Култура и туризам

Црквата во Македонија во времето на Самоиловото царство и во средновековниот период

bazilika-sv-ahil

Црквата во Самоиловото царство
20.03.2008.

bazilika-sv-ahil

Факт е дека свети Климент Охридскиот чудотворец е основоположник на идната самостојна Охридска архиепископија. По неговата смрт во 916 година со исто темпо и несмален интензитет продолжува процутот на верско, културно и просветно поле на македонската територија. Во овој период во Македонија постоело бројно монаштво, кое било двигател на духовниот подем на македонскиот народ. Територијата на Македонија била поделена на нови македонски епархии, кои биле управувани од македонски епископи. Македонската црква во тогашната силна Македонска држава почнала да функционира како вистинска самостојна Црква со сопствен поглавар и Свет Синод, чие седиште се наоѓало во Преспа, во тогашната престолнина на цар Самоил. Цар Самоил и македонскиот народ се наоѓале во континуирана војна со Византија и не ја признавале јурисдикцијата на цариградскиот патријарх над епархиите во македонската држава. Заради тоа Самоил царската круна ја добил со благослов на Римскиот папа, а локалната црква била воздигната на ранг на патријаршија. Заедно со царската круна папските делегати донеле и црковни симболи за првиот македонски патријарх, Филип. Новиот Охридски патријарх, според вообичаената практика во христијанските држави, заедно со своите црковни великодостојници и со папските делегати, го миропомазал Самоил за цар. Тогаш царската престолнина од Преспа е пренесена во Охрид, а со тоа и седиштето на Патријаршијата. Јурисдикцијата на Охридската патријаршија се простирала низ целата држава на Самоил, а како се ширело Самоиловото царство, така се проширувала и јурисдикцијата на Македонската црква.

Според историските податоци, во склоп на Охридската патријаршија, покрај епархиите во Македонија, влегувале и епархиите во Тесалија, Епир, Албанија, Дукљан, Травунија, Захумље, Рашка, Босна, Срем и подунавска Бугарија. Со покрстувањето на Русите во X век и со првите контакти на Самоиловиот двор со дворот на царот Владислав, од Македонија кон Русија почнала да се движи целата христијанска просвета, култура и писменост. Руската Црква с# до 1037 година се наоѓала во диецезата на Охридската Патријаршија. По битката на Беласица, кога трагично пропаднало Самоиловото царство, византискиот цар Василиј II, сфаќајќи и познавајќи го огромното значење на Охридската патријаршија за балканските и источните народи, не ја укинал нејзината автокефалност, туку само Патријаршијата ја симнал во ранг на Архиепископија. Границите ì останале исти, како и нејзините права и привелегии. Во тоа време под јурисдикцијата на Охридската архиепископија се наоѓале 31 епархија. Охрид станал важен црковен центар за поголемиот дел на Балканскиот Полуостров, кој по значење стоел еднакво со древните духовни катедри, како што се Рим, Цариград, Ерусалим, Антиохија, Александрија и т.н.

По смртта на Василиј II (1025 г.) престанала толерантната политика кон Охридската архиепископија и кон Македонците воопшто. На чело на Охридската архиепископија биле поставувани архиепископи Грци, а тие си поставувале Грци епископи по сите македонски епархии со цел да се погрчи македонското население.

XII век е период кој Македонската црква го памети како време на живеење и дејствување на големите македонски подвижници светите Јоаким Осоговски, Јован Рилски, Прохор Пчински и Гаврил Лесновски. Нивниот аскетски живот бил одличен пример и патоказ за македонските православни души од тој период. Овие преподобни оци и покрај тоа што биле отшелници, сепак околу нив се собирале повеќе нивни духовни чеда кои биле дел од монашките братства на манастирите, кои и ден денес, после девет века се молитвено прибежиште и утеха за македонските православни христијани.

Средновековниот период  е време и на појава на многу ереси и погрешни учења во Македонија. Во Македонија активно дејствувале бројни гностички секти од кои најпознати се секако Богомилите – формирани од македонскиот свештеник Богомил, кој борејќи се за социјална правда на населението забегал во крајност и успеал да создаде едно радикално војничко движење, чии принципи се коселе со Евангелието и апостолското предание. Богомилите со својата примамлива реторика најпрво се прошириле во Македонија, а потоа успеале да формираат свои заедници и во другите балкански области. Со текот на времето Богомилите исчезнале од историската сцена, но некои нивни изопачени учења успеале да бидат пренесени и на подоцнежните генерации Македонци. Еден од најзаслужните личности кои придонеле за искоренување на богомилското учење бил секако свети Иларион Мегленски. Тој секогаш во споровите со еретиците излегувал како победник и мнозина од нив успеал да ги врати на вистинскиот пат. Во неговото житие постојат детални описи на неговите беседи и полемики со еретиците. Неговиот живот се карактеризира токму со одбрана на вистинската христијанска вера од наездата на еретиците.

Со распаѓањето на Византија, во втората половина на XII век, се ослободила Рашка, а жупанот Немања успевајќи да ги соедини разделените српски жупанства, во 1170 година се прогласил за велики жупан. Тој сакал во својата држава да создаде самостојна црква. Оваа идејата за создавање Српска автокефална црква била инспирирана од неговиот најмлад син, монахот Сава. Српското црковно прашање, според каноните на Светата црква можело да се реши само со знаење, благослов и содејство со надлежната Охридска архиепископија, но Немања и неговиот син Сава знаеле дека Охридскиот архиепископ Хоматијан нема брзо, според нивните желби, да го реши ова прашање.

Во Бугарија во 1175 година избувнало востание и Асеновците го создале Второто бугарско царство. Во 1176 година била основана самостојна Бугарска црква во лицето на Трновската архиепископија. Второто бугарско царство ја опфатило и Македонија, но ја оставиле и натаму да делува Охридската архиепископија, меѓутоа во намалена јурисдикција за сметка на Трновската архиепископија. Бугарскиот архиепископ ги прогонил сите епископи Грци и на нивно место поставил словенски епископи, кои самиот ги хиротонисал.

Второто бугарско царство се распаднало по смртта на царот Калојан во 1207 година. Тогаш во Македонија, во Просек (Демир Капија) се утврдил севастократот Стрез, кој нормално, успеал да ги привлече кон себе соседните македонски градови, меѓу кои и Охрид. Охридската архиепископија, веќе со многу намалена диецеза, се простирала само на територијата на Стрезовото кнежевство, меѓутоа била ослободена од притисокот на Трновската архиепископија. Интересите на Стрез и на Охридскиот архиепископ се совпаѓале во настојувањето да се зачува независноста на кнежевството и на Архиепископијата. За време на владеењето на Стрез, Охридската архиепископија успеала кон себе да врати некои свои епархии, кои ñ биле одземени од Трновската архиепископија.

По смртта на Стрез (околу 1215 г.) неговото кнежевство било разделено помеѓу Солунското латинско кралство и Епирското деспотство, а Охридската архиепископија ги изгубила своите јужномакедонски епархии – Мегленската и Струмичката. Во меѓувреме, Охридската архиепископија заедно со градот Охрид, потпаѓајќи под власта на Епирскиот деспот Теодор, одново успеала да поврати некои од епархиите што претходно ñ биле одземени. Тогаш, Архиепископијата имала доминантна положба во државата и повторно успеала да ја прошири својата јурисдикција, преземајќи ги одново Скопската, Серската и Сервиската епархија.

Во ова време започнала борба меѓу епископите Грци и Македонци. Во Охрид бил свикан архијерејски собор под претседателство на архиепископот Хоматијан. Епископите биле разделени во две групи: на чело на грчката група стоел Воденскиот митрополит, а македонската група ја предводел Мегленскиот епископ. Спорот настанал околу признавањето на епископскиот чин на епископите кои биле поставени од Калојан. По интервенција на деспотот Теодор Комнен направен е компромис: грчките епископи поставени од Калојан требало да ги напуштат епархиите, а на нивно место да бидат хиротонисани домородни епископи од македонско потекло.

Најново од: Култура и туризам

Археолошкиот локалитет „Церје“ кај селото Говрлево, Скопско и локалитетот „Кокино“, Кумановско

Церје, Говрлево, мегалитска опсерваторија Кокино, праисториска Македонија, археолошки локалитети во Македонија, древна македонска историја, бронзено време, праисториска археологија, древни македонски печати, културно наследство на Македонија Исклучително знаење за докажување дека постоела ПРАИСТОРИСКА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА имаат печатите од локалитетот ,,Церје” кај с. Говрлево близу до Скопје. Имено, археологот Милош Билбија во 1982 – 1983 година, при […]

Под Скопското Кале пред повеќе од 5.000 години постоела праисториска населба

Под денешното Скопско Кале, на просторот што со векови претставувал значаен стратешки и историски пункт, се кријат траги од животот на луѓето уште од праисторијата. Археолошките истражувања потврдуваат дека овој простор бил населен многу пред изградбата на средновековното и подоцнежното утврдување. Според археолошките наоди, на подрачјето на Скопското Кале постоела праисториска населба, чии почетоци се […]

МАНАСТИР „СВЕТА ПРЕЧИСТА“ – КРНИНСКИ МАНАСТИР, ДУХОВЕН БИСЕР НА КИЧЕВСКО

Манастирот „Света Пречиста“, познат во народот и како Крнински манастир, се наоѓа на падините на планината Врвои, на надморска височина од околу 920 метри, на приближно 12 километри од Кичево. Сместен во прекрасна природна околина, опкружен со планински шуми и чист воздух, манастирот претставува еден од значајните духовни, културни и историски споменици на Кичевскиот крај […]

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

To top