Дијаспора

Никола Гроздановски – Коле – лекар и ликовен уметник во Загреб

nikola-grozdanovski

nikola-grozdanovski

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – ЕВРОПА (ЕВРОПСКА УНИЈА)

Никола Гроздановски–Коле по професија е лекар специјалист по општа медицина, меѓутоа, активно се занимава и со сликарство и е признат како мајстор за акварел, но слика и во техника на лавиран туш, молив, темпера…  Тој е еден од иницијаторите за формирањето на Заедницата на Македонците во Република Хрватска и нејзин прв претседател во два мандата, подоцна и секретар, а денес потпретседател и член на Управниот одбор на Заедницата

Името и делото на д-р Никола Гроздановски (Коле Малинајдовски, како го знаат во Штрбово и Преспа) се тесно поврзани со историскиот развој на Заедницата на Македонците во Република Хрватска. Таа е формирана  на 22.12.1991 година и четвртина век дејствува како етничка и национална заедница. Таа е неполитичко и непрофитно здружение на Македонците во Хрватска. Нејзината основна дејност е чување на националниот идентитет и ентитет, негување на јазикот, фолклорот, пишаниот збор, духовното живеење и културните и природните богатства на Република Македонија,    како и историските факти и вистината. Исто така, нејзината програмска одредница е да одржува тесни контакти со матичната држава и соработка со нејзините институции. 

Заедницата успешно соработува со Амбасадата на Македонија во Загреб, со Македонската православна црква – Охридска архиепископија во Хрватска како и со сите други институции во Хрватска и Македонија. Основна цел на членовите на Заедницата е, да бидат лојални и достојни граѓани на Република Хрватска како чесни и достојни амбасадори на Република Македонија.

Никола Гроздановски, или како  што е познат во Преспа – Коле Малинајдовски, заедно со група интелектуалци во Загреб, меѓу кои Тома Прошев, директорот на Загрепската опера, публицистот и новинар Огнен Бојаџиски, авторот на делото „Прометеј македонски“ и други,  уште на почетокот ја одредија програмската ориентација на Заедницата и нејзините друштва. Програмата се состои од активности, меѓу кои: музичко-сценски, ликовно-изложбени, книжевно-лингвистички, информативно-образовни, просветно-педагошки и историско-издавачки и  низа други.

strbovo
Штрбово

Така, во рамките на Заедницата секоја година традиционално се прославуваат: Илинден, потоа „Денот на Заедницата“, „Деновите на македонската култура“, „Рациновиот ден“, „Деновите на браќата Миладиновци“, „Деновите на светите Кирил и Методиј“, се организираат разни изложби, промоции и уште многу други настани. Посебен успех на Заедницата е одржувањето на Летното училиште на македонски јазик, а започнаа со емитување и на емисии на „Македонски минути“ на Радио-КЛ во Сплит и „Македонски час“ на Радио-057 во Задар.

Д-р Никола Гроздановски – Коле е роден 1932 година во село Штрбово, Преспа. Осумгодишно училиште завршил во Љубојно, средно во Битола, а Медицински факултет во Скопје, каде и дипломирал во 1961 година. Во 1964 година дошол да живее во Република Хрватска, во Хрватско Загорје, од каде во 1980 година се преселил во Загреб и се вработил во КБ „Сестре милосрднице“ каде и дочекува пензија во 1997 година.

Покрај основната професија, лекар специјалист по општа медицина, активно се занимава и со сликарство. По својот ликовен израз тој е импресионист- експресионист, а со своите уметнички слики учествувал на повеќе од 200 колективни ликовни колонии, а одржал и повеќе од 200 самостојни изложби. Исто време, тој учествувал на бројни хуманитарни изложби во земјава и во странство.

Неговите семејни корени се во Штрбово, во селото кое се наоѓа во средишниот дел на источната страна на брегот на Големото Преспанско Езеро, во подножјето на Баба Планина, а од десната страна на асфалтниот пат Макази – Маркова Нога. Селото е планинско и во него преовладуваат шуми, пасишта и обработливо земјиште.

Штрбово е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Се претпоставува дека настанало во XV век, а можеби и порано. Се пренесуваат сеќавања дека Штрбово трипати било дислоцирано. За потеклото на името на селото Штрбово, постојат две преданија. Според првото предание, бегот што ја поседувал земјата бил штрб во забите, а според другото предание, селото го добило името од обликот на земјиштето каде било сместено. Првата локација на селото била месноста Чешура, која подоцна во народниот говор се преобразува во Шешури. Местото каде што било првобитно селото е вдлабнатина, како чаша. Поради тоа, го добило името во множинска смисла, бидејќи било  сместено на повеќе вдлабнатини што личеле на чаша – Чешури.

zagreb
Загреб

И хроничарот на ова село, м-р Јонче Филиповски, во монографијата „Штрбово“,  смета дека Штрбово името го добило по обликот на земјиштето, односно кога првото село настанало во штрбнатото земјиште.

Штрбово е убаво македонско село од збиен тип, со околу 70 куќи, сите новоизградени. На куќите преовладуваат белите фасади, а околу нив има овошни и други насади. Во селото постојат осум верски објекти и тоа: МПЦ „Свети Атанас“, изградена во 1930 година, каде се и селските гробишта, потоа црквите „Свети Никола“ (во Горно Село), „Света Богородица“, изградена меѓу двете светски војни од мештанинот Гоце Мирчевски (Василевски), а обновена во 1990 година од мештанинот Јонче Диневски, иселеник во Торонто, другата црква „Света Богородица“, како и црквите „Света Петка“, „Свети Јован Крстител“ и „Свети Тома“, која се наоѓа во центарот на селото,  е изградена во 1990 година од мештанинот Бошко Филиповски.

До Втората светска војна во Штрбово немало ниту еден човек со завршено средно образование, но, во слободна Македонија, со вишо или високо образование се стекнале преку педесетина штрбовчани. Некои од нив се имаат научни звања, магистри и доктори на науки. Меѓу кои посебно место и значење има д-р Никола Гроздановски.

Овој познат и признат граѓанин на Загреб, е еден од основоположниците на Македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ во Загреб. Оваа црковна општина е прва во Република Хрватска и прва што го носи името на маченицата света Злата Мегленска од Егејска Македонија. Таа претставува значајна форма на духовното единство на Македонците во Хрватска и пошироко. Црквата е формирана на 7 декември 1993 година на големиот собир на Македонците што се одржал во загрепскиот музеј „Мимара“. На таа пригода, авторот на овие редови во својство на потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници на Македонија одржал предавање на тема „Историскиот развој на Македонската православна црква“. По предавањето се одржа богослужба во Католичката катедрална црква „Свети Роко“ што е изградена пред околу 300 години и им е дадена на Македонците за бесплатно користење.

Црковната општина во Загреб има воспоставено тесни врски со другите верски заедници во Република Хрватска. Таа редовно организира македонски христијански вечери за денот на браќата свети Кирил и свети Методиј, како и за одбележувањето на патрониот празник на света Злата Мегленска.

Во Хрватска, покрај Македонската заедница и црквата „Света Злата Мегленска“ во Загреб, постојат и се регистрирани пред хрватските власти и друштвата: „Илинден“ од Риека, „Македонија“ од Сплит и „Браќа Миладиновци“ од Осиек. Потоа, македонските православни цркви  „Свети Наум Охридски“ во Сплит, која е формирана на 30 јуни 1994 година и „Свети Јован Осоговски“ во Пула формирана  во 1996 година, кога македонски свештеник отслужи богослужба на македонски јазик во една католичка црква. Оваа црковна општина е организирана од членовите на Македонското културно-уметничко друштво „Кочо Рацин“, кое многу години е средиште на голем број активности.

nikola-grozdanovski-2

Никола-Коле Гроздановски, покрај активностите како претседател и член на македонската православна црква „Света Злата Мегленска“, тој е член и на Советот на МНМ за Град Загреб. Беше активен член и на Иселеничкиот совет за време кога проф. д-р Димитар Керамичиев беше претседател на Матицата на иселениците од Македонија во периодот од 1994 до 1998 година. И ден-денес, како мошне активен член на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, д-р Гроздановски ги застапува интересите на Македонците во Хрватска, и дава значаен придонес во зачувувањето и негувањето на македонскиот ентитет, идентитет, културата, обичаите и традицијата.

Никола Гроздановски како ликовен уметник одржал бројни изложби во многу градови во Хрватска. Меѓутоа, се чини дека во неговата уметничка кариера ќе остане во сеќавање изложбата што беше отворена на 21 јануари 2010 година во Загреб. Тогаш, претставници на македонското национално малцинство во Хрватска, на Амбасадата на Република Македонија во Хрватска, на министерствата во Хрватска и уште многу пријатели на Македонците и љубители на уметноста, се собраа во просториите на Хрватската матица на иселениците во Загреб да присуствуваат на отворањето на 4. циклус на изложбата хрватски и македонски крајолици и ведути на д-р Никола Гроздановски–Коле.

Оваа изложба беше одржана во организација на Хрватската матица на иселениците и Советот на МНМ за Град Загреб. Изложбата ја отвори писателот Јосип Палада, кој меѓу другото рече: „Ми претставува особена чест што можам да отворам уште една изложба на мојот другар д-р Никола Гроздановски. Покрај тоа што тој беше признат лекар за општа практика, голем дел од животот нашиот Коле му го подари на својот уметнички талент, односно во создавањето на прекрасните слики на природата, оживувајќи ги некои заборавени крајбрежја на неговата втора татковина Хрватска и родната Македонија. Вешто спојувајќи ги тие две страсти, се чини како неговите дела да се живи. Во тој секојдневен спој се прават некои чудесии во чудесен спектар на бои кои кај набљудувачот отвораат полн сензибилитет и убавина. Неговите дела се обоени со стихови, лирски рај кој продира до она најубавото на мајката Земја во негибнатата духовност на природата“.

Директорката на Хрватската матица на иселениците,  професор Катарина Фучек, ги поздрави гостите изразувајќи задоволство од големиот интерес за изложбата. Таа истакна дека е гордост да се биде домаќин на ваква богата изложба и одлична можност за спој на две култури – хрватската и македонската. На изложбата посетителите можеа да уживаат во шеесетина акварели со мотиви на ведути и крајолици од Хрватска и Македонија.

slave-katin-nova
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top