Македонски легенди

Дејан Димитров – Карпата

Дејан Димитров – Карпата (22. III 1873 – 10. IX 1912) е македонски револуционер, член на Македонската револуционерна организација и охридски војвода на ТМОРО. Водел успешни борби со османлиската војска и башибозукот во Охридско. Учествувал во подготовките за Илинденското востание (набавувал оружје), потоа на Смилевскиот конгрес и во низа борби со турскиот аскер. Во пресрет на Првата балканска војна бил уапсен од Турците и жив запален.

Дејан Мицков Димитров – Карпата е роден на 9 март (22 март нов стил) 1873 година во охридското село Лактиење. Не одел на училиште, а тешките животни услови под турската власт ќе го натераат повремено да оди на печалба во Бугарија. Во периодот од 1890 до 1901 година, работел како каменорезец во бугарските градови Варна и Русе. Сам научил да чита и пишува, а потоа се запознава и со книшки со револуционерна содржина.

Во 1901 година станал член на Македонската револуционерна организација. На 6 јули 1901 година, станал комита во новоформираната чета на војводата Тале Горанов, а во 1902 година, бил назначен за подвојвода на војводата Никола Русински, со 9 души четници, кои делуваа во охридска Дебарца.

Во јули 1902 година Дејан Димитров – Карпата бил назначен за војвода на чета, по што водел успешни борби со османлиската војска и башибозукот во Охридско. Четата на Димитров го ликвидира крволочниот сејмен Ризо, како и серија предавници од Охридско.

Во средината на март 1903 година, во екот на подготовките за престојното Илинденско востание, четата на војводата Дејан Димитров била опколена од турскиот аскер во селото Арбиново. Дејан со четата успеал да го пробие обрачот, но во судир со башибозукот загинал војводата Тома Давидов кој заедно со селската милиција во бројност од 80 души пристигнал на помош.

Дејан Димитров – Карпата учествувал на Смилевскиот конгрес (2-7. V 1903). До почетокот на Илинденското востание 1903 година успеал да обезбеди 270 пушки, а потоа учествувал во низа востанички борби, како борбите кај Сирулски рид, Грмешница и други. По задушувањето на востанието, преку Куманово и Врање заминал за Белград, а потоа во Софија, каде пристигнал на 14 ноември 1903 година.

Во 1904 година, хроничарот на илинденските настани професорот Љубомир Милетиќ ги бележи спомените на војводата Дејан Димитров, кој опишувајќи ги деталите од масакрот во Рашанец, ќе раскаже: „Имаше и деца убиени: видов едно дете на 6 месеци од Опеница, отепано. Имаше деца намерно фрлени од карпите, распарчени. Во една пештера имаше заклани жени, цело семејство, 9 души, беа заклани и потпалени со газија. Аскерот помина низ семејствата и однесе се` што можеше да однесе, обесчести се` што можеше да обесчести… Додека се водела борбата семејствата биле в средина, во долината. Турските куршуми паѓале и врз нив. Тие дури и намерно пукаа во невините жени и деца. Иако турски бимбаша им наредил на војниците да не пукаат во жените и во децата, тие не го слушале, а тој и со ремен удирал да престанат да пукаат во долината. Кога видел дека не го слушаат, дигнал раце и натажено извикал: ’Алах, алах’!”.

По засилувањето на српската оружена пропаганда во Македонија, Дејан добил задача со својата чета да дејствува во Велешко. Димитров се вратил во Македонија и од средината на јуни до крајот на 1905 година дејствува во Велешко, а потоа пак се префрлил во Охридско, каде дејствувал како помошник на војводата Патар Чаулев од 1906 до јули 1908 година.

По Младотурската револуција во јули 1908 година, кога Младотурците овозможиле политичка слобода (Хуриет), Димитров се легализирал во родното село. Меѓутоа, овој период траел кратко време и иако функционирал парламентот демократијата не постоела. Младотурците набрзо воведувеле рестриктивни мерки и закони против вооружените чети шротив политичките партии и организации формирани на етничка и верска основа од октомври 1909 година, и работничките штрајкови.

Во пресрет на Првата балканска војна Дејан Мицков Димитров – Карпата, на препад бил уапсен и спроведен во затворот во село Песочани и страшно измачуван, а потоа, заради заплашување на населението, со алка на вилицата, како мечка бил воден по селата каде што војводувал. Според раскажувањето на старите илинденци, тоа што го преживеал големиот охридски војвода за време на измачувањето, не можеле да го издржат ни најсилните мажи.

Најпосле, на 10 септември 1912 година, Дејан Димитров – Карпата го извеле кај месноста Опчелин во атарот на село Песочани, Охридско, го врзале со јаже за половината и го спуштале во вода се додека не се онесвестил. На крај го врзале за стожерот на лисник, го полиле со газја и жив го запалиле. Народот неговото име ќе го овековечи со песна „Ми слезе Дејан војвода“.

(Песна за војводата Дејан Димитров)
Ми слезе Дејан војвода – во исполнение на Кирил Мицкоски, Охрид

Никнала трева зелена,
ми разлистела гората,
ми слезе Дејан војвода /
од славна Славеј планина. / x2

Цела Деб`рца ја прошета,
од очи солзи пророна,
многу мајки тој виде /
во црно сè облечени. / x2

Едно ми пиле долета
на сува гранка застана,
жална ми песна зепеја, /
од луѓе неќе да бега. / x2

Штом војвода го догледа,
лоша му мисла долета,
тргна за Славеј планина /
кај своја верна дружина. / x2

Уште во Славеј не појде,
в раце кај ѕверови ојде,
рацете му ги врзаја, /
кај Опчели го фрлија. / x2

Цела Деб`рца зажали,
старо и младо заплачи,
дека ми Дејан загина, /
млад Дејан, силен војвода. / x2

Најново од: Македонски легенди

Ибе Паликуќа – една од најмладите народни хероини од Македонија

Ибе Паликуќа (Дебар, 1927 – Шутово, Кичевско, 22 септември 1944) била учесничка во Народноослободителната војна во Македонија и една од најмладите жени од Македонија прогласени за народни херои на Југославија. Како борец и политички активист, својот живот го загубила на само 17-годишна возраст. Ибе Паликуќа е родена во 1927 година во Дебар, во албанско семејство. […]

Христофор Жефарович – првиот македонски хералдичар

Христофор Жефарович (околу 1690 – 18 септември 1753) бил зограф, иконописец, бакрорезец, калиграф, калуѓер, трговец и печатар од Македонија. Се смета за прв македонски хералдичар и еден од најбараните уметници на просторот од Солун до Пешта во XVIII век. Во 1741 година во Виена ја објавил книгата „Стематографија“, во која се претставени грбовите на повеќе […]

„Македонија ќе биде слободна!“ – Александар Турунџев (1872–1905)

Александар Турунџев е роден во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско, а се самоубил 30 август 1905 година во Битола. Македонски револуционер, илинденец и војвода, тој останал запаметен како еден од симболите на непокорот и саможртвата во борбата за слободна Македонија. „Македонија ќе биде слободна!“ –тоа биле последните зборови на Александар Турунџев пред неговото […]

Драган Богдановски – живот посветен на слободна и независна Македонија

На 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, починал на 31 мај 1998 година во Данска, на пат од Шведска кон Германија. Подоцна бил погребан во Куманово Драган Богдановски е еден од најистакнатите македонски политички емигранти по Втората светска војна, долгогодишен борец за македонската национална кауза, претседател на ДООМ и […]

Лилјана Чаловска – писателка, борец и учесничка на АСНОМ

Лилјана Чаловска (3 декември 1920, Софија – 20 јули 1997, Скопје) е македонска писателка, учесничка во Народноослободителната борба и општествено-политичка дејка. Била делегат на Првото заседание на АСНОМ и член на Претседателството на АСНОМ, а значајна трага оставила и во македонското новинарство и литература. Лилјана Чаловска е родена на 3 декември 1920 година во Софија, […]

Владислав Ковачев – Македонец до срж, а малку познат меѓу Македонците

„Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за неа. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот.“ Кој бил Владислав Ковачев? Владислав (Славчо) Михаилов Ковачев е роден на 5 јануари […]

Оскар Давичо – писателот што со перо сведочеше за борбата на партизаните на Маркос

Оскар Давичо е роден на 18 јануари 1909 година во Шабац, во еврејско семејство, а починал на 30 септември 1989 година во Белград. Бил истакнат српски и југословенски писател, поет, есеист, преведувач, новинар, револуционер и учесник во антифашистичката борба. Оскар Давичо потекнувал од сефардско еврејско семејство. Детството го минал во Шабац, а образованието го продолжил […]

Васил Ивановски – истраен борец за македонската национална посебност

Васил Ивановски (18 октомври 1906 – 1991) е македонски национален деец, комунист, публицист и историограф. Во своите трудови ги користел и псевдонимите Динко Динков и Бистришки. Васил Ивановски е роден на 18 октомври 1906 година во костурското село Ловраде, во Егејскиот дел на Македонија, а починал во 1991 година во Софија. Во 1907–1908 година, во […]

To top