Историја

Борбите за македонскиот престол

makedonski-vladeteli

makedonski-vladeteliВо периодот по убиството на Архелај до владеењето на Филип II, во Македонија шест години се водат династички борби кои ја ослабуваат моќта на македонската држава. Првите три години владее Аероп II (ок. 396–393) како регент на малолетниот Орест, син на Пердика II. Во овој, релативно мирен период за Македонија, Аероп воспоставува внатрешна стабилност со поддршка од македонските благородници.

По неговата смрт, престолот го наследува неговиот син Павсаниј. Според ковањето на монетите од 394/393 п.н.е., Павсаниј извесно време владее со Аминта II, наречен Малиот, а по една година на власт доаѓа Аминта III, синот на Аридај.

Аминта III (393/392–370/369) се жени со Евридика (ќерката на Сира, благородник од Пелагонија), со која има три деца, идните македонски цареви: Александар II, Пердика III и Филип II.

Во овој период западната граница на Македонија е на удар на илирските племиња кои, под водство на Бардилис, навлегуваат и ги ограбуваат горномакедонските области. Македонските владетели имаат постојани врски со тесалските аристократи и воено им помагаат со намера да ја прошират својата територија.

Така, во еден период, Аминта успева голем дел од северна Тесалија да постави под свој протекторат, а кога тиранинот Јасон од Фера ја освојува Тесалија, Аминта со него склучува политички договор. Во ова време Аминта склучува воен и економски сојуз со Халкидичкиот сојуз на педесет години, но договорот набрзо е раскинат затоа што Халкидичкиот сојуз не само што не и` помага на Македонија кога е нападната од Илирите, туку и ја напаѓа, па дури и навлегува во Пела.

Аминта бара помош од спартанските хоплити, кои го напаѓаат Олинт (382 г. п.н.е.), зашто овој најмоќен халкидички град влегува во сојуз со Теба и со Атина и претставува опасност не само за Македонија, туку и за Спарта. Спартанците, заедно со коњаниците на Аминта и на Дерда од Елимеја војуваат се` до 379 г. п.н.е., кога Олинт се предава; според мислењето на Исократ, спартанците не водат сметка за панхеленските интереси, туку војуваат и гинат (загинува спартанскиот басилевс и неговиот брат) во полза на македонскиот владетели.

Со обновување на Атинскиот поморски сојуз, Македонија станува главен снабдувач на дрвен материјал за бродоградба, што е причина Атина и Македонија повторно да влезат во сојуз, пред се` да склучат трговски договор.

Македонскиот владетел зема учество на општиот собир свикан во Спарта (371 г. п.н.е.) каде што го признава правото на Атина да владее со Амфипол.

По смртта на Аминта III, македонскиот престол го наследува дваесетгодишниот Александар II, најстариот од трите сина на Аминта и на

Евридика. Александар продолжува да води војна во Тесалија и ги освојува градовите Лариса и Кранон. Политички пресврт настанува кога Теба на чело со Пелопида ги истиснува македонските војски од Тесалија.

По смртта на Александар II, македонскиот престол го освојува Птолемај од Алор и кој, веројатно, имал поддршка и од Евридика. Како гаранција за воениот сојуз, Теба зема триесетина заложници од Македонија, меѓу кои е и Филип II, најмалиот син на Аминта III. Идниот голем цар Филип II Македонски во Теба поминува три години, тука добива хеленско образование и се обучува во славните тебански воените вештини и стратегии.

Птолемај од Алор, како старател на Пердика и на Филип, владее се` до 365 г. п.н.е., кога на власт доаѓа Пердика III, кој го враќа Филип од заложништво. Новиот владетел воспоставува добри односи со Теба, за што е прогласен за проксен и евергет (пријател и добродетел). Пердика има добри односи и со Атина, а учествувал и во воени дејства на страната на Атина за повторно освојување на Амфипол, Потидаја и други градови на Халкидик. По промената на политичките прилики, Пердика III се свртува против Атина и во 359 г. п.н.е. го освојува Амфипол.

Во исто време Илирите, предводени од стариот војсководител Бардилиј, напаѓаат на Орестида и Пердика загинува во битка со четири илјади македонски војници (359 г. п.н.е.). Во овие кризни моменти за македонската држава, Македонското собрание за нов македонски цар го прогласува Филип II, најмалиот син на Аминта III.

ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Уредник: Проф. Д-рТодор Чепреганов

Автори:

проф. д-р Анета Шукарова

проф. д-р Митко Б. Панов

проф. д-р Драги Ѓоргиев

проф. д-р Крсте Битовски

акад. Иван Катарџиев

проф. д-р Ванче Стојчев

проф. д-р Новица Велјановски

проф. д-р Тодор Чепреганов

Најново од: Историја

Тајниот македонски комитет – основан 1885 година во Софија

Во втората половина на XIX век, во време кога Македонија била изложена на силни и меѓусебно спротивставени пропаганди, меѓу македонската интелигенција се појавуваат организирани обиди за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и црковната самостојност. Еден од најзначајните такви рани обиди бил Тајниот македонски комитет во Софија. Формирањето на Тајниот македонски комитет Тајниот […]

Владеењето на Александар Македонски со провинциите Лидија и Карија

Историјата на Јонците покажува дека тие постојано го чувствуваа јаремот на туѓинецот како товар. Тие не се караа, туку ја почитуваа слободата како најголем благослов. Записот на Приен од третиот век ни дава благороден израз на оваа идеја кога вели: „Нема поголемо нешто за античкиот грчки човек од слободата“. На прашањето како Александар Македонски ги […]

Беличица во пламен – трагедијата од 19 септември 1944 година

На 19 септември 1944 година селото Беличица, во Горна Река, станало место на една од најтешките и најтрагичните борби во последните месеци од Народноослободителната војна во Македонија. Во нерамноправниот судир меѓу борците на Третиот тетовски партизански одред и многубројните балистички сили загинале 21 партизан, а по завршувањето на борбата биле убиени и 17 жители на […]

Зошто Македонија низ историјата била делена – и зошто борбата за нејзината историја трае и денес?

Македонија со векови се наоѓала на крстопатот меѓу Истокот и Западот, на простор низ кој минувале војски, трговски патишта, империи и интереси. Но зошто токму Македонија толку долго била предмет на војни, поделби, пропаганди и спротивставени историски претензии? И уште поважно: колку Европа знаела за сето тоа и зошто интересите на големите сили толку често […]

20 септември 1944: Во Софија се пишувало за правото на самоопределување на македонскиот народ

На 20 септември 1944 година, во период на крупни политички и воени промени на Балканот, во Софија било објавено пишување во весникот „Отечествен фронт“ во кое се говорело за правото на самоопределување на македонскиот народ и за значењето на АСНОМ. Документот, зачуван во збирка поврзана со Павел Шатев, претставува значајно сведоштво за политичката атмосфера непосредно […]

Дабничкиот масакр: крвавиот 19 септември 1942 кај Прилеп

На 19 септември 1942 година, во месноста Дабнички Завој, меѓу Прилеп и селото Дабница, се случил еден од најтрагичните настани од периодот на Втората светска војна во Македонија – Дабничкиот масакр. Настанот бил кулминација на повеќедневна акција на бугарските окупаторски власти против населението од Дабница и прилепските учесници и поддржувачи на Народноослободителното движење. Дабница – […]

Брз економски развој во Мала Преспа и голем отпор на населението против асимилацијата

Во периодот од 1926 до 1930 година во Мала Преспа бил забележан брз развој, особено во изградбата на нови куќи. Голем број луѓе кои по Грчко-турската војна заминале на печалба низ светот им испраќале значителни суми пари на своите семејства, а кога се враќале во родните села, со себе носеле и голем дел од заштедените […]

Почеток на битките на Александар Македонски во Мала Азија

Почеток на битките на Александар Македонски во Мала Азија Дел од романот „Александар Велики (Македонски)“ од Улрих Вилкен, во превод и приспособување на Славе Николовски-Катин – I дел Несомнено, како генерал на Лигата, првата должност на Александар Македонски била да ги ослободи античките грчки градови во Мала Азија од персискиот јарем. Меѓутоа, сè што било […]

To top