Дијаспора

Атанас Близнаков – Најголемиот донатор од дијаспората

slave-katin-3

slave-katin-3
СЛАВЕ КАТИН

ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИ ВО СВЕТОТ

Животот на Атанас Близнаков започнал на 15 декември 1901 година во познатото револуционерно село Д’мбени, Костурско, во егејскиот дел на Македонија. Селото во кое се родени плејада предвоени македонски борци и интелектуалци, меѓу кои, Лазар Поп Трајков, Лазо Москов, Лазо Трповски, Ташко Караџа и други кои се бореле за афирмација на македонските идеали.

Во Илинденското востание имал само дваесет месеци кога турскиот аскер навлегол во селото и кога неговата мајка Доча во својата прегратка го однела во планината да го спаси од Турците, а неговиот татко Иван, заедно со другите мажи од селото, им се приклучил на востаничките чети кои се бореле за слобода на родната Македонија. По балканските колежи и Првата светска војна, како последица на лошите економски и политички услови, голем број Македонци, особено од Костурско, Леринско, Битолско, Преспанско, Воденско и од другите краишта на поделена Македонија, побарале спас, напуштајќи ја родната земја и своите најблиски и заминувајќи во белиот свет.

Еден од нив бил и Атанас Близнаков, кој на 19-годишна возраст, во цутот на младоста, ја вкусил горчината на емигрантскиот живот. Тој во 1920 година го напуштил родниот крај и тргнал во потрага за подобар живот по белиот свет. Од родителскиот дом го понесол сознанието дека го гони немаштијата, но го понесол и единственото чувство дека е Македонец, дека ќе остане тоа на кој и да е дел на земјата и дека пак ќе се врати во својата Македонија.

dmbeni
Д’мбени пред сто години

Новата страница од интересниот животен пат на Атанас Близнаков започнала на 16 декември 1920 година, кога пристигнал во САД, во градот Медисон, во државата Илиноис, каде што веќе имало македонска колонија. Таму првпат се вработил како фабрички работник без знаење на англискиот јазик. По една и пол година се населил во Гери, Индијана, град што е сместен на езерото Мичиген, а кој во тоа време се развивал во индустриски центар. Таму, во Железарницата во Гери, еден од големите гиганти на тие простори, работел цели 34 години, се’ до денот кога бил пензиониран.

За сето време во САД, деловноста на Близнаков се состоела од купување на недвижнини и акции. Потоа, за вложување на стекнатото било потребно следење на целокупната економска состојба, како и знаење и умеење, особини коишто тој ги поседувал.

Времето во туѓина му поминувало многу брзо и по петнаесет години печалбарски живот, се вратил во родниот крај, каде што се сретнал со својот животен сопатник, Славка, млада и убава девојка од Д’мбени. Го одбрал својот животен вистински другар, кој во период од шеесет и три години била постојано со него, го храбрела, живеела со неговите идеи и заеднички копнееле за Македонија. Потоа повторно заминал за Гери и засекогаш го оставил своето родно Д’мбени. Ги оставил сите убави и горчливи денови поминати во родниот крај, кога во Д’мбени, живееле над илјада Македонци, и со тага зборуваше за денешното Д’мбени во кое пустелијата и утките го заменија детскиот џагор и селската врева.

Иако најголемиот дел од своето постоење го минал во емиграција, Близнаков до крајот на својот живот остана со проблемите на Татковината. Тој не се покажа како обичен печалбар, туку како личност што настојуваше да навлезе во суштината на македонската слобода, убава и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што се издигна над времето во кое живееше. Во целиот свој животен пат делбата на Македонија ја сфаќаше како трагедија и погуба за македонското дело. Затоа со формирањето на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”, тој беше убеден дека ќе даде драгоцен придонес за Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, за македонскиот народ и за Македонија, а во исто време тоа ќе претставува поттик и инспирација за идните генерации во иселеништвото и пошироко.

Во текот на Втората светска војна, Близнаков, заедно со други македонски патриоти преку МАНС (Македонско – американски народен сојуз), морално и материјално ја помагал народно – ослободителната борба на македонскиот народ. По Војната Атанас Близнаков бил претседател на Комитетот за помагање на изградбата на Интерната клиника на Медицинскиот факултет во Скопје, што бил формиран во градот Гери, Индијана, САД. Таа акција беше окончана со успех и денес на Клиниката во знак на признание, стои ознаката за големата помош и љубов на македонските иселеници кон својата земја и својот народ.

gary

Голема беше желбата на Атанас Близнаков да ја посети Македонија, да види како се остварени неговите идеали. Желбата му се оствари за прв пат во 1958 година, кога со сопругата Славка го посети Скопје. Си замина со надеж дека повторно ќе дојде. Повторно дојде во 1968 година и учествуваше во прославата на Илинденските свечености.

По враќањето во Америка кај Атанас Близнаков се роди мислата и желбата дефинитивно да се врати во Македонија. За сето време беше опседнат со идејата да направи нешто со што ќе може на некој начин да и помогне на својата татковина, на својот народ што толку многу го сакал. Така се роди мислата за основање на Фондацијата „Атанас Близнакоф” за стипендирање студенти од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Во 1976 година дефинитивно се насели во Скопје и покрена иницијатива за основање на Фондацијата. Фондацијата „Атанас Близнакоф” при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје има свој Статут по кој работи. За остварување на целите и задачите на Фондацијата се грижи Управен одбор чиј претседател е ректорот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а потпретседател е авторот на овие редови како постојан член на Фондацијата.

Првите стипендии се доделени на 10 студенти, за постепено таа бројка да се зголеми на 50 студенти. Заклучно со учебната 2014/2015 година стипендија имаат добиено околу 250 студенти. Мнозина од нив, по дипломирањето, се вклучија во образовниот процес на Универзитетот како асистенти, доценти и вонредни и редовни професори.

Голема благодарност од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и од студентите и почит кон починатите Атанас Близнаков и неговата сопруга Славка Близнакова. Затоа, име „Атанас Близнаков“ го носи Домот за посдипломци во Скопје.

atanas-bliznakov-kniga

Атанас Близнаков почина на 10 јули 1998 година во Скопје, Универзитетот, на донаторот и големиот хуманист, му е вечно благодарен и неговото име го зазема почесното прво место на Спомен плочата на донатори, изработена во знак на почит и благодарност кон сите кои дадоа значаен придонес во создавањето и развојот на творечкиот подем на Универзитетот.

Во издание на Универзитетот, во 2000 година, излезе од печат монографијата Атанас Близнаков (живот и дело) на македонски јазик од авторот на овој текст. По тој повод, на Универзитетот се одржа свечена седница на Советот на Фондацијата н која зедоа учество членовите на Управниот одбор на Фондацијата – „Атанас Близнакоф” членовите на Управниот одбор на Фондацијата “Петар Стаматов”, членови на Ректорската управа, претставници од министерствата за образование и наука, за култура и надворешни работи, Матицата на иселениците од Македонија, тогаш Агенцијата за иселеништво, Македонската православна црква, студенти – стипендисти и роднини и пријатели на Атанас Близнаков и Петар Стаматов. На оваа седница се изврши и промоција на монографијата Атанас Близнаков.

Во монографијата за Атанас Близнаков се прави обид да се фрли светлина врз неговиот животен пат, со посебна нагласка на неговата донаторска дејност. Трудот е компониран во пет дела, во кои секој има по повеќе глави, претставувајќи хронолошка и тематска заокружена целина, иако во основа тие меѓусебно се надоврзуваат и се дополнуваат.

Атанас Близнаков почина на 10 јули 1998 година во Скопје, Универзитетот, на донаторот и големиот хуманист, му е вечно благодарен и неговото име го зазема почесното прво место на Спомен плочата на донатори, изработена во знак на почит и благодарност кон сите кои дадоа значаен придонес во создавањето и развојот на творечкиот подем на Универзитетот.

Покрај донаторската активност Атанас Близнаков се занимавал и со публицистика. Ги објавил овие трудови: Д’мбени (монографија за селото) и Спомени за националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада, како и статии и интервјуа во дневниот печат, на радиото и телевизијата.

Атанас Близнаков долги години активно соработуваше со Матицата на иселениците во Македонија, со Македонската православна црква и со други невладини организации.

За своето големо дело Атанас Близнаков е одликуван со Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, од тогашното Претседателство на СФРЈ, го добил највисокото републичко признание наградата “11 Октомври”, потоа со Плакета на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, со Плакета на Одборот на децата бегалци од Егејска Македонија, како и многу други плакети и благодарници.

По повод 2000 години од христијанството, Министерството за иселеништво (сега Агенција за иселеништво), на истакнати поединци, асоцијации, клубови и добротвори (дарители) и луѓе кои на најразличен начин помагале за афирмација и нарпедок на Република Македонија и македонството воопшто, им додели медали “Св. Климент Охридски”, “Св. Јован Кукузел” и плакета “Јустинијана Прима”. Прв добитник на медалот “Св. Климент Охридски” беше Атанас Близнаков.

ukim

Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, одбележувајќи на 112 – годишнината од раѓањето на Атанас Близнаков, искажува голема благодарност на донаторот на Фондацијата со најголем број стипендисти на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, кои беа материјално помогнати своите студии навреме да ги завршат.

Големината на неговата заложба ја следеа и други донатори, како што се Петар Стаматов од САД и Константин Стојанов од Франција.

Атанас Близнаков со неговата сопруга Славка живееше во Скопје повеќе од дваесет години (1976-1998). Во тој период Близнаков публикуваше две книги. Првата е ,,Д’мбени и револуционерното минато во Костурско”, издадена од Издавачката куќа ,,Мисла” од Скопје во 1982 година, а втората е ,,Националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада”, што ја издаде ,,Култура” од Скопје во 1987 година.

Книгата за неговото родно село Д’мбени има цел да ја запознае младата генерација со активностите, дејноста, корените и животот на Македонците од Костурскиот крај, кои, не по своја вина, се распрскани насекаде по светот, но со душата се врзани со дедовската земја.

Во второто дело ,,Националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада” го презентира македонското иселеништво, особено првата генерација доселеници во САД и Канада. На многу жив и наративен начин го дава интегрирањето на македонското иселеништво во новата средина, организирањето на македонските друштва и клубови, весници, организации и црковни општини. Книгата, всушност, е пресек на историјата и збиднувањата на македонските доселеници во САД и Канада.

Близнаков има објавено и поголем број текстови во информативни гласила во САД и во Македонија, особено во списанието ,,Македонија”, гласило на Матицата на иселениците од Македонија, сега на Министерството за иселеништво, во весниците ,,Нова Македонија”, ,,Вечер”, ,,Студентски збор” и во други гласила со кои тој остана приврзан до крајот на својот живот.

Исто така, во овој дел се поместени наградите и признанијата на донаторот Близнаков, библиографијата на објавените текстови, користена литература и регистар на имињата.

lazar-pop-trajkov-i-tasko-karadza

Во трудот се поместени голем број фотографии, факсимили на документи од асоцијациите каде што Близнаков членуваше, писма и други материјали кои треба да придонесат за поцелосно запознавање на неговата многустрана значајна личност. Авторот се трудеше да ги зафати позначајните моменти од животот на овој доблесен иселеник, за кого постојано ќе навираат спомени, а најмногу ќе се потсетуваат студентите – стипендисти на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”, за неговото хумано и патриотско дело зашто тој останува да живее во историјата на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, на македонското иселеништво, на македонскиот народ и на Република Македонија.

———————————–

Материјалот е објавен во делови во монографијата за Атанас Близнаков, од Славе Николовски – Катин, во издание на Ректорат на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и тогашното Министерство за иселеништво на РМ – Скопје, 2000, 1-336.

Најново од: Дијаспора

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

Дијаспората заборавени од историската слика за 8-ми септември

Идејата за самостојна Македонија не се роди непосредно пред референдумот во 1991 година. Таа долго живееше меѓу македонците во дијаспората, дури и кога јавното залагање за независност можеше да донесе прогон, затвор и уништен живот. По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од создавањето на самостојната македонска држава, под покровителство на претседателката […]

Европратеничката Ирена Јовева – бранител на македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Европската Унија е наднационален и меѓувладин сојуз на европски држави. Под ова име е основана во 1993 година, со Договорот за Европската Унија, познат како Договорот од Мастрихт. Сепак, голем број нејзини институции и механизми постоеле и претходно, врз основа на договорите што датираат уште од 1951 година. Активностите на Европската Унија опфаќаат бројни области […]

To top