Култура и туризам

ИМПРЕСИВНИ ЦРТЕЖИ НА КАРПАТА „ЦРВЕНИЦА“ КАЈ СЕЛОТО ЛОПАТИЦА, ПРИЛЕПСКО

pelagon

pelagon

На околу 1 км западно од селото Лопатица, Прилепско, во подножјето на Селечка Планина, јужно од врвот Висока се наоѓа импозантна гранитна карпа, позната како Црвеница. Карпата има полукружна форма и со стрмниот дел е свртена кон југ. Висока е повеќе од 100 м, а нејзиниот полукружен обем е околу 3 – 4 пати поголем, односно, околу 300 – 400 м. На горната страна на карпата се наоѓа поголемо зарамнето плато, кое денес е деструирано со кршење на големи камени блокови со машини од извесно претпријатие за експлоатација на минерали – гранит. На горниот дел од карпата има пристап од двете нејзини страни, а на стрмниот дел може да се пристапи од западната страна. Од таму води коса и стрмна патека по самата карпа, која води до една третина од нејзината височина, каде се доаѓа до една поткарпа со поголема површина распоредена на неколку нивоа. Оваа поткарпа од источната страна има и еден дел со мала пештера од десетина метри квадратни површина.

Карпата „Црвеница“ – ан-фас

На најистурениот дел од профилот на најгорната тераса се наоѓа мала закосена ниша со издолжена неправилна форма во која се среќаваат цртежи на две антропоморфни фигури, машка и женска. Цртежите се правени со бела боја и со релативно груба, но импресивна естетика. Примитивното сликање е видливо, но симболиката која се среќава е, исто така, нагласена. Елементите укажуваат на постар датум, но без соодветно применување на методите за датирање тешко е да се каже нешто за времето на нивното настанување.

Карпата „Црвеница“ – ан-фас – од поголемо растојание

На горниот дел се наоѓа фигура на жена со необични пропорции – изразено голема глава и сразмерно помало тело, како и несразмерно долги раце, особено левата рака во која држи бројаница со крст или фигура на птица. Во десната рака држи извесна куполеста форма, односно испружената рака се наоѓа над куполестата форма.

Карпата „Црвеница“ – ан-фас – од југозапад

Ликот на женската фигура е изразен со нагласување на очи уста и нос, како и силно изразени веѓи, а нагласена е и косата. Посебно се нагласени градите, а се чини дека фигурата е претставена со долга облека бидејќи не се распознаваат нозе.

Машката фигура се наоѓа веднаш под женската, во долниот дел од нишата. Иако според распоредот таа се наоѓа под женската фигура, остава силна импресија со ореолот околу несразмерно големата глава. Всушност, околу главата има извесни зраци или знаци кои се радијално поставени. Тоа ја нагласува нејзината важност на самиот цртеж. Во споредба со релативно малите очи и носот, устата на машката фигура е видно нагласена и со несразмерна големина. И кај машката фигура телото во споредба со главата е многу мало. Во левата рака долната фигура држи копје, а десната, се чини, испружена, но не се распознава целата нејзина должина. Нозете на машката фигура се нагласени и јасно се забележуваат.

Нишата со цртежите 2

Двете фигури на цртежот, како и другите споменати елементи се со груба, но импресивна естетика. Наткрилениот дел на поткарпата им дава заштита, но дополнително се заштитени со вдлабнатата ниша во вертикалниот профил, која е со длабочина од околу 15 см.

На рамното плато на терасата над нишата со цртежите, која е со површина од околу 3–4 м2, се наоѓаат и две мали јами, длабнатини (копули) – поголема и помала, со пречник од околу 10 см и 5 см. Веднаш до нив, од западната страна се наоѓа мазна и вдлабната површина со кружна форма со пречник од 50 до 60 см.

Машкиот лик

Целата поткарпа била дополнително заштитена со извесна конструкција на што укажуваат видливите интервенции по површината на карпата. На периферијата на терасестиот дел се забележува долго и тесно каналче, а се среќваат и други места со интервенции на човечка рака.

Просторот со цртежите се наоѓа на височина од околу 100 м, односно на околу 50 м под врвот на големата карпа Црвеница и до него се стигнува по долга и стрмна патека од западната страна на карпата. Патеката е јасно видлива, а по нејзината должина на повеќе места се среќаваат вдлабнати стапалки или држачи, кои и денес можат да се искористат за пристап до цртежите. Веројатно е дека патеката била дополнително обезбедена за полесен пристап до култниот простор.

Женскиот лик

Во пошироката околина околу карпата Црвеница се среќаваат и други наоди кои укажуваат на нејзиното некогашно значење. Имено, се среќаваат фрагменти од керамички садови, разни обработени форми по површината на околните карпи, кремен и сл.

 Толкување на цртежот

Со оглед на фактот што во нишата со цртежите женската фигура се наоѓа над машката, треба да се претпостави дека се работи за нејзино соодветно значење. Сосема е веројатно дека се работи за цртежи од праисторијата, поточно од времето на матријархатот кога жената имала посебно значење, како симбол на плодноста, како мајка, како симбол на убавина и еротска привлечност. Тоа е нагласено со бројаницата во нејзината лева рака, но и со куполестата форма под нејзината испружена десна рака, која би можела да го претставува домот, кој бил исклучива надлежност на жената, која се грижела за неговото одржување, за одгледување на децата, нивното прехранување и сл.

Зарежани делови на патеката на процесијата

Фигурата на мажот, која се наоѓа под фигурата на жената не е со помало значење иако е во понискиот дел од вертикалната површина. Тоа сепак не мора да значи некаква хиерархија. Нејзиното значење е зголемено со ореолот околу нејзината глава, што укажува на посебно значење на мажот, можеби претставува и извесно силно божество, кое било култ во времето од кое потекнуваат цртежите. Копјето во десната рака ја нагласува улогата на мажот како ловец и заштитник на семејството, но сосема е веројатно дека овде фигурата претставува некое машко божество, култ на сигурноста на семејството, заштита од евентулани напади, како и заштита од глад во времето во кое човекот многу зависел од ловот како начин на снабдување со храна.

Од пошироката околина – карпа „Куклајца“

 Обид за датирање: Датирањето на цртежите на карпата Црвеница, како и на култното третирање на самата карпа од некогашните жители на овој простор е отежнато во условите во кои го вршам истражувањето. Сепак, тргнувајќи од симболиката употребена на цртежите, како и од скудните движни наоди од теренот, остатоците од праисториската населба која се наоѓа на околу 500 м источно од Црвеница не упатуваат на приближно датирање од 3 до 1 илјадолетите пред нашата ера. Фактот што хиерархискиот распоред на цртежите, со поставување на женската фигура над машката, може да укажува на постаро датирање, односно на времето на матријархатот, што значи во неолитот. Сепак, потребни се подлабоки анализи, археолошки истражувања, како и примена на посовремени методи на датирање, за утврдување на датумот на потеклото на овој импозантен култен објект во фасцинантната карпа Црвеница.

Најново од: Култура и туризам

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

Македонските просветители свети Климент и свети Наум Охридски

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други […]

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

To top