Култура и туризам

Бигорските убавини – мамка за туристите

Бигорските убавини – мамка за туристите

Насекаде низ планините Кораб, Дешат, Бистра… блика чиста, студена и пивка вода со која ја гасневме жедта. Многу рекички и потоци се движат низ стрмнините, се пробиваат низ карпите и низ големите камења, за на крајот да се влеат во Радика… Покрај изобилството природни убавини, вистински предизвик е да се посети и манастирскиот комплекс „Свети Јован Крстител“, кој се простира во подножјето на планината Бистра со непроценливиот и уникатен иконостас

Деновиве два-три дена престојувавме во регионот на Долна Река. Во овој период од годината не само што е најубаво да се престојува во регионов, туку претставува вистинско уживање во колоритните предели. Насекаде доминира зелената боја на ливадите, на шумата и на овошките, застапени беа и другите бои во различни нијанси, кои ретко можат да се видат на други локации. Доминираат горските цвеќиња во многу бои, шумски плодови, планински чај, кантарион, мајчина душица, повеќе видови печурки, разновидни птици што создаваат посебна глетка во природата. Мирот, тишината, чистиот и свежиот воздух го прават престојот незаборавен и неповторлив. Низ планинските беспаќа среќававме вљубеници во природата, домашни и странски, кои, како и ние, се восхитуваа во даровите на природата, уникатни пејзажи, глетки што ги има на секој чекор.

Насекаде низ планините Кораб, Дешат, Бистра… блика чиста, студена и пивка вода со која ја гасневме жедта. Многу рекички и потоци се движат низ стрмнините, се пробиваат низ карпите и низ големите камења, за на крајот да се влеат во Радика. Жуборот што го создаваше паѓањето на надојдените води ја нарушува тишината, како и птиците, кои со своите песнички го дополнуваа природниот амбиент. Водопадот Дуф, кој се наоѓа во близината на селото Ростуше, на туристите им нуди посебна атракција, а најдолгиот водопад во Македонија, Длабока Река, под планината Кораб, претставува неповторливо доживување за искусните планинари. Најпосетен е во мај и во јуни, бидејќи интензивно се топи снегот и овозможува водопадот да ја постигне максималната должина од околу 140 метри. Исто така, вниманието на планинарите и на туристите им го привлекува месноста Локув, што се наоѓа над долнореканските села Битуше и Требиште, на планината Дешат, на 1.565 метри надморска височина.
Многуте природни убавини и реткости на регионот на Горна и Долна Река и на Мијачијата, дополнети со автентичната македонска архитектура на куќите и на другите објекти, црквите и манастирите со икони, фрески и други црковни предмети создавани низ неколку века, атрактивниот мост Елен Скок како и манастирскиот комплекс „Свети Јован Крстител“, кој се простира на подножјето на планината Бистра со непроценливиот и уникатен иконостас, се мамка за туристите.

– Во деновите за викенд на богослужбите манастирската црква е преполна, многу гости има на манастирските конаци, чардаци, дворот. Верници и други гости доаѓаат од сите краеви на Македонија да се помолат за здравје, да запалат свеќа, му се молат на Претечата да им помогне во решавањето на нивните здравствени и други проблеми. Радува податокот што годинава значително е зголемен бројот на странските посетители, а ги има речиси од сите делови на светот. Многу изградивме за 23 години од обновата на монашкото братство, кое беше укинато во 1948 година, но треба да градиме уште објекти. Планот е готов за изградба на конак за посетителите, планираме да го подигнеме во близина на паркингот пред манастирот, со што ќе ја ублажиме потребата за ноќевање во манастирскиот комплекс – вели архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.

Во манастирскиот двор го сретнавме Тодор Гавриловски, гостиварец, со едногодишниот Лукас, неговата сопруга и нејзините родители Хесус Цистернос Ледо и Кристина Тена Давина, универзитетски професор, доктори по медицински науки, кои живеат и работат во Мадрид, Шпанија.
– Македонија е прекрасна држава, воодушевени сме од сето она што го видовме. Охрид со езерото и со манастирите и црквите „Свети Наум“, „Свети Јован Канео“, „Света Софија“, Плаошник и други цркви и манастири. Меѓутоа, Бигорскиот манастир е ненадминат. Со сопругот Хесус го имаме прошетано речиси целиот свет, како иконостасот во црквата во Бигорски никаде не сретнавме. Половина час го разгледувавме и не успеавме да ја откриеме тајната на копаничарите, за изработка на примероци од флората и фауна. Воодушевени сме од сѐ што видовме, македонската кујна ни остави посебен впечаток. Во „Куќата на Мијаците“ не само што уживавме во домашните специјалитети на овој регион, природна и вкусна храна, туку посебно нѐ привлекоа фотографиите на великаните од овој крај, на свадбарските обичаи, носијата и на предметите што ги користеле жителите на овој регион, кои се изложени во ресторанските сали – вели таа.

Со воодушевување ни говореа и Михаил и Лидија Шестакови, од Кавадарци, кои над три децении живеат и работат во Австралија.
– Моите пријатели во Австралија со нестрпливост ме очекуваат да им ги презентирам убавините на Македонија со големиот број фотографии и клипчиња што ги создавав за мојот неколкумесечен престој во нашата сакана татковина – Македонија. Секако многу атрактивни фотографии направив во Бигорскиот манастир, кои се неповторливи – ги изнесе впечатоците Шестаков.
Манастирските порти се постојано отворени. Туристите треба пред да дојдат во манастирот да резервираат легло, бидејќи 80 легла,постојано се пополнети. Ако посетеноста на кањонот на Радика и на духовното древно светилиште Бигорскиот манастир во изминатите месеци беше значително зголемена во споредба со претходните години, тоа е добра најава дека за летната туристичка сезона посетеноста ќе биде уште поголема. На крајот да истакнеме и дека Бигорскиот манастир, со манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи Победоносец“, во дебарското село Рајчица и десетината цркви во долнореканските села се двигатели на манастирскиот туризам и придонесуваат бројката на посетителите постојано да биде во пораст.


Викендов прослава на патронот на Бигорскиот манастир

Идниот викенд свечено и достоинствено ќе биде прославен роденденот на патронот на Бигорскиот манастир, на свети Јован Крстител-Претеча. Според програмата, на 6 јули (петок) вечерта, во манастирската црква „Св. Јован Крстител“ ќе се одржи бдение, а утрото на 7 јули (сабота) ќе се одржи архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува митрополитот г. Тимотеј, надлежен архијереј на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА, а ќе учествуваат манастирскиот хор, монаси и монахињи и свештенослужители на епархијата.

hКиро Кипроски

Превземено од:

ttps://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/%d0%b1%d0%b8%d0%b3%d0%be%d1%80%d1%81%d0%ba%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d1%83%d0%b1%d0%b0%d0%b2%d0%b8%d0%bd%d0%b8-%d0%bc%d0%b0%d0%bc%d0%ba%d0%b0-%d0%b7%d0%b0-%d1%82%d1%83%d1%80%d0%b8%d1%81%d1%82%d0%b8%d1%82/

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top