Култура и туризам

Свадбени обичаи од село Падеж – Горноџумајско

gorna-dzumaja

Пречекување на деверите

По свадбата рано утрината деверите се испраќаат кај мајката на невестата,  и се враќаат кон 2-3 часот попадне.  Обично се испраќаат петмина со коњи.

gorna-dzumaja

Ги пречекуваат со особена свеченост.  Кога ќе ги слушнат да пеат сите заедно со невестата излегуваат да ги пречекаат. Кога ќе се доближат до дворот невестата прави метании ниско до земјата. Деверите пристигнуваат пеејќи. Ја поздравуваат невестата и другите што ги пречекуваат – свекорот, свекрвата, младоженецот и другите роднини, и почнуваат да им бакнуваат рака. Се пеат песни, се разменуваат шеги меѓу деверите и тие што ги пречекуваат. Деверите слегуваат од коњите и раскажуваат како поминале за време на гостувањето кај мајката на невестата.

Во средината на дворот стават едно буре, а врз него една тепција со жито и со цвеќиња. Пред бурето застануваат младоженците и првиот девер. Свекрвата ги покрива со една голема бела крпа. Потоа ја замотува крпата во едно зелено сливово гранче и со него почнува да удира по младоженците, кои за тоа време се поклонуваат. Сега свекрвата искажува многу благослови како на пр. „Да бидете благословени, долговечни. Да остареете да побелете како това платно. Колку што има по Софиското поле зелки на вас Бог да ви даде толку ќерки“ И многу друго. Потоа се редат да благословуваат и другите – свекорот, кумот и другите роднини. Потоа невестата зема тепција и сес жито меѓу луѓето кои се трудат да фатат некое зрно. Се фаќаат на орото и пеат убави народни песни, а невестата ги почестува игроорците со вино. Потоа сите си одат.

Убави се народните обичаи.

Обичаите при свадба во село Падеж, Горноџумајско

Во седмицата пред свадбата почнуваат да канат. Се кани со лепчиња тука наречени колаци. Тргнуваат со убави, украсени коњи, колаците наредени во нови шарени торби. Девојчињата кои одат да канат се украсени со цвеќиња, – китка, и шарена крпа. Тие што се канат даваат по нешто: боб, ориз и др. кое што се готви за свадбата.

Во неделата утрото уште невестата се облекува со облеката за венчавање и си готви шарени цвеќиња, а потоа кој гостин ќе дојде таа му дава од тие цвеќиња.

Потоа момчето седнува да се бричи, а момите ја пеат следнава песна:

Забричи се млада младожена,
братја и сестри бела крпа држат,
да не падне коса на земјата.
Ако падне коса на земјата,
ке се пукне земја девет педи.
Изврели са два ми студни кладенци
изврели са у момчеви двори.
Едното е млада младожена,
другото е младата невеста.

За тоа време берберот го бриче младоженецот, а двајца ја држат крпата пред неговото лице. Потоа младоженецот го дарува берберот со крпа и се облекува во свадбена облека.

Кога ќе се соберат сите моми месат погача, наречена плетеница и ја пеат следнава песна:

Ја подајте ситно сито,
да отсеем чисто брашно,
ја подајте бсол и вода,
да замесим чисто тесто,
Ја подајте брадва и секира
да разрежем чисто тесто,
да видиме шо е у тестото.
Подадоја брадва и секира,
разсекоа чисто тесто,
агале е било у тестото
момчевија руси перчик,
момината руса коса.

Кога се замесува тестото, се замесува со вода и најпрвин се замешува со жеголот. Го замешува машко дете со татко и мајка, На жеголот се става цвеќе, крпа и прстен од момчето, а сето тоа се врзува со црвен и бел конец. Потоа тестото го делат на три дела. Едното го прават плетеница, другото погача, третото – колаче. Потоа момите ја шарат плетеницата со жолчка од јајце со помош на дршките на две дрвени лажици и ја оставаат да ја печат бабите. Момата што ја месила плетеницата, на главата има крпа. Таа откако веќе замесила го зема жеголот и го префрла пред куќата. Од другата страна едно момче пак го префрла кај неа. Тоа се повторува три пати и најпосле жеголот останува на куќата. Потоа во една паница земаат вода, момите се фаќаат на оро, таа која ја месела плетеницата си ги мие рацете во орото од паницата, останатите играат околу неа, ја туркаат паницата и ја пеат песната.

А бре, раклине пијанчанине,
што тераш тука у чужди моми,
у чужди моми у чуждо село,
што ти прилега од петел перо,
од петел перо, од мачка рачка,
од куче опашка.

Потоа момите седнуваат и јадат од вториот дел од погачата, а од колачето им даваат да каснат младоженците.

Потоа свирачите одат да го пречекаат кумот. Кога тој ќе пристигне во дворот го пресретнуваат и младите. Невестата со шаферот, момчето со шаферката при што му бакнуваат рака. Влегуваат во одајата и невестата им става од цвеќињата.

Потоа шаферот на невестата и ги обува обувките. Идат и момите и ја пеат песната:

Мари безумна девоќо,
не турај венок на глава,
венок е, мари, јадовен,
јадовен, мари, грижовен.
Собувај, мари, девоќо,
башчините ти обуше,
купено арам дадено,
обувај, мари девоќо,
свекровото ти обуше
купено алал дадено.

Тогаш момата го дарува шаферот со убава крпа.

Потоа младите ги венчаваат во црквата или дома, но почесто дома.

По венчавањето во дворот стават долга трпеза. На чело на трпезата седи кумот. Пред него ја ставаат плетеницата. Невестата става на пет долги прачки по една крпа. Ги даваат на две девојки и две момчиња. Заедно со нив невестата ја обиколува трпезата, тогаш им бакнува рака на гостите, а момите ја пеат следнава песна:

Изгреја јасно сл’нце,
между два рида високи,
та не е јасно с’ненце,
току е мома с два брата.
Мома се милно молеше:
„Кротко ме братко водете,
да ода да се наода,
по таја чесна трпеза,
по баштини ми дворове,.
Куме ле свети Јоване,
напи се љута ракија,
и рујно вино червено,
па за дарове проштавај.
Кумица ти е премлада,
та дари не е правила.

Кога ќе стигнат до кумот, момчето седнува до кумот невестата го дарува со убава голема крпа на десното рамо, која момчето ја фрла, потоа го дарува на левото, пак ја фрла и третиот пат пак на десното и ја прима.

Потоа невестата ќе си ја завитка раката со едно крпче, во раката држи од плетеницата колелце и заедно со тоа колелце и со крпчето невестата му бакнува рака и зема се што има во раката.

Потоа пуштаат една чаша со вино по трпезата, во која кој сака става пари и најпосле ја даваат на кумот. Тој им дава на младите да пијат од виното, тоа што ќе остане го испива шаферот.

Потоа почнуваат да ги предаваат даровите, тука наречени поклони. Најпрвин невеста го предава дарот од кумот. Даровите се даваат на свекорот. Тој кажува од кого е, а неколку души пак на високо благословуваат за тој што го дал дарот.

Потоа невестата пак ги дарува гостите.

Откако ќе заврши се по трпезата, момите ја носат невестата на вода. Со шаферот заедно земаат два сада, одат на вода и заедно налеваат. Невестата пак го дарува шаферот и кумовите бидејќи и тие се таму и тие ја даруваат неа. На враќање од вода до дома истураат на три места вода и невестата се поклонува. За тоа време додека одат и се враќаат од вода момите ја пеат песната:

Кренала Ела на вода,
повела Ела два коња.
Едена коња Војово,
другие кона братово.
Невеста вода налива
шафер и вода разлива.
Булка се милно молеше:
„Деверче, китно деверче,
не му разливај водата.“

Кога ќе се вратат дома од таа вода им полива на свекорот и на свекрвата да се измијат. Таа ги дарува и тие ја даруваат. Потоа од одајата фрлаат  три копчиња машки и женски. Невестата ја мети одајата и внимава какво копче ќе најде најпрвин. Од истата вода што ја донесла му потура да се измие момчето на корен од трендафил и го дарува.

Во понеделникот ако невестата заслужува, утрото рано месат погача, ја украсуваат со цвеќе и црвени конци. Ја стават во една торба заедно со шише ракија украсено пак со цвеќиња, сето го товарат на коњот на кој ќе седи шаферот и коњот исто така е украсен на челото. Подготвуваат и други четири коњи и четворица мажи, вкупно пет души ги даруваат и ги испраќаат во куќата на девојката.

Таму ги пречекуваат, ги гоштеваат и пак ги даруваат. Потоа пак ги испраќаат со погача.

При враќањето невестата кога ќе ги види оддалеку, им се поклонува, се бакнува со шаферот и пак ги дарува.

Потоа се собираат кумовите, на момчето му ставаат едно крпче на главата, застануваат блиску до невестата, момчето и шаферот, и со една зелена гранка кумот го собира превезот од невестата и крпчето од момчето, по кое тие се поклонуваат, а кумот, свекорот и свекрвата ги удира по грбот со прачката и при удрирањето ги благословува:

Да остареете, да побелеете,
като ова бело платно,
да сте честити, да сте вековити,
ведн’ж у век.
Да сте вековити, да сте становити,
като Стара Планина,.
Колко зелки в Џумајско поле,
толко на вас штерки Господ да даде.
Колко клинове на Џумајскија мост,
токова синове на вас,
дека сеете да ви се роди,
каде крмите да ви се плоди,
суо да пофанете,
зелено да покара.

Ако пак невестата не заслужува, земаат едно магаре, качуваат на магарето еден маж назад со очите и со свртена шапка назад, во еден зобник му ставаат пепел и кога оди да фрла од пепелта – и така одат во куќата на невестата.

Тоа се  свадбените обичаи во тој крај.

Лични согледувања и записи на улителот Борис Панајотов, директор на основното народно училиштето во Падеж. (1939)
(Подготви Марко Китевски)

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top