлин далечен, сред туѓото сивило, Маноил силно го чуваше пламенот свет, пламенот што растеше сè поголем и […]

11 – ти Октомври

11 Октомври Од тешкиот покров на ропската ноќ се роди крик, се роди моќ. Во Прилеп град, под Маркови кули, се разбуди секој што ропство го куди. И Куманово во слободарска зора запали оган што надеж отвора. Пукна првата пушка, одекна глас: „Доста е ропство, дојде нашиот час!“ Не за туѓи круни, не за туѓи […]

Љубов за мојата родна земја

Заминавме со куфери полни со тага и надеж, преку сини мориња, кон далечни, туѓи градови. Таму сонцето нема ист топол сјај, а ноќите се студени како непознати прагови. Но колку и да нè водат патиштата низ светот, македонскиот корен и во туѓа земја никнува. Во Мелбурн, Детроит, Торонто, среде Европа, па и на крајот од […]

Лирско писмо за Волф Ошлис

Саво Костадиновски Волф Ошлис (29 септември 1941, Кенигсберг – 18 август 2026) бил германски славист, македонист, политиколог, публицист и еден од најголемите странски пријатели и афирматори на Македонија. Германскиот славист, македонист, политиколог, публицист и универзитетски професор Волф Ошлис повеќе од половина век го проучува и го афирмира македонскиот јазик, историјата и културата. Во време кога […]

ВТОРАТА МАКЕДОНСКА УДАРНА БРИГАДА

На 20-от декемвриски ден, во 1943 лето, во Егејот долу, во Фуштани село, близу до Сопота града, се роди Втората македонска ударна бригада. Се исполни планот на Кузман и Ченто, протестираше генералот Вукмановиќ – Темпо. Бригадата ја сочинуваа неколку стотини борци, командантот е Туриманџоски Димче – Горски. Низ тиквешко поле, бригадата оди, многу борби со […]

Светлината од Скопје

Посветено на Мајка Тереза Мајка на светот, со срце од чисто злато, родена во Скопје, во скромно, мило јато. Од калдрмата стара, каде детството извира, таа тргна по пат што цел свет го вселува. Во Калкута далечна, сред болка и глад, им служеше на сите – и на старец и на млад. Во секое паднато […]

To top