Македонски легенди

Виктор Аќимовиќ

viktor-akimovik

viktor-akimovik

Виктор Аќимовиќ (15. V 1915 – 21. XII 1987) е македонски деец, публицист, новинар, фотограф и филмски документарист. На 19 години имал свој весник ,,Тетовске Новине“. Во 1939 година го издава весникот ,,Јужна Стварност“ со кој јавно се спротивставува на српскиот академик, д-р Никола Вулиќ, кој го негира постоењето на македонскиот народ. Соработува со Коста рацин, Павел Шатев и учествува во НОВ, а потоа е жртва на комунистичкиот режим. Добитник е на повеќе награди за фотографија и документарен филм. Живот на Виктор, познат како македонски Рихард Зорге, до 1990 година бил табу тема.

Виктор е роден на 15 мај 1915 година во Тетово, во семејството на модниот кројач Лазар и неговата жена Параскева Герасимова од Прилеп. Прадедото на Виктор, Стојко Аќимовиќ од скопското село Покошево, работел од 1861 година во Тетово како учител на српската пропаганда. Исто така и дедо му Љубомир бил учител. По Првата светска војна татко му работи како државен службеник и ги ужува сите првилегии на Кралството Југославија. Тој аматерски се занимавал со фотографија и поседувал богата семејна библиотека, која му овозможувала на двата сина и двете ќерки интелектуално да се надградуваат.

Виктор покрај мајчиниот македонски, говорел српски, турски и албански јазик, а подоцна словенечки, бугарски, руски и француски. Уште како ученик во основното училиште во Тетово тој бил мошне активен и се занимавал со скијање и фотографија. Од 1932 до 1934 година учел во средното земјоделско училиште во Крижевци, Хрватска. Таму за првпат се судира со власта, поради пројавување антирежимски ставови. Виктор бил осуден на 14 дена затвор и исклучен од училиштето поради ширење на комунизам.

Во 1934 година, по излегувањето од затвор, се враќа во родниот град, каде повторно се судира со српскиот режим. Поради напис објавен во „Глас Полога“, во кој ја критикува работата на социјалната служба за осигурување во Тетово, тој бил тужен. Но, тоа не го спречува во неговата активност и на 19 години имал свој весник. Во ноември 1934 година тој го издава весникот ,,Тетовске Новине“, во кој застанува во одбрана на македонските национални интереси. Поради ваквите ставови весникот бил забранет за печатење со судско решение, но тој излегувал уште некое време.  

Спротивно на неговото семејство кое работело за српската пропаганда, Виктор застанал во одбрана на интересите на македонскиот народ. Тој се вклучува кон социјалистичкото и комунистичкото движење, а особено бил приврзан кон идеите на ВМРО (Обединета) и МАНАПО. Виктор постојано бил во судир со режимот на Кралството СХС, а тетовската полиција постојано го следела сомневајќи се дека бил агент на советскиот НКВД.

Виктор Аќимовиќ кој бил пријател со Кочо Рацин, Павел Шатев и Антон Панов, се оженил со Словенката Милена Година од Марибор. Во декември 1939 година во Марибор го издал на српски јазик единствениот број на весникот „Јужна Стварност“, кој имал македонска културно-национална  и прокомунистичка концепција. Меѓудругото, во весникот е објавено „Отвореното писмо“ со кое тој јавно и жестоко се спротивставува на академикот д-р Никола Вулиќ, кој на предавање во Српскиот клуб под наслов “Јужна Србија, или Македонија”, го негира постоењето на македонскиот народ.

На обидот на д-р Н. Вулиќ за целосно негирање на постоењето на Македонија и на македонскиот народ, како и за нивно преименување во Јужна Србија и јужносрбијанци, Виктор во своето „Отворено писмо“ му пишува дека “Никој не може на Македонија да и го оспори името. Македонија постои, затоа што постои македонски народ”. Весникот со оваа статија бил пренесен во Македонија, каде што го читале младите прогресивно ориентирани луѓе.

Во текот на фашистичката окупација, Виктор Аќимовиќ во отсуство бил осуден на две години затвор од италијанската окупациска власт. Во 1942 година, во бугарското списание „Литературен глас“ од Софија, дава свое гледиште за Македонија како неисцрпен мотив и прави обид да им се даде поголем ангажман на познатите македонски сликари како Кондовски, Мартиновски, Владимирски и други. Тој секаде ја потенцира посебноста на македонскиот народ и ги користи термините Македонија, Македонци, македонски човек.

Во 1944 година Виктор се приклучува кон единиците на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија и станува фоторепортер на Главниот штаб. Со своите фотографии учествувал и во првите броеви на Весникот Нова македонија. Подоцна поради судир со функционерите Страхил Гигов и Боро Чушкар, работел како дописник на Политика и Белградско радио, хрватскиот „Илустриран вјесник“ и љубљанскиот „Товариш“, но не и за македонските весници.

Во 1945 година во белградскиот весник “Политика”, Виктор Аќимовиќ објавува информации од НР Македонија, Пиринска и Егејска Македонија. Тој пишува за судењето на остатоците на големобугарскиот фашизам и за злосторствата врз Македонците во Грција. Во овој период Аќимовиќ е дописник и на Радио Белград.

Меѓутоа, набрзо по ослободувањето Виктор бил отстранет, поради блискоста на неговите ставови со ставовите на “сепаратистите”, на “антипартиската група” и со “чентовистите”. Во 1946 година, кога Белград и македонското раководство предводено од Лазар Колишевски, ги отстранувале сите приврзаници на идејата за посамостојна политика на Македонија, медиумите полека му ја откажуваат соработката.

Во 1948 година Инфорбирото му испраќа писмо во кое се бара од него да работи како нивен информатор. Но, иако Виктор го пријавува писмото, тој е уапсен и осуден на четири години затвор во Идризово, со обвинување дека се обидел да избега во Унгарија. Во март 1949 година, бил уапсен и  според пресудата на Окружниот суд во Скопје од 1950 година, тој бил осуден дека за време на окупацијата соработувал со бугарската администрација и дека во септември 1944 година бил избран зедно со Мирко Стефановски и Георги Киселинов, за член на иницијативниот комитет, кој требало да биде марионетска влада на т.н. Независна држава Македонија, на чело со Иван Михајлов.

Од 1960 година Виктор работи како слободен уметник, како член Друштвото на ликовни уметници на применета уметност на Македонија, но како слободен телевизиски репортер во информативно-политичкиот сектор на Радио-телевизија Скопје. Во наредните две децении Аќимовиќ им се посветил на фотографијата и филмот, за што добива стотина награди и признанија меѓу кои: „Сребрена плакета“ за филмот „Циркус интернационал“ на Првиот фестивал во Скопје на „Средбите на солидарноста’ (1967), „Сребрена плакета“ за филмот „Бел гулаб“ на Меѓународниот фестивал на аматерски филмови во Кан и „Сребрена плакета“ за филмот „Циганска молитва“ на Меѓународниот фестивал во Луксембург. Исто така, тој е еден од основачите на Сокпскиот клуб „Камера 300“ и учествува на бројни изложби на фотографија.

Сепак, Виктор постојано бил следен од УДБА. Во 1973 година, службата сметала дека заедно со други подготвуваат државен удар.

Еден од најпочитуваните фотографи и снаматели на Балканот и во Европа, великанот на македонските сниматели, Виктор Аќимовиќ, умира на 21 декември 1987 година во Скопје.  

Тихомир Каранфилов

Најново од: Македонски легенди

Ибе Паликуќа – една од најмладите народни хероини од Македонија

Ибе Паликуќа (Дебар, 1927 – Шутово, Кичевско, 22 септември 1944) била учесничка во Народноослободителната војна во Македонија и една од најмладите жени од Македонија прогласени за народни херои на Југославија. Како борец и политички активист, својот живот го загубила на само 17-годишна возраст. Ибе Паликуќа е родена во 1927 година во Дебар, во албанско семејство. […]

Христофор Жефарович – првиот македонски хералдичар

Христофор Жефарович (околу 1690 – 18 септември 1753) бил зограф, иконописец, бакрорезец, калиграф, калуѓер, трговец и печатар од Македонија. Се смета за прв македонски хералдичар и еден од најбараните уметници на просторот од Солун до Пешта во XVIII век. Во 1741 година во Виена ја објавил книгата „Стематографија“, во која се претставени грбовите на повеќе […]

„Македонија ќе биде слободна!“ – Александар Турунџев (1872–1905)

Александар Турунџев е роден во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско, а се самоубил 30 август 1905 година во Битола. Македонски револуционер, илинденец и војвода, тој останал запаметен како еден од симболите на непокорот и саможртвата во борбата за слободна Македонија. „Македонија ќе биде слободна!“ –тоа биле последните зборови на Александар Турунџев пред неговото […]

Драган Богдановски – живот посветен на слободна и независна Македонија

На 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, починал на 31 мај 1998 година во Данска, на пат од Шведска кон Германија. Подоцна бил погребан во Куманово Драган Богдановски е еден од најистакнатите македонски политички емигранти по Втората светска војна, долгогодишен борец за македонската национална кауза, претседател на ДООМ и […]

Лилјана Чаловска – писателка, борец и учесничка на АСНОМ

Лилјана Чаловска (3 декември 1920, Софија – 20 јули 1997, Скопје) е македонска писателка, учесничка во Народноослободителната борба и општествено-политичка дејка. Била делегат на Првото заседание на АСНОМ и член на Претседателството на АСНОМ, а значајна трага оставила и во македонското новинарство и литература. Лилјана Чаловска е родена на 3 декември 1920 година во Софија, […]

Владислав Ковачев – Македонец до срж, а малку познат меѓу Македонците

„Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за неа. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот.“ Кој бил Владислав Ковачев? Владислав (Славчо) Михаилов Ковачев е роден на 5 јануари […]

Оскар Давичо – писателот што со перо сведочеше за борбата на партизаните на Маркос

Оскар Давичо е роден на 18 јануари 1909 година во Шабац, во еврејско семејство, а починал на 30 септември 1989 година во Белград. Бил истакнат српски и југословенски писател, поет, есеист, преведувач, новинар, револуционер и учесник во антифашистичката борба. Оскар Давичо потекнувал од сефардско еврејско семејство. Детството го минал во Шабац, а образованието го продолжил […]

Васил Ивановски – истраен борец за македонската национална посебност

Васил Ивановски (18 октомври 1906 – 1991) е македонски национален деец, комунист, публицист и историограф. Во своите трудови ги користел и псевдонимите Динко Динков и Бистришки. Васил Ивановски е роден на 18 октомври 1906 година во костурското село Ловраде, во Егејскиот дел на Македонија, а починал во 1991 година во Софија. Во 1907–1908 година, во […]

To top