Култура и туризам

Свадбени обичаи од село Белица (Св. Врачко) раскажани од бегалци од с. Зарово – Солунско

selo-belica

selo-belica

Свадбата започнува една недела порано. Во неделата пред свадбата од кај момчето одат тројца кај момата да прават преговори за свадбата, што да прават, какви дарови да дадат и сл.  Во понеделникот една жена оди кај момата со бобоцуди (бобо – лакомство за децата, обично сушени плодови, леблебии и др.), и шише ракија да ги калеса момините роднини.

Во средата свекрвата оди со колак на главата кај момата. Тој колак се јаде таму, кога се канат и други жени и роднини на момата. Невестата ја дарува свекрвата. Во четврток кај момчето прават колачиња, ги ставаат во 3 ношви и ги месат три моми кои не се сираци. Тие ги јадат во четвртокот, но оставаат и за неделата. Кај момата колачиња месат во петокот. Истиот ден вечерта кај момчето прават засевка, од црвено платно шијат храмбол (знаме). Го шие момиче со татко и мајка. Околу неа свират свирките. Таа го украсува со лист од бршлен и го шие со црвен конец. Со него игра оро и го предава на други момичиња.

Во саботата навечер кај момчето има свирки и ора. Во саботата наутро почнува бричењето. Едно момче (не сирак) го забричува зетот и потоа го дава на бербер. Му ставаат една крпа. Две момчиња ја држат, пуштаат пари и го благословуваат. Во една тепсија ја собираат косата, сапунот и прстенот. Одат на реката, ги пушаат косата и сапунот, а прстенот го измиваат. Се приготвуваат сите гости за кај момата, но зетот не оди. Едно момиче од кај зетот ја кити невестата со цвеќе и си одат.

Гостите на момчето наречени калесари, со калесарница (карта) со вино (земјен сад) и еден колак врзан за неа канат. Момите гледаат да го скршат колакот. Ако не успеат во тоа, во домот на момата го кршат, им даваат на момите по едно парче и по еден крај од конецот – за да ги сакат.

Во недела утрината две роднини на момата ги канат сите нивни роднини. Поканетите носат брашно, грав и др. и по една тепсија леб. Невестата почнува да се проштева со мајката, таткото и другите роднини, откако сите ќе ги дарува. Роднините на момчето ги носат подароците – обувки на мајката и капа на таткото. Таму се става софра и по ручекот сватовите тргнуваат кај невестата. На портите свекрвата ги испраќа со зрна пченица и вели: „Илјада да одите, илјада и еден да дојдете“.

Најнапред оди шаферот со знамето, по него свирките, шаферките и зетот, а по нив другите гости. Кога ќе стигнат во дворот на невестата има фуруглица (висока прачка) на него едно јаболко и една крпа. Мажите остануваат во дворот и се стремат насилно да ја симнат феруглицата, со качување или на друг начин. Жените одат кај момата, но не ги пуштаат, додека не им се плати. Тие ја пеат песната:

Отвори ли са, Краљо, порти шимшири,

порти шимшири, краљо, порти шимшири.

Што ќе ни дајте да ви отворим?

Се става софра. Пред кумот е ставен кумскиот колак со бибицуди и стафиди. Кумот  го зема колакот, ги благословува младите и си го става на главата и го раскршува. Гостите го разграбуваат за здравје. Зетот го затвораат во една соба да не ја види невестата. Невестата веќе е забулена со вало и со злато. Шаферот и ги става обувките на главата. Таа се наведнува, тој ги држи (тоа се прави до три пати) и потоа ги обува, најпрвин десниот, потоа левиот. Го товараат чеизот на коњите и тргнуваат. Кога невестата ќе излезе на вратата три пати им се поклонува на мајка си и на татко си и почнува да плаче. По патот кон црквата невестата на рацете носи колачиња, што ги крши и ги фрла. Зад неа одат мајка и или некоја блиска роднина да ја чуваат да не земе некој нешто од неа за после да и направат магија.

По венчавањето во домот на младоженецот ги пресретнува свекрвата која и дава три леба, од едната страна два, од другата еден, специјални обредни колаци. Кога ќе влезе во собата и ги земаат лебовите и таа застанува на едно место до ѕидот. Ставаат вечера за сите. Свекрвата го подготвува леглото. Невестата влегува во собата. На лежајот е оставена риза за неа. По составувањето зетот ја вади ризата да ја видат, откако ќе ја стават во едно решето и ја покажуваат на гостите. Ако невестата е чесна, се радуваат и уште вечерта и ја носат ризата на мајка и. Утредента во понеделник невестата си го подредува чеизот. Ги дарува сите гости. Свекорот ја облекува даруваната риза. Почнуваат да се честат, палат памук, се врзуваат еден со друг (смешни сцени и забави). Преку целиот ден има оро.

Во вторникот невестата ги мети сите соби, ѓубрето го собира во едно корито, во него става пари, една игла и прстен, го става коритото на рамо и една стомна и заедно со шаферката одат на реката. Невестата го истура ѓубрето на крајот од реката, шаферката ги бара парите и прстенот. Го измиваат коритото, налеваат вода и си одат. Во петок наутро мајката на невестата иде да ги кани младите со колак и со ракија. Младите одат таму каде што спијат една ноќ. Вечерта во саботата си одат.

Спомени на баба Митра Карова, 80 год.
(Подготви Марко Китевски)

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top