Македонски легенди

Нико Нестор

niko-nestor-mlad

niko-nestor-mlad

Нико Нестор (19. VI 1934 – 26. II 2016)  е македонски пливачки маратонец, првиот Македонец кој го препливал Ла Манш. Тој бил член на ПВК “Охридски бранови“ од Охрид. Од 1948 до 1967 година учествувал на републичките првенства во пливање на кои освоил 14 први места и поставил наколку републички рекорди. Во периодот од 1954 до 1959 година се истакнал во пливање на долги патеки на Охридското Езеро. Во 1958 го препливал езерото од Св. Наум до Струга за 11 часа и 28 минути, а во 1959 година го препливал Ла Манш за 12 часа и 6 минути.

Нико Нестор е роден на 19 јули 1934 година во Струга. Тој е роден Несторов, но по грешка бил заведен како Нестор во патна исправа. До прво одделение живее во Струга, а потоа се преселува во Охрид. Завршил средно-фискултурно училиште и виша школа за надворешна трговија во Белград.

На десетгодишна возраст Нестор почнува да плива. Во 1946 година се зачленил во пливачко-веслачкиот клуб ПВК “Охридски бранови“, каде се истакнува со својот раскошен талент и набрзо победува на детска трка во Сплит. Станал член на штотуку формираниот одбор на Македонија за пливање и ватерполо.

Во 1948 година, на државното пионерско првенство во Охрид, Нико Нестор освоил 5 златни медали. Од 1948 до 1967 година учествувал на републичките првенства во пливање на кои освоил 14 први места и поставил наколку републички рекорди. Тој пливал и играл и ватерполо. Иако ги пливал сите стилови еднакво добро, неговиот омилен стил бил краул. Долго време бил македонски рекордер на 50, 100, 200, 400, 1.000 и 1.500 метра.

Во периодот од 1954 до 1959 година, Нико Нестор ќе се истакне во пливање на долги патеки. Тој е иницијатор за одржување и победник на првиот Охридскиот маратон во 1954 година. Читајќи разни написи за најголемиот пливачки предизвик, Нико добил инспирација да го преплива каналот Ла Манш. За да ја оствари својата цел, тој се подготвувал на Охридското Езеро. Во текот на своите тренинзи тој секојдневно ја зголемувал препливаната должина. Истовремено, се качувал и на планини за да се стекне со потребната кондиција.

На 19 август 1958 година, тој пливал од Св Наум до Струга и растојанието од 33 км. го испливал за време од 11 часа и 28 минути. Така Нестор станал првиот човек кој го препливал Охридското Езеро и ги поставил основите на маратонското пливање во Македонија.

Својот голем сон – Ла Манш, Нико Нестор го остварил веќе наредната година. Меѓутоа, пред да пристапи кон релизација на овој предизвик, тогашните југословенски весници со критика и потсмев прашувале: „Кој е тој Нико Нестор?, Дали може воопшто да плива?, Кој го испратил и што бара на Ла Манш?“

Сепак, Нестор пливаше за Македонија, за својот македонски народ, за Охрид и Струга. Поддржан од македонската јавност, на 9 септември 1959 година, македонскиот маратонец направи историски подвиг. Тој за 12 часа и 6 минути го препливал каналот Ла Манш долг 33 км. и станал првиот Македонец, првиот Југословен и воопшто прв човек од Источниот блок кој го препливал растојанието од францускиот до британскиот брег.

Англиските весници „Дејли Мирор“ и Дејли телеграф“ кои ќе го одбележат подвигот на момчето од Охрид и неговиот секундант Климент Заров, како голема и необична вест, ќе забележат дека Нико бил првиот човек од тогашните комунистички држави, од т.н. „железна завеса“ кој го препливал каналот.

По враќањето во Македонија, Нико Нестор бил пречекан како херој. Прво во Скопје бил пречекан од голем број народ и преставници на тогашната републичка Влада на Македонија, која финансиски го поддржа маратонот, а потоа и од граѓаните на Струга и Охрид кои му приредиле величествен пречек Со повиците „Нико, Нико!“, цвеќе, локуми, наполитанки, народот го пречекал отворениот автомобил во кој се превезуваше македонскиот маратонец. Истата 1959 година година Нико Нестор бил избран за најдобар спортист на Македонија.

Нико Нестор настапувал на повеќе маратони ширум светот. Охридско Езеро од „Свети Наум“ до Струга го препливал повеќе пати. Во 2000 година бил назначен за претседател на возобновениот Охридски маратон, а потоа бил и негов почесен претседател.

Успехот на Нико Нестор бил поттик и за Атина Бојаџи, Македонка од Охрид, која десет години потоа, на 9 септември 1969 година, како прва жена од Балканот која го преплива Ла Манш. Нико и Атина се прогласени за великани на македонскиот спорт од страна на МОК.

Легендата на македонскиот маратон Нико Нестор почина на 26 февруари 2016 година во Скопје.

Најново од: Македонски легенди

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

To top