Дијаспора

Митрополитот Кирил – првиот архиереј во македонското иселеништво (6)

2

МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ – ОСНОВОПОЛОЖНИК НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ ВО ДИЈАСПОРАТА

Македонските иселеници од сите делови на Македонија новото раѓање на Македонската православна црква го доживеаја како ново и целосно ослободување на национално и духовно-културно поле. Митрополитот Кирил има големи заслуги за тоа од неговата првата посета на северноамериканскиот континент што ја оствари во 1965 година како архиѓакон, а во придружба на архиепископот г.г. Доситеј, како и на австралискиот континент во 1969 година во својство на надлежен епархиски архијереј

Денес Македонците во новите средини со гордост ја истакнуваат својата припадност. Уште повеќе, благодарение на улогата на македонските православни цркви, црковните и други асоцијации и позитивно-ориентираното македонско свештенство, со голем ентузијазам и полет ги одржуваат црковните и народните традиции и со гордост го истакнуваат богатиот фолклор, јазик и традиции, афирмирајќи го македонското минато и сегашноста, а со тоа ја бранат и ја афирмираат Република Македонија.

Затоа, Митрополито г. Кирил, со цел да се збогати неговото моногравско дело на авторот на овие редови Славе Катин, има дадено поголем број податоци, документација, изјави и друг вид корисни материјали за МПЦ-ОА и за вистината на македонското иселеништво во светот. Така, меѓу другото изјави дека како поранешен долгогодишен надлежен епархиски архиереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) за прекуокеанските епархии се потрудил да ја претстави дејноста на нашата Света црква преку делото на македонските православни црковни општини, како и преку активностите на културно-просветните и духовно-националните центри во прекуокеанските земји, со посебен осврт на оние во САД и Канада.

Првата негова посета на северноамериканскиот континент ја остварил во 1965 година како архиѓакон и во придружба на архиепископот г.г. Доситеј, а австралискиот континент првпат го посетил во 1969 година во својство на надлежен епархиски архијереј. Оттогаш речиси две и пол децении секоја година ги посетувал САД и Канада, земји за кои ќе стане збор во ова излагање. Македонската православна црква игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во организацијата „Обединети Македонци”.

2

Св.Климент Охридски во Торонто

Во македонските православни цркви членуваат Македонци од сите делови на Македонија. Тие, заедно, под закрила на мајката Црква, во своите храмови, пред сеʼ, ја претставуваат Македонија, го чуваат македонскиот национален идентитет, но во исто време ги делат радостите и жалостите, се молат на Бога на својот мајчин јазик, говорат еден ист јазик, пеат исти песни, играат исти ора и имаат исти традиции и обичаи.

Со тоа тие го потврдуваат својот идентитет и своето јасно сознание дека му припаѓаат на еден ист народ и дека се чеда на својата духовна мајка – автокефална МПЦ-ОА. За тоа каква улога одиграла и што значела и значи нашата Света црква во прекуокеанските земји за нашите сонародници, колкава е нивната љубов кон неа и кон Македонија?

Според зборовите митрополитот г. Кирил, Македонците кои се доселиле во Торонто во почетокот на XX век, сакајќи да имаат свое македонско светилиште, во 1911 година ја изградиле црквата „Св. Кирил и Методиј”. Во тоа време црквата не можеле да ја наречат македонска бидејќи не постоеше нашата матична МПЦ. Немајќи друг избор, ја прифатиле јурисдикцијата на Бугарската православна црква. Подоцна сфатиле дека горчливо се излажале, бидејќи црквата „Св. Кирил и Методиј” била правно (канонски) врзана за БПЦ и ја загубиле. Трагедијата да биде поголема, бугарската пропаганда правела сеʼ и преку оваа црква да им ја наметне идејата дека Македонците се Бугари.

Идентичен е случајот и со црквите „Св. Климент Орхидски” во Детроит (САД) и „Св. Кирил и Методиј” во Мелбурн (Австралија), за кое го приведуваме искажувањето на Ристо Попов кој рекол: „Ние Македонците ја изградивме црквата, но потоа ни ја одзедоа Бугарите и ја ставија под своја јурисдикција”. И случајот со црквата „Св. Богородица” во Сиракјуз (САД) била купена исклучително со даренија од Македонци, а со измама била одземена од тогашниот бугарски владика Андреја Велички (според изјавата на митрополитот Кирил, искажувања на Марко Јанкуловски, Ацо Дудевски и уште десетина други Македонци од Сиракјуз). Меѓутоа, по престојот на архиепископот г.г. Доситеј во овој град во 1965 година, по кратко време се купи нова црква која беше евангелисана во 1968 година.

Според искажувањата на митрополитот г. Кирил, црквата „Св. Климент Охридски” во Детроит е осветена од бугарски архијереј во 1964 година. Потоа е одземена иако е изградена со средства исклучително на Македонци. Денес, вредноста на овој комплекс чини преку 5.000.000 долари. Овие пропусти и загуби ни се случуваа бидејќи нашата Црква како самостојна не беше дефинирана пред властите во прекуокеанските земји сеʼ до обновата на нејзината автокефалност во 1967 година кога се стави крај на негаторските валкани манипулации.

Организирањето на македонските црковни општини се зголеми, а со тоа и нивната огромна улога во целокупното живеење на Македонците во овој далечен свет. Така охрабрени, нашите сонародници почнаа вистински да ги бараат и наоѓаат корените на својот македонски национален идентитет, јазик, афирмација и сигурно опстојување во новата средина.

Исто така, во една прилика во неговиот кабинет, митрополитот г. Кирил изјави дека при неговата канонска посета во Австралија во 1980 година, во градот Њу Касел, во една болница го посетиле сонародникот Стево Ѓорѓиев од с. Рула, Леринско. Долго беседеле. Во оваа пригода ќе изнесеме само дел од разговорот во кој со солзи тој му велел: „Стар човек сум и тешко сум болен. Наскоро ќе се разделиме. Но, во исто време сум и среќен човек. Ме радува многу она што нашата мајка Црква го прави и за нас Македонците кои со болка моравме да ги напуштиме татковските огништа, а многу од нив беа и насилнички протерани. Дојдовме во овој далечен свет, се распрснавме заплашени и здивени како пилиња без квачка. Но, сега ќе умрам среќен.

3

Поглаварот на МПЦ г.г. Доситеј и митрополитот Кирил во Перт, Австралија

Овде сум 50 години. И како Македонец дојдов со грчки пасош. Ме измачуваше желбата да се здобијам со некој документ што ќе сведочи дека сум она што сум – Македонец, а не Грк. Го барав од властите овде, ми беше речено дека немаат административна основа за да ми издадат таков документ.

Единствен документ што сведочи оти сум Македонец е членската карта од нашата македонска црковна општина. Сега, пак, срцето ми е уште пополно со радост зашто моите внучиња имаат документ – крштално свидетелство што е официјален документ и пред австралиското општество во кој пишува дека нивните родители се од нашата родна Македонија. Матичните книги на родените и венчаните при нашите македонски цркви се голема радост за нас. Тоа межеше да ни го пружи само нашата МПЦ и никој друг. Тешко можеме да иʼ се оддолжиме. Таа многу направи за нас”.

Инаку, пред да се организира црковниот живот, венчавките и крштевките се вршеа и се заведуваа во протоколите на туѓите цркви и, секако, не од родители со потекло од Македонија и Македонци. Тие беа заведувани како Бугари, Грци, Срби и друго. Македонските православни црковни општини и културно-просветните центри за Македонците во прекуокеанските земји претставувале и денес се нивна лична карта за нивна препознатливост и афирмација на црковно-духовен, национален и културно-просветен план.

До почнувањето со организиран црковно-духовен и културно-просветен живот, штедрите даренија од Македонецот се слевале во касите на другите цркви кои, за жал, биле употребувани за вршење асимилаторска дејност врз Македонците и на тие далечни простори од Македонија.

Црковна служба во МПЦ „Света Богородица“ во Детроит

Митрополитот г. Кирил има речено дека новото раѓање на МПЦ, Македонците го доживеаја како ново и целосно ослободување, зашто и покрај постоењето на слободната Република Македонија, ако немавме наша македонска црква, Македонците во светот сеʼ уште ќе беа под духовно ропство преку дејствувањето на ненародните балкански цркви, свештеници и архиереи и до денес нивната однародувачка политика немаше да престане.

Ако не беа МПЦ-ОА и Република Македонија, ние, денес, многу малку ќе можевме да зборуваме за успешно црковно-духовно и културно-просветно организирано дејствување во прекуокеанскиот свет. Тоа е од фактот што грчките, српските и бугарските цркви беа порано организирани во тој свет па ги присвојуваа Македонците како нивни пред тамошните фактори. Меѓутоа, преку успешната дејност на македонските црковни општини, се успеа македонските етнички групи да добијат рамноправен третман со сите други етнички групи.

Веднаш по Црковно-народниот собор во Охрид од 1958 година, а особено по Соборот од 1967 година, до раководството на МПЦ многу позасилено почнаа да пристигнуваат голем број честитки со целосна поддршка на значајните историски оживотворувачки настани за Македонската света црква и со многу барања за формирање бројни македонски црковни општини. Тие почнаа да се претвораат во најсилното оружје против сите оние кои посегаа по светоста, името и достоинството на народот наш македонски.

Продолжува

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Илјадници наши иселеници летово во Македонија

Фиданка Танаскова Посети и дружење за незаборав Д-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн помина два месеца во родната земја, исполнети со средби, патувања и дружење. Летово, во своја Македонија, на балканската крстосница во јужниот дел на Европа, допатуваа илјадници наши сонародници од различни генерации, кои низ годините заминале на разни страни од светот. Оживеаја многу […]

Градот Мелбурн им се извини на Македонците

Градскиот совет ги покани македонските играорци повторно да настапат на парадата Мумба во 2027 година, со дозвола да го истакнат знамето со Ѕвездата од Кутлеш.   Градот Мелбурн на 16 ноември 2026 година официјално ѝ се извини на македонско-австралиската заедница поради одлуката со која во март на македонските учесници на парадата Мумба им беше забрането […]

Мито Алексовски од Полска во 2010 година: Името Македонија му припаѓа на македонскиот народ

Името и другите државни вредности на Македонија не се приватни сопствености на политичарите а, ни на било која партија. Тоа се сопствености на целиот македонски народ. Исто така тоа не е стока за продавање и не постои  начин не можат да бидат тема на политички разговори или дипломатски трговии. Кој го прави тоа е предавник […]

Се одржа Јубилејна „Егејска вечер“ и семакедонската средба во Штип

Јубилејната „Егејска вечер“ и семакедонската средба во Штип ги собраа Македонците од Грција, Бугарија и Албанија, како и Македонците од Егејска Македонија кои денес живеат во Република Македонија. Од средбата беше упатена порака за зачувување на македонскиот идентитет, поцврсти врски меѓу заедниците и поголемо внимание од институциите кон нивните права. Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на […]

Апел на Друштвото на Македонците во Полска од 28 мај 1994 година

Друштво на Македонците во Полска Гдањск, 28 мај 1994 година До Претседателот, Владата и Парламентот на Република Македонија АПЕЛ Ние, Македонци – бегалци од егејскиот дел на Македонија, здружени во Друштвото на Македонците во Полска, апелираме до Претседателот, Владата и Парламентот на Република Македонија да не се откажуваат од името „Република Македонија“, знамето, сонцето – […]

ОМД успешно ја заврши втората турнеја низ Германија

Од 2 до 8 ноември 2026 година, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) посети пет германски града. Се сретнавме со македонските заедници, ја претставивме нашата работа и направивме нови чекори кон формирање на ОМД Германија. По првата турнеја во март, вториот дел собра семејства, професионалци, здруженија и институции. Еве краток преглед на секоја станица. Бретен (Карлсруе) 2 […]

Македонската црква Свети Кирил и Методиј во Чикаго

Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго е духовно собиралиште на македонските иселеници и место за зачувување на православната вера, македонскиот јазик и традициите од татковината. Во далечната 1979 година, Македонците од Чикаго го направиле првиот поголем чекор кон остварувањето на својот сон – купиле постара црква во Бервин, Илиноис, и веднаш започнале […]

Семакедонска средба на 14 ноември во Штип

Традиционалната Семакедонска средба годинава ќе се одржи на 14 ноември 2026 година, сабота, со почеток во 12:00 часот, во хотелот „Оаза“ во Штип. Организатори на средбата се Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“. За […]

To top