Марија Емилија Кукубајска
ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ИМПУЛСОТ
(Аполо на Месечината, 20. 07.1969)
Песната е напишана на 20 јули, 1969, во Штип, во тек на ТВ преносот од „Аполо 11“ на Месечината. Објавена е во Јаглен и Дијамант, Наша Книга, Скопје, 1973 и во второ, дополнето, едитирано издание на „Временија и Неоткрит“ и „Јаглен и Дијамант“, ИНТЕ(Р)Грации на ИСТОРИ-ЈАта, ЕМАРИ, 2013)
(извадоци)
Море на Тишината: Живот од сончевиот камен
Мисло-дајно го вденува нервот на мозокот
Низ корени разгорени и во метален пламен.
Со мислооки дендрони во недовидна големина
Усвитени ќелии населуваат нови умови и тела
За да не бидат заробеници на љубовта кон знаењето.
……..
Крстители на туѓини неветени,
Патувачите, на нов еон посветени,
Од име на железни немири
Во име на нерасплетени етери –
Се предаваат на тајна што се шири,
Ја покоруваат во гради на срцевината,
Зближувајќи се и со себе,
И со родители на на далечината,
И со деца на близината, Добрината.
Земјата гледана од Месечината
Останува ли облечена во об-лик
На тело осамено, кораво, студено тело?…
Временија – тајна непоречена,
Го кани Неоткрит на небоплодно дело.
2.
Во длабината
Безимена смрт,
Постоиме се’ уште, и се’ повеќе ние.
Бевме поим за безогнена топка –
Бескрајни господарства и закони живи
Низ коски и меса што крие.
Знаме бевме на црвена вода
Во студени огнови што се вие.
Бевме најпрецизни дијалози
Меѓу световите и умовите.
Сведоци станувавме,
За бескрајот навидум невидливи,
Титани сега стануваме
На Земјините улоги.
Се вративме, сепак слепи патници
Во разгорени човечки очи, провиденија.
Се вративме, таму- кај нас, за каменот пак да се стори збор.
Ситното тело невидливо – порасна, се пронајде во простор
Преку врвови на силата, одгласува теченија на вечноста,
Оѕвездува хор за човечноста и нејзините крила, струни
Над предавства – победа за лансирање на човечниот извор:
Ѕвездените летачи:
Еве ви ја панорамата.
Преселете ја во очи, со мисла измиени
Гледајте, месечината не е само за сонувачи;
За дофат е пожива драмата на умувачи
На нејзината мртва сцена
Од земјини актери посетена.
Плитки се шуплините на сенките,
Но од моќта на светлините
Личат на длабоки гробни црнила.
Далеку – зрно плод е Земјата.
Ранлива роса во ноќта.
Но, нескротлива е љубовта
На запалената идно-мината сила
Кон тие машински студени,
Од човек разбудени крила.
Од овде се гледа Земјата:
Капка во космосот скаменета,
заспана далечна убавица.
Од раѓања згрчила пеплосани лица.
Од почит кон неа, во Море на Тишината
Притаивме маневри, знаме посадивме,
А таа, и овде ни’ испрати гласник
Од творци на замниот (к)рај, питомината.
Во сонот на пустината – оставаме опомена
За воскрес во Земниот рај по операцијата.
Сончевиот ветер е скротен од нашиот жив кОд
Како факир што освојува змија несигурности.
Дали?
Во талогот тишина разгранивме врати, портали
Изртевме око и уво, овој свртај да не не’ отфрли,
Испрати напрашено и глуво во распаднат п-Ад.
Овде, величествена пустош …
Болно нечувствителен мир. Но,
Ние, со ново господство вклучуваме стру(н)и
По брегови на тој неограничен вир на тајни.
Нас, живи темели –
Овде бесчувството на месечината не не’ сподели
Со безживот. Прескокнавме – и сон и небосклон
Електронски ќелии да нахраниме – врели
Од разгром на судбинскиот ѕвон, да сме – живи…
… Морето месечево го заучивме да зборува:
Абер, алунирање, аманет.
Со брегот – бранови недоречени да ни’ чува
За шепот, шум, шумо-атоми,
Од Господарот на (в)Етерот,
Во вселената што не’ насадува
За ние стебла да садиме,
кон небото Негово, наше,
човечно, човеково.