
Панде Манојлов
Ме турнаа на дното,
под дното,
во пеколот
ме турнаа Моите,
длабоко закопан
во моите идеали…
Ми ставија
сечило од `рѓосана кама
на гркланот,
полн револвер сиромаштија
на левата страна
до срцето…
Си го гледав ликот
во огледалото на смртта,
но пред мене беше,
секогаш високо
пред мене беше –
Татковината!
И кога
и тоа не им помогна,
ме врзаа пред прозорецот
во занданата
да ја гледам Реката
во која истекува мојот род…
Да ги гледам возовите,
автобусите,
авионите,
бродовите,
полни неповрат
со Македонци!
И да ги чувствувам нив,
моите апсанџии
од Мојот род
летнатти слепи
во височините
на силата и моќта …
Не издржа
душата:
ја снема во мене,
ја нема, Нема,
засрамена од срамот
на сопственото ропство.