Македонски легенди

Ангел Мојсовски

Тихомир Каранфилов

Тихомир Каранфилов

Ангел Мојсовски (15. V 1923 –17. III 2001) е македонски комунист, учесник во НОБ, воен старешина во единиците на Македонската војска и по ослободувањето. Учествувал во многу борби во источниот дел на Македонија, како и во походот од Егејскиот дел на Македонија и назад. По војната бил командант на КНОЈ-евската дивизија, на XII бригада и на други воени единици, а едно време ја извршувал и функцијата инспектор на Главната инспекција на ЈНА.

Ангел Мојсовски е роден на 15 мај 1923 година, во селото Ораовец, Велешко, во сиромашно семејство. По завршувањето на основното училиште во родното село, отишол да учи механичарски занает во Велес. Додека го усовршувал занаетот, посетувал вечерно училиште и работел како член на УРС. Пред војната учествувал во штрајкови и демонстрации.

По окупацијата на Кралството Југославија, се вратил во селото каде што ја организирал младина, а во градот работел во нелегална работилница за поправка на оружје. Учествувал во собирање оружје и во подготовките за борба против окупаторите. Во 1941 година бил примен за член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ). Полицијата дознала за неговите активности, па со одлука на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ)  преминал во илегала.

Во втората половина на 1941 година, Ангел заминал на работа во рудникот „Језерина“ на Космет. Во септември 1942 година ја дигнал во воздух електраната на рудникот за хром „Језерина“, а потоа се приклучил на Шарпланинскиот партизански одред. Некое време бил курир на Главниот штаб за Косово и Метохија и Шарпланински одред. Кон крајот на 1943 година, бил со група партизани во Кумановскиот крај. Член на КПМ бил од 1943 година.

На почетокот на 1944 година, кога дејствувале два батаљони од Кумановскиот одред, бил командант на Вториот батаљон. Кога била формирана Третата Македонска бригада во февруари 1944 година, бил назначен за заменик-командант на батаљон. Учествувал во многу борби во источниот дел на Македонија, како и на целиот марш од Егејскиот дел на Македонија и назад. Учествувал во разбивањето на Вардарскиот корпус, во нападот на железничката станица Ристовац крајот на март 1944 година, како и во борбите кај селото Сејаце, Биљача, Злетовските рудници и освојувањето на Кратово.

Од нападот на Кратово во април 1944 година, Ангел станал командант на Првиот младински батаљон, кој се одликувал во неколку битки за време на пролетната офанзива во Македонија. Во август 1944 година, во една битка против бугарските окупатори кај Поникве, Ангел бил тешко ранет, по што бил префрлен на лекување во Бари (Италија).

По војната бил командант на КНОЈ-евската дивизија, на XII бригада и на други воени единици, а едно време ја извршувал и функцијата инспектор на Главната инспекција на ЈНА. Имал чин генерал-потполковник. Се пензионирал во 1980 година.

Ангел Мојсовски починал на 17 март 2001 година во Скопје.

Тој е носител на Партизанска споменица од 1941 година и на неколку југословенски одликувања. Меѓу странските одликувања, тој е добитник на Полскиот крст и Бугарскиот медал на Татковинската војна. Одликуван е со Орден за народен херој на 11 октомври 1953 година.

Најново од: Македонски легенди

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

To top