Култура и туризам

Од настан до песна

makedonski-narodni-pesni

makedonski-narodni-pesniАјде пушка пукна
Ајде пушка пукна, бре џанам,
среде Велес,
ајде среде Велес, бре џанам,
Пекмез пазар.
Ајде, па го удри бре џанам
Китка Ордан.
Китка Ордан на Четкови.
Ајде викна бре џанам,
Китка Ордан:
 – Ајде капнала ти бре Мурат,
десна рака,
ајде што ме удри, бре Мурат,
среде чело.
Ајде имам мајка, бре Мурат,
да ме жали,
ајде имам сестри, бре Мурат,
да ме плачат.
Ајде немам син бре Мурат,
крвнина да врати.

Веќе десет години татнеше возот низ Велес откако беше изградена железницата од италијанските градители. Повеќето велешани кои имаа сигурна работа за време на градењето на оваа сообраќајница се уште се обидуваа преку зафаќање со разни работи и занаети да обезбедуваат егзистенција за себеси и за нивните семејства.

Еден од нив беше Илија Четков. Додека работеше на железницата живееше добро. Имаше доволно за него и за неговата жена Марија. Беше свесен дека животот ќе му се измени кога ќе заврши изградбата на железницата. Затоа и штедеше. Знаеше и неколку занаети. Се реши да му се посвети на кожарскиот. Тогаш уште се бараше сахтијанот (козјите кожи). Зеде под наем дуќан кај Пекмез пазар.   Работите му тргнаа. Преработуваше и други видови кожи.

Во зимските месеци на 1882 година, по 16 години брак, се роди првото чедо. Син. Го крстија Ордан. Илија не можеше да му се изнарадува. Додека единецот поодрасна ги оретчи патувањата надвор од градот, а почесто ќе го затвореше дуќанот за да си го води синот. Така во слога и љубов растеше малиот Ордан. Кога наполни 15 години за прв пат слушна за Организацијата, внатрешна македонска.

Во нивната куќа кај маалската чешма, што го доби името по тоа што беше сложно изградена од жителите на маалото, доаѓаа многу гости. Но кога доаѓаа таквите преку комшискиот капиџик, тогаш Ордан застануваше кај пенџерето од другата соба, од која се гледаше сокакот. Ако се појавеше некоја патрола веднаш јавуваше на татка си и гостите ги снемуваше преку капиџикот.

Работејќи во дуќанот наследникот на Илија израснуваше во убав момчак. За неговата стројност, за тој црномурниот Ордан почнаа да воздивнуваат девојките. Најпрви во маалото, од месноста каде што се наоѓаше кожарскиот дуќан. Кога му нараснаа и пушти мустачиња и се оформи во маж, немаше девојка која не го посакуваше. Дури и го нарекоа Китка Ордан. Беше најубав во градот. Покрај тоа го научи мошне добро кожарскиот занает и редовно го заменуваше татка си Илија, кога често одеше во Солун и Белград да ги продава преработените кожи.

Илинденското востание и пропаста на Републиката тешко се почувствуваа во револуционерниот Велес. За учеството на велешаните во Востанието за Тодор Христов – Офицерчето, Андреа Докурчев и Јован Алабакот, кои со своите чети ги нападнаа највиталните стратешки објекти во Крушево, се кажуваа приказни.

Тогај Четкови се зголемија за уште еден член. Се роди втората ќерка. Таа 1903 година, освен новата рожба им донесе многу маки и тешкотии на народот, но и на велешкото кожарско семејство. При престојот на познатиот комита Иле Тетовчето, одеднаш во нивната куќа се втурнаа повеќемина полицајци со пиштоли во рацете.

– Брзо кажувај, каде е комитата? – со строг глас и велат на Марија, која преде на чекркот во тремот.

– Куќа отворена, барајте – одговара со колку што може повисок глас, за да ја слушне гостинот.

Не чекајќи на одговорот, наместо горе кон катот, се упатуваат веројатно добро информирани преку кујната во собата каде што се наоѓа Тетовчето. Кога се појавуваат на вратата, комитата испукува во таванот. Полицајците преплашени наместо да бегаат по лествицата ги прескокнуваат тробозаните, а Иле Тетовчето преку најсигурниот велешки пат – капиџиците се спасува.

Набрзо куќата е сардисана од војска. Марија со ќерките, тригодишната Драга и шестмесечната Деница ги поведуваат, а Илија го собираат од дуќанот. Ги затвораат отпрвин во Велес, а потоа во скопскиот затвор. Синот Ордан е известен и се засолнува кај пријателите.

Минуваат шест долги месеци во скопскиот затвор. Најтешко и е на мајката, која лежи во женскиот дел на затворот заедно со малите ќерки. И покрај лошите услови Марија храбро ги издржува тешкотиите. Храбра е и на судот. Никого не издава, дури напаѓа.

– Во нашата куќа немаше никаков комита – вели. – Ако имаше, зошто полицајците не го фатија и не го употребија пусатот (оружјето) што им го дал царот.

Во недостиг на докази ги ослободуваат. Но, Марија не мирува. Се обраќа до конзулите барајќи арзовал (молба) за слободно движење на својот единец, за чие сокривање се грижи Организацијата.

Мирот одново се враќа кај Четкови. Турците се гневни. Посебно полицаецот Мурат, кој се заканува.

Срцата на велешките девојки пак силно зачукуваат кога ќе го сретнат убавиот Ордан Китката. Чукаат, но им се стегнуваат кога прострујува веста дека ќе се жени со Канда од Кочани, чиј татко е трговец и близок пријател на Илија. Невестата ја донесуваат со пајтон. Кога ја пренесуваат по улиците многумина се разочарани зашто Канда не е лик за најубавиот велешки ерген.

Летото 1907 година полека изминува. Горештините не попуштаат и во првите денови на септември. Илија е во Солун. Во дуќанот на Пекмез пазар, во осојот е пријатно дури и ладно. Ордан ги подготвува производите што ќе ги изложи на утрешниот ден, за пазарот што се одржува во вторник. Задоволен е од работата. Татко му ќе донесе пари од Солун за купување нови кожи. Канда е во почетокот на бременоста. Две години се во брак. Првото дете набрзо им умре. Така пренесен во мислите не го забележува полицаецот Мурат. Тој влегува во дуќанот со изваден револвер. Штом го виде Ордан одекна истрелот. Куршумот го погоди среде чело. Убиецот излезе полека. Не брзаше. Со крената глава и кубури во појасот минуваше  низ старата чаршија. Тој и наредните денови така минуваше. Власта не презеде ништо.

Убиството на Ордан Четков ги потресува граѓаните. Веќе неколку видни велешани се убиени. Телото на Ордана го пренесуваат во родната куќа. Го положуваат во северната соба, за да го сочуваат што подолго, додека се врати Илија до Солун. На закопот црквата „Свети Пантелејмон“ е премала да ја собере големата поворка. По шест месеци Канда породува девојче. Марионка. Не беше син да ја врати крвнината.

Оваа крвава приказна од нашето минато ни ја раскажа Василка Четкова – Мајсторова, 78 годишна старица, третата, најмалата сестра на Ордан Четков. Спомените за братот, неговата фотографија и неговото луле од монистра го чува како скапоценост, а на внуците често им прикажува за нивниот убав убиен дедо, за времето ропско, без закон, зулумќарско.

Од книгата „Песната и коренот“ од Никифор Смилевски,  1992 г.

(Подготви Марко Китевски)

Најново од: Култура и туризам

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

Македонските просветители свети Климент и свети Наум Охридски

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други […]

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

To top