Вицепремиерот Александар Николоски изјави дека Македонија во следните години ќе има „најдобри автопатишта во регионот“, посочувајќи дека по речиси три децении недоволни инвестиции во патната инфраструктура, Владата работи на повеќе големи проекти истовремено.
Македонија ќе има одлични автопатишта, би рекол, најдобри во регионот во следниве години како ќе ги завршуваме проектите, истакна Николоски во поткастот „Риштази“. Тој нагласи дека државата изгубила околу 30 години со минимални вложувања во патната мрежа, а сега се прават сериозни напори за надминување на тој заостанат развој.
Според Николоски, речиси е завршено источното крило на Коридорот 8, каде што е изграден експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, како и обиколницата и рехабилитацијата на граничниот премин кон Бугарија. Воедно, најави дека со поддршка од Европската Унија ќе се реализира и делницата Куманово–Страцин.
На западниот дел од Коридорот 8, како што посочи, интензивно се работи на автопатот Тетово–Гостивар, додека напредуваат и активностите на други значајни патни правци низ државата.
Николоски оцени дека новите инфраструктурни инвестиции ќе придонесат Македонија да добие современа и побезбедна патна мрежа, споредлива со најразвиените земји во регионот.