Култура и туризам

Променување на невестата – Свадбени обичаи од Мариово

nevesta

nevestaВо неделата изутрината невестата се капела. Во постаро време кога немало никакви парфимериски средства, во водата за капење и миење додавале вода од варен бел босилек за да мириса.

Невестинските алишта што ги облекувала невестата ги мерела баба – парјадоксана (со прекинат брачен однос). Мерењето се правело колку за адет: трипати со раката го поминувала кантарот по скалата. Тој адет се правел за да не ја фатат маѓии невестата.

Невестата се облекувала во црнетата кошула, саја со  црн кит, црнети ракавчиња, црн волнен платнен појас долг 15 сажни, чултар за опашување, шар чорапи со шара гумно, бел горненик со црни оптоки, а накитен со кит од разни бои. По облекувањето на алиштата и се ставал накит од сребро: скопец, скопци, крст од два синџири што се вкрстосувале на појасот. Крстот бил нареден со меки трепки (метални пари). На ушите носела наушници што биле направени од пет низи нанижани со бели и црвени мерџанови мониста и се протегале до под гушата на невестата. На рацете, во вид на белегзии, носеле неколку редици од црвени поситни мерџанови мониста. Невестата ја дотерувале другачките. Девојчето што го месело тестото ги правело колковите. Колковите на невестата се правеле од разнобојни шамии и тулбење. Десниот колк се правел од седум шамии, левиот од пет. Во секој колк имало по жедна црна шамија. Целата невестинска руба била повеќе во црна боја. Тоа го покажувало нејзиното поцрнување по мажењето.

Променувањето на невестата зависело од начинот на земањето. Ако ја земале без сватови – таа се променувала вечерта во саботата, а ноќта ја земале крадена. Ако ја земале со сватови, тогаш се облекувала изутрината во неделата. Последно на невестата и се клавало невестинското капче (бубаќерно капче), тоа и се клавало над челото. Било везено и украсено со мониста од разни бои. На него биле зашиени мисирки (два долги бубаќерни конци нанижани со мониста и се протегале до земја). Врз невестинското капче се клавал нетопот (лимена корона) накитена со киски од алови предена. На нетопот го прицврстувал деверот венецот кога ја деверосувал невестата.

При спремањето на невестата една стара жена почнувала да ја учи: да не заборави да си стави прстење на рацете, зашто – колку прстење ќе има на рацете при венчавањето, толку деца ќе и дадел Господ. Затоа – за да си ги накити сите прсти со прстење, да има повеќе деца. Кога ќе влегува во црквата за венчавање – да не заборави да си го отклучи клучот од појасот што и бил заклучен при свршувањето (при свршувањето двајцата младоженци на поајсите си заклучувале клуч за да не ги фаќаат маѓии). Да си ги одврзела врвците и калците од чорапите и калците, да влегува во црквата и дома со десната нога. Влегувањето со десната нога напред значело- да ги води Господ во животот и да им оди работата на десно. Ако се случело невестата да влезе прво со левата нога – тоа значело дека ќе ги води ѓаволот и работата ќе им оди на лево – на растурање.

По опремувањето невестата ја наметнувале со бела гуна и со бел тулбен – да и биде бел животот кај момчето. Така наметната, таа стоела додека да дојдат деверите за деверисување.

Во неделата сите свадбари што биле на свадбата си одат. Останувале само двајцата девери и гајдаџијата. Деверите и гајдаџијата оделе пак низ село и ги канеле сватовите. Прво оделе кај нункото, потоа кај старосватот и продолжувале со ред да ги канат сватовите. Како што ги канеле така и со ред ги земале со нив (во тиквешко-велешките села). Се канел секој од селото што имал добар коњ за јавање. По доканувањето сите сватови се враќале кај зетот. Сватовите ги наврзувале коњите низ дворот и влегувале дома да честитаат. Сватот им давал пиење и јадење. Додека сватовите појадувале, свекрвата му приготвувала на свекорот во торбата; риби, ориз, пипер, кромид и друго што требало да се зготви кај сватот, кога ќе појдат кај невестата.

Сватовите по појадувањето задолжително заигрувале во дворот на куќата. Кога играле викале: „Уууууу“, Откако ќе изиграле неколку ора ги земале добиците и се качувале на нив. Коњите биле накитени со веленца, килимчиња преку самарите, со узенгии, зауздани и со подврзани опашки. Додека сватовите се качувале на коњите, девојките пееле:

Кумовите коњи во дворови стојат
во дворови стојат копјето врлаат,
они ќе ми одат по млада невеста
по млада невеста многу надалеку
многу надалеку преку сино море.

Откако сватовите ќе се накачеле на коњите таткото на зетот вадел сребрени пари и шеќерчиња од џебовите и го префрлувал зетот. Префрлувањето со сребрени пари било обичај: за да биде зетот здрав како сребро, а со шеќерчињата – за да му бил, благ брачниот живот.

Малиот девер со зелениот венец на глава се качувал на коњот што ќе го вјава невестата. На испраќање, на сватовите им ја пееле песната:

Ајте ми со здравје
китени сватови,
сто мина да појте,
сто еден да дојте.

Во постаро време со сватовите не оделе жени. Целата работа околу невестата ја пропуштале на деверите. Но, околу 1850/60 година на некои гуѓаковски сватови им се случило да им избега невестата. Тоа веднаш се разнесло низ сите села. Смеата била поголема од се. Оттогаш сватовите почнале да водат и по некоја сваќа, најчесто золвата.

Откако ќе кинисале по невестата, на првата вода што ќе наиделе, колку и да била нечиста, сватовите од неа го запојувале зетот. Слегувал постариот девер, му го отпетлувал скопецот и со едната пафта го запојувал три пати од водата.

По патот напред одел нункото. по него старосватот, деверите и другите сватови. Нункото напред го носел развиено знамето. Кога ќе доближеле до селото сватовите ги потерувале коњите во галоп, за кој прв да влезе во дворот на сватот.

Од книгата „Македонски обреди и обредни песни“ од Милан Ристески, Скопје  1985.
(Подготви Марко Китевски)

Најново од: Култура и туризам

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

Македонските просветители свети Климент и свети Наум Охридски

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други […]

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

To top