Култура и туризам

Месење на „сваќа“ (погача) – Свадбени обичаи од Мариово

mesenje-pogaca

mesenje-pogaca

Истото девојче што го месело тестото ја месело и сваќата во неделата изутрина. Тестото се месело без сол и квас. Наместо тоа му се клавало шеќер за да бидат благи сватовите и младоженците. Од тестото се правеле разни фигури на животни: куче, маче, глувче, теле, ждребе, јагне, јаре, змија, гуштер, ластовиче, гугутка и др. па се ределе на „сваќата“ одозгора. Пред да се испечела, се шарела со шупелката од зетот, одозгора се редела со шеќерчиња во разни бои. Кога се месела сваќата се пеела песната:

Сваќа ми се верно моли

Сваќа ми се верно моли:

– Золвички, мои сестрички,

убаво да ме месете,

месете ме, шарете ме,

убаво наредете ме,

оти ќе ода далеку

да не се смеат сватови,

сватовите и сваќите.

(„Сваќи“ се месат и кај двајцата сватовци).

Плетење на венецот.

Бршланот за плетење на венецот го берел малиот девер уште во петокот Бршланот обично се наоѓал во планинските места по високите дрвја. Венецот го заплетувало истото девојче што го замесило тестото. Тој се плетел на една лозова прачка свиткана во обрач и се врзувал со ѓувезен конец. По исплетувањето на бршленот се сечеле резанки од јаболко и се редел еден ред. По доплетувањето одозгора му се клавале пафти што ќе треба да ги даде свекрвата како дар на невестата. Преостанатиот бршлен се собирал во сито и се качувал кај столбот на куќата. За време на плетењето на венецот се пееле песните:

Блазе таа мајка сина шчо родила

Блазе таа мајка сина шчо родила,

кога се родило се се радувало,

кога се женило се си поканила,

она поканила три гори зелени,

прва гора носи бела перунига,

втора гора носи белата лозница

трета гора носи зелениот бршлен,

она да си свитка зелениот венец,

кога ќе испрати китени сватови,

венец да испрати по малиот девер

да и го предаде на млада невеста.

Вило моме три зелени венци

Вило моме три зелени венци

први венец, моме, од бела лозница,

втори венец, моме, од бели босилок,

трети венец, моме, од зелени бршлен.

Се повали дрво бршленово

Се повали дрво бршленово

зиме, лете се зелено стои,

на есен ми ж’то цвеќе цвети

а на зимо црно грозје раѓа,

на пролет ме берат две-три моми

а на есен по пет, по шест моми.

Истите песни се забележани речиси по сите села од овој крај.

По доплетувањето венецот го заигрувале. Најнапред на танецот се фаќало девојчето што го заплело. Тоа го кревало венецот на глава, а потоа се фаќале другите девојчиња што го плетеле. На танецот не се фаќале да играат девојчињата што се сираци за да не умре некој од младоженците и да не му останат децата сираци. За играње им свирел гајдаџија. Играле само право и напред, за да им бил прав патот на младоженците и да им одела напред работата. Девојчињата на танецот секогаш се фаќале по седум, девет или единаесет. Кога тие играле, еден од деверите запалувал во двете раце по една свивка `ржаница. Со запалената `ржаница на три пати ја потпалувал танчарката во нозете. Со тоа се горела магијата (ако некој му направил такво нешто на венецот). По тој обичај ги вкрстувал двете раце со се `ржаница – левата рака одоздола, десната врз неа. Левата рака со `ржаницата ја претставувала невестата, а десната – зетот. Кога `ржаницата посилно горела тој бил посреќен. Кој факел побрзо ќе догорел, тој бил посреќен. Во играњето на венецот му се пееле песните:

Вила се лоза вила се

Вила се лоза, вила се,

околу града Перкова,

околу кале Марково,

вило се моме, вило се,

околу рода голема,

голема рода мајкина,

мајкина рода таткова.

Венче здравче љубовниче         

Венче здравче љубовниче,

љубат ли те мали моми,

љубат, љубат как не љубат

зиме лете се зелено стои,

а на есен црно грозје раѓа.

По доигрувањето на венецот тој веќе не се оставал на земја ниту насамо. Девојката го повикувала помалиот девер за да му го даде. Таа на три пати го повикувала деверот да и` плати за плетењето и чувањето на венецот. Деверот не смеел да откаже од плаќањето но тој и велел: „Убаво ти прилега, носи го додека да појдеме кај невестата, таму ќе ми го предадеш“. Девојката се смеела со него: „Знам мене ми прилега, туку ти немаш пари да ми платиш за носењето“. Деверот тогаш вадел од ќесето пари и ги покажувал. Девојката се насмевнувала и повторувала на глас: „Кога ти велев дека немаш пари, што се тие пари? Со нив и овдека не можеш да си го откупиш венецот“. Тој вадел до три пати пари од ќесето и ги давал на девојката. Таа му го давала венецот. За цело време додека да и` го предаде на невестата, деверот го носел венецот на главата.

Од книгата „Македонски обреди и обредни песни“, од Милан Ристески, Скопје 1985.

Марко Китевски

Најново од: Култура и туризам

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

Марко Цепенков – човекот што го зачува македонското народно богатство од заборав

На 7 ноември 1829 година е роден Марко Цепенков, еден од најзначајните македонски собирачи на народни умотворби, писатели и етнографи. Со својата долгогодишна и посветена работа оставил непроценливо наследство за македонската култура, јазик и народна традиција. Неговата собирачка дејност започнала во 1856–1857 година, поттикната од учителот и преродбеник Димитар Миладинов. Средбата со Миладинов му дала […]

Стенчевска тврдина и Тумба: богато археолошко наследство во Полог

Колаж од археолошки цртежи на монети, накит и други предмети пронајдени во Стенчевската тврдина.   Над селото Стенче се издигаат остатоците од стар утврден град, а во неговата околина се наоѓа неолитска населба чии почетоци се поврзуваат со животот на овој простор пред околу 8.000 години. Заедно, овие локалитети сведочат за богатото културно и историско […]

Ланга и Голо Брдо – камени кули, планински предели и културно наследство што заслужува да се открие

Камените куќи на Ланга, природните убавини на нејзината околина и богатата традиција на Голо Брдо во кое културата и природата се доживуваат заедно. Ланга, на албански Llangë, административно припаѓа на единицата Стеблево во општина Либражд. Селото привлекува внимание со својата положба меѓу шумите и карпестите падини, но особено со впечатливите камени градби што му даваат […]

To top