Дијаспора

КОРЕНИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ ОД КАНАДА (2)

vidik1

vidik1

ЖИВОТНАТА ПТИКАЗНА  НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ (ДЕЛ II)

Судбината на семејството Видиновски е слична или идентична со судбините на голем број други иселеници од етничка Македонија. Во делото тие се претставени како Македонци со својствени одлики на луѓе, кои колку и да претрпеле удари, и да поминале низ разни премрежија, бидејќи имале и добри и лоши детски, младешки и други денови, сепак, тие опстојале и останале доследни како страдалници, како среќници, како борци за подобро утре

Поетесата Рада Видиновска потекнува од селото Живојно, а е сопруга на Борче Видиновски кој потекнува од селото Крстоар, кое е едно од најкарактеристичните места, сместено во падините на Баба Планина, свртено кон плодната Пелагонија. Тоа село има прекрасна местоположба и климатски услови за одмор и живеење и како едно од најблиските населби на Битола, го вбројуваат меѓу најхристијанските села во тој регион. Крстоар е убаво село кое пленува со своите стари архитектонски  градби, со дворовите, чардаците, панорамата и живописната околина.

Семејството Видиновски се дел од многуте печалбари од потпелистерските краишта, за кои судбината била сурова и оставила вековни последици и лузни врз животот на иселениците. Во таа печалбарска сага, секако свое посебно место има нивното родно село Крстоар кое е тесно поврзано со историскиот и општествениот развој на Македонија и македонскиот народ и со иселеништвото во целина.

Борче и Рада се личности за почит и пример на кои можат и треба да се огледаат и други Македонци во двете татковини, Канада и Македонија. Делото што го направил Борче Видиновски и неговиот животен сопатник Рада Крстевска-Видиновска, претставува убав пример и патоказ на еден честит и благороден канадски брачен пар.

Борис (Борче) Видиновски е роден во 1943 година во Крстоар, Битолско. Основно образование завршил во Буково, а Средно земјоделско училиште учел во Гостивар. Во тој период од животот Борче е еден од ценетите млади луѓе во селото и пошироко. Тој бил послушно, трудољубиво и вредно момче кое заедно со другите млади луѓе од селото и околината, поради животните состојби и својата иднина, размислувал каде по белиот свет да ја бара својата иднина и живот.

vidik2  vidik3

Рада и Борче со внучињата

Тој е еден од најактивните членови на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“. Денес живее и ги поминува пензионерските години во  метрополата Торонто, поточно во Маркам, а со копнеж тагува и пее за родната татковина – Македонија, каде доаѓа, речиси, секоја година. Борче Видиновски се покажал и докажал преку постоењето и работата на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, кое работи во состав на МПЦ „Свети Климент Охридски“ во Торонто.

Денес, Македонците во новите средини во мултикултурна и демократска Канада, со гордост ја истакнуваат својата припадност. Уште повеќе, благодарение на улогата на македонските православни цркви, црковните и други асоцијации и позитивно-ориентираното македонско свештенство, иселениците со голем ентузијазам и полет ги одржуваат црковните и народните традиции и со гордост го истакнуваат богатиот фолклор, јазик, литература и традиции, афирмирајќи го македонското минато и сегашноста, а со тоа ја бранат и ја афирмираат Република Македонија.

Животот на едно благородно иселеничко семејство од Македонија во Канада, како што е семејството Видиновски сместено во еден скромен со податоци биографско-публицистички времеплов, е своевидна сага за неговото опстојување. Монографијата за семејството Видиновски со сета скромност е лика и прилика за нивниот живот и за делото што тие го оставаат вечно да се сеќаваат младите генерациите во нивното семејство, како и да биде убав пример за иселениците да ја негуваат љубовта кон дедовските корени во Македонија.

vidik4  vidik5  

Рада и Борче во Македонија

Иако најголемиот дел од животот го минуваат во емиграција, Борче и Рада до крајот на своето опстојување останале поврзани со родното Крстоар и дедовската земја, Македонија. Тие не се покажале како обични печалбари кои, ете, отишле само да спечалат и да се вратат, или после долгата и успешна печалба да останат во туѓина. Напротив, Борче и Рада, како личности, настојуваат да навлезат во суштината на животот во новата средина и во македонската вистина, слобода, иднина…

Посебен простор во монографското дело е посветен на поетесата Рада Крстевска- Видиновска. Таа е Канаѓанка од македонско потекло, родена во селото Живојно, а мажена во Крстоар. Рада ја напуштила својата родна земја – Македонија, меѓутоа, спомените, мислата,  љубовта, тагата и патриотскиот дух кон татковината и својот народ не ја напуштиле. Не. Тие тлеат, постојат и ги оживуваат низ стиховите, низ песните и низ сé она што го оставила како свој придонес, дар и оставнина.

Ваквите проникнувања на овие хоризонтали во животот на Рада и нејзиниот сопруг Борис (Борче) Видиновски, како и сите Македонци ширум светот, ја откриваат сликата за библиската природа на древната земја на нивното потекло – Македонија.

Кога се пишува за Рада Видиновска може да се каже дека за неа поезијата, всушност, е нејзиниот живот. Во нејзината поезија се испреплетени нејзините две татковини, Македонија и Канада. Затоа поетските дела што таа ги напишала претставуваат убав пример и патоказ на една честита и трудољубива канадска Македонка, на која татковините ѝ се и радост и тага и восхит. Во Канада, Рада Видиновска стана македонски иселенички писател, поет, есеист и раскажувач. Затоа, може да се рече дека во нејзините скромни поетски рамки и преку нејзините дела се проектира македонската иселеничка поезија.

vidik6

Дел од семејството Видиновски

Во биографијата за Рада Видиновска се вели дека таа е современ македонски писател, поет, есеист, раскажувач. Таа живее во Торонто, Канада со семејството, но  постојано копнее, пее и тагува за родната Македонија. Нејзините корени се од селото  Живојно, Битолско, каде е родена на 15 јули 1944 година. Во Торонто активно се вклучила во македонските иселенички организации и црковни општини.

Била член на управата на МПЦ „Свети Климент Охридски“, член на културниот комитет,  како и претседател на женската секција при црквата „Свети Климент Охридски“, претседател на женската секција при организацијата „Обединети Македонци“ и претседател на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, во Торонто. Повеќе години била учесник на Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ по покана на Управниот одбор на СВП и застапена е во изборот „Кој е Кој“ на светските поети.

Монографијата за семејството Видиновски е поделена на неколку дела. Во нив се претставени нивните две татковини – родната Македонија и земјата на нивниот животен пристан – Канада. Во неа живеат со децении, но се чести гости и во Крстоар и во Охрид, каде имаат стан за одмор и рекреација. Претставени се нивните родни места, селата Крстоар и Живојно, за кои се објавени сите релевантни податоци во текот на нивното постоење. Исто така, претставени се значајните личности, со посебна нагласка на црковно-духовните центри од двете села.

Исто така, монографијата е посветена на поетското творештво на Рада Видиновска. Така, сите четиринаесет поетски дела што ги напишала Рада Видиновска претставуваат убав пример за една трудољубива иселеничка. Поетските дела на Рада Видиновска се промовирани на многу места во Република Македонија и на северноамериканскиот континент.

Тоа придонело таа да е прв лауреат на наградата „Иселеничка грамота“ во 1992 година, што за првпат Матицата на иселениците од Македонија ја додели на „Струшките вечери на поезијата“ за најдобар поет од дијаспората. Рада е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година, а, исто така, и член на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ од Струга.

Продолжува

d5 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН     

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top