Култура и туризам

Полошки манастир „Свети Ѓорѓи“ Кавадарци изграден во првата половина на 14-от век

sv-gorgi-poloski

sv-gorgi-poloski

Манастирот „Свети Ѓорѓи“ или во народот попознат како Полошки манастир претставува еден од најзначајните културно-историски споменици во Македонија и несомнено е бисер на македонската средновековна уметност. За да стигнете до ова прекрасно место кое изобилува со душевна топлина и спокојство потребно е да го поминете Тиквешкото езеро и по 12 километри возење со чамец на средината од езерото пред вас се појавува восхитувачкиот манастир. Изграден во првата половина на 14-от век а лоциран 20 километри југозападно од Кавадарци во подножјето на планината Вишешница манастирот е распослан на левиот брег на Тиквешкото езеро. Името на манастирот потекнува од селото Полошко но по создавањето на Тиквешкото езеро по долината на реката Црна во периодот од 1964 до 1968 година, селото Полошко веќе не постои. Манастирската црква е посветена на Св. Великомаченик Ѓорѓи која е изградена во 1340 година а во периодот од 1342 до 1345 година истата е фрескоживописана. Додека припратата на црквата е подоцна изградена некаде во почетокот на 16-от век. Црквата е изградена во форма на еднокорабна градба поделена на три травеи со купола врз осмостран тамбур и тристрана апсида од надворешната страна. Манастирската црква е ѕидана со камен и тула, фасадата не е со идентичен распоред а има наос и припрата. Во манастирската црква влегувате преку двете забележителни дрвени врати кои се влез на припратата а истите се изработени во плитка резба исто како и иконостасот кој датира од 1676 година. Внатрешноста на црквата е во целост фрескоживописана, зографите се непознати но по стилот на зографисување се претпоставува дека се зографи кои што потекнуваат од старата византиска цариградска школа. Фрескоживописот датира од 14-от век и истиот е прецртан по реставрацијата изваден е вториот слој на фрески и денес во манастирот се првобитните фрески. Сите поважни предмети кои имаат значење при реставрацијата се префрлени во Народниот музеј во Скопје во периодот од 1983 до 1986 година. Така во црквата стоел полиелај или народски кажано црковен лустер кој што бил изрезбан во дрво и кој воедно е најстарата резба во Македонија а датира од 1492 година. Истотака изработен во длабока резба бил и големиот иконостасен крст со распетие од 1584 година а тука можеме да ги спомнеме и престолните икони на Св. Богородица од 1694 година и на Исус Христос Спасител со апостоли кои датираат од почетокот на 16-от век и се разбира царските двери кои датираат од крајот на 16-от век. Вредна да се спомене е житејската икона на Св. Ѓорѓи која датира од 1630 година како и делот од владичкиот стол кои истотака се префрлени во музеј. Фрескоживописот според своите карактеристики датира од 14-от век освен оној во нартексот кој што е изработен во 17-от век. Значајно е да се каже дека кај живописот во оваа црква се забележуваат некои особености кои што се разликуваат од другите живописи во тој период. Од насликаните композиции највпечатливи се „Причестувањето на апостолите“ и „Богородица ширшаја небеса“ во олтарната апсида, „Успение на Богородица“ на западниот ѕид композицијата во која може да се забележи невообичаениот став на Исус Христос кој се навалил над Богородица дарувајќи и го последниот бакнеж. Со најновите истражувања на постариот слој од фрескоживописот откриени се портретите на крал Душан и на неговиот брат Драгушин кој што бил погребан во манастирот. Се смета дека од 1340 на молба на мајката на Душан и Драгушин манастирот е приложен на Хилендар а околу 1378 година браќата Дејановиќи го приложиле манастирот на светогорскиот манастир Св. Пантелејмон. На влезот во манастирскиот комплекс ве пречекува камбанарија која датира од 1930 година но се претпоставува дека истата е изградена подоцна и дека тоа не е нејзината вистинска местоположба. Значајно е да се напомене дека од манастирскиот книжевен фонд во полошкиот манастир имало 50 товари ракописи во 19-от век. Според написите кои се зачувани манастирот бил обновуван со поголеми зафати во 1609 и 1881 година а монаси во него немало се до 1900 година. Во манастирот долг временски период немало монаштво но во минатото имало. Монасите во тој период одгледувале добиток и обработувале земја. По подолг временски период од 2009 година кога е осветен новиот конак на манастирот во него живее икушеничката Драгица која се грижи самата за манастирот заедно со помошта која и ја дава Повардарската Епархија и владиката Агатангел. Манастирскиот комплекс го нема повратено целиот имот а денес само дел до тој имот е во сопственост на црквата и истиот е заштитен. Работејќи чекор по чекор манастирскиот комплекс постепено се возобновува и се очекува во годините кои што идат манастирот да прерасне во духовен центар од кој на сите посетители ќе им застане здивот од воодушевување. Да се надеваме дека сето она кое е изнесено од овој прекрасен манастир поради опасноста од крадци со неговото заживување ќе се успее да се врати назад и со тоа манастирот да се врати во неговата автентичност и првобитност и да маѓепсува со неговата убавина и спокојство. Најголем број на верници кои ја покажуваат својата посветеност кон Бога, кон Свети Ѓорѓи и кон манастирот има за време на патрониот празник, на Ѓурѓовден и при празнувањето на Успението на Богородица кога се одржува богослужба и народна веселба.

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top