Култура и туризам

Од приказна до песна – Дафино, вино црвено

makedonski-narodni-pesni

Македонски народни песни

Дафино, вино црвено, момчето ти е заспало
на Каракамен планина, на сува рида без вода.
Ми поминале ајдути, гунчето му го украле,
во меана му го продале за бела лута ракија
и рујно вино црвено.
Ако му го зеле гунчето нека ми е живо момчето.

Каракамен-планина во медитеранското поднебје со непредвидливи временски услови. По сончевите бласоци на врвот на Дурла што доминира над Негушкото и Воденското Поле и се отсјајува во Островското Езеро, може еднаш да потемни од судирот на облаците со континенталната клима и надморските струења на Егејот. Да стане црна во бел ден, да зататнат громовите во планината, темните облаци да го истурат тешкиот товар, а пороите да го пронајдат својот пат до Бистрица и Арапица. Овие реки се познати, првата како меѓник на македонскиот говор, а втората по легендата, во која и денес се верува дека извира од Охридското Езеро.

Каракамен не станувала црна само од временските услови. Додека со векови им давала закрила на слободољубивите жители од овој крај, таа во темнина ги обвивала оние што поробувале, што посегале по човековото достоинство и по нивните добра. Во таа дива негостопримлива планина за туѓинецот, се пронесувала песната на комитите, шупелката на овчарите, ѕвонците на говедата. Луѓето, храбрите комити, жителите од селата сраснувале заедно со планината. Во нејзините дабови сенки, потоа под многубројните јавори кај „Свети Никола“ во Негуш, Катраница и другите рустични места, тие ја опејувале саканата планина, настаните од минатото и подоцна.

Се кажувале и се пренесуваат приказните за големото Негушко востание во 1822 година, за ослободена територија од Османлиите, за легендарните водачи, за предавството и за безочниот аскер, Негуш бил неосвоива тврдина. Бранет со успех. Но и овде се нашол предавникот. Ја прокажал тајната врата на градот. Така на 22 април 1822 година влегле Турците и го почнале невидениот колеж.

Сите бранители и машки деца ги убивале, сечејќи им ги главите. Жените со доенчињата и малите деца в раце собрани на чистинката кај водопадот на Арапица го посматрале крајот на востанието, загинувањето на своите најблиски. Аскерот се приближувал кон нив. Паѓале и последните борци.

Тогаш, една од храбрите жени извикала да го заиграат своето оро – Негушкото. Се фатиле рака за ака. Запеале. Го заиграле карактеристичниот такт на орото и придружната изведба на фигурите. Нивното „Иху“ одекнувало на крвавото боиште. Орото се извивало во круг како почит кон загинатите. Потоа се исправило се упатило кон Арапица, кон бездната, длабока педесетина метри. Се фрлале жените во понорот сами или со децата на гради. Стивнала песната го снемало орото на смртта. Останал само шумот на водопадот Арапица. Неговиот татнеж и денеска потсетува на огромната храброст, на негушанките за кои смртта претставуваше слобода, достоинство, неразделност со најблиските.

Во пазувите на Каракамен се прикажувало и се пеело не само за храброста. Присутно било секојдневието, љубовта. токму тука, на Каракамен е испеана една од најубавите македонски лирски песни.

Песната за Дафина, за момчето што го љубела, за својот саканик. За тој свој строен момчак што го замислувала во неговото бело гунче. За тоа што им завидувала на овците што биле со него, а таа долу во селото очекувајќи го нестрпливо да слезе со стадото, да разменат погледи и по кусите украдени средби пак да бидат раздвоени.

Моминското срце за секој миг на саканиот, за секој збор за него се растреперувало, разнежувало. И веста дека гунчето му било украдено од ајдутите ја растревожила, но набргу ја премавнала. Нека е жив тој и нека пијат ајдутите ракија и вино. И таа заедно со него и со сватовите ќе ја пие лутата бела ракија со многу анасон, што има посебен вкус. Ќе го пие и тоа вино „бруско“, киселкасто со своевидна црвена боја, која по квалитет го нема и во подалечната околина.

Песната за Дафина ја шумолат дабовите и јаворите на Каракамен. Секојдневно се пее и на свадбените и на домашните свечености и се емитува преку радиостаниците.

Од книгата „Песната и коренот“ од Никифор Смилевски, Велес 1992.

https://www.youtube.com/watch?v=vWfAGx49F0s

Најново од: Култура и туризам

Археолошкиот локалитет „Церје“ кај селото Говрлево, Скопско и локалитетот „Кокино“, Кумановско

Церје, Говрлево, мегалитска опсерваторија Кокино, праисториска Македонија, археолошки локалитети во Македонија, древна македонска историја, бронзено време, праисториска археологија, древни македонски печати, културно наследство на Македонија Исклучително знаење за докажување дека постоела ПРАИСТОРИСКА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА имаат печатите од локалитетот ,,Церје” кај с. Говрлево близу до Скопје. Имено, археологот Милош Билбија во 1982 – 1983 година, при […]

Под Скопското Кале пред повеќе од 5.000 години постоела праисториска населба

Под денешното Скопско Кале, на просторот што со векови претставувал значаен стратешки и историски пункт, се кријат траги од животот на луѓето уште од праисторијата. Археолошките истражувања потврдуваат дека овој простор бил населен многу пред изградбата на средновековното и подоцнежното утврдување. Според археолошките наоди, на подрачјето на Скопското Кале постоела праисториска населба, чии почетоци се […]

МАНАСТИР „СВЕТА ПРЕЧИСТА“ – КРНИНСКИ МАНАСТИР, ДУХОВЕН БИСЕР НА КИЧЕВСКО

Манастирот „Света Пречиста“, познат во народот и како Крнински манастир, се наоѓа на падините на планината Врвои, на надморска височина од околу 920 метри, на приближно 12 километри од Кичево. Сместен во прекрасна природна околина, опкружен со планински шуми и чист воздух, манастирот претставува еден од значајните духовни, културни и историски споменици на Кичевскиот крај […]

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

To top