Култура и туризам

Свети Никола Летен – празник на големиот Мирликиски Чудотворец

На 22 мај православните верници го одбележуваат пренесувањето на моштите на Свети Никола од Мир во Бари – светител кој со векови е еден од најпочитуваните заштитници во македонската народна и црковна традиција.

Во духовниот живот на македонскиот народ посебно место зазема Свети Никола, еден од најпочитуваните христијански светители и заштитник на многу семејства, села и храмови. Иако кај народот попознат и помасовно празнуван е неговиот зимски празник на 19 декември, големо значење има и празникот Свети Никола Летен, кој се одбележува на 22 мај и е посветен на пренесувањето на неговите свети мошти од градот Мир во Ликија во италијанскиот град Бари.

Свети Никола е роден кон крајот на III век во Патара, во областа Ликија во Мала Азија. Наречен е Мирликиски затоа што бил архиепископ во градот Мир. Уште за време на својот живот бил познат по длабоката вера, милосрдието и грижата за сиромашните, поради што народот го сметал за вистински Божји угодник.

Според црковното предание, Свети Никола учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, каде што ревносно ја бранел православната вера. По долг и исполнет живот, се упокоил на 19 декември 342 година, оставајќи зад себе безброј сведоштва за добри дела и чуда.

По неговата смрт, гробот во Мир станал место на поклонение за илјадници верници кои барале исцеление и духовна помош. Кога во XI век овие краишта биле загрозени од турските освојувања, се појавила опасност и за светите мошти. Според преданието, самиот светител му се јавил на побожен свештеник од Бари и побарал неговите мошти да бидат пренесени на побезбедно место.

Така, во 1087 година, жителите на Бари ги пренеле моштите на Свети Никола во својот град, каде што биле пречекани со голема свеченост. Веднаш потоа започнала изградбата на величествен храм посветен на светителот, во кој неговите мошти се чуваат и денес. Во спомен на овој настан, Православната црква секоја година го празнува 22 мај како ден на пренесувањето на моштите на Свети Никола.

Култот кон Свети Никола е меѓу најстарите во христијанскиот свет. Неговото житие сведочи дека целиот свој имот го разделил на сиромашните, помагал на вдовици и сираци, ги откупувал робовите и ги советувал младите. Посебно е познат како заштитник на патниците, морепловците и рибарите.

Во македонската народна традиција Свети Никола е запаметен како господар на водите, морињата и езерата. Народните верувања зборуваат дека ги штител луѓето од бури, поплави и други несреќи на вода. Затоа рибарите и морепловците со особена почит му се молеле пред секое патување.

Марко Цепенков забележал дека „Свети Никола е на морињата – да ги чува луѓето од талазите на морето да не се удават“. Во записите од Гевгелиско и Дојранско се спомнува дека на овој ден рибарите не излегувале на вода, а пловидбата се прекинувала од почит кон светителот.

Свети Никола има значајно место и во македонското народно творештво. Во песните е опеан како „стар свети Никола“, градител на цркви и манастири и заштитник на луѓето во неволја. Во многу легенди и преданија тој се јавува како помошник на сиромашните и спасител на оние што се наоѓаат во опасност.

Особено интересна е народната приказна според која другите светци му завидувале на Свети Никола поради големата почит што ја уживал меѓу народот. Кога Господ ги испратил ангелите да го повикаат, тие го нашле среде море како спасува брод што тонел. Тогаш сите разбрале дека неговата слава потекнува од неговата постојана грижа за луѓето и добрината што ја покажувал кон секого.

Токму затоа Свети Никола останува еден од најпочитуваните светители во православниот свет, а неговиот летен празник претставува потсетник на верата, милосрдието и пожртвуваноста што ги обележале неговиот живот и дело.

Најново од: Култура и туризам

Чудотворната икона на Пресвета Богородица Троеручица од Света Гора пристигна во Штип

Преписот на една од најпочитуваните православни икони трајно ќе остане во храмот „Свети Димитрија“ во Ново Село како духовен благослов за градот и верниците Штип денеска беше исполнет со молитва, духовна радост и свечена атмосфера по повод пристигнувањето на преписот на чудотворната икона на Пресвета Богородица Троеручица од Света Гора. Во присуство на голем број […]

Охрид – вториот словенски Ерусалим

На 25 мај 1962 година се случил еден од најзначајните духовни и историски моменти поврзани со Охрид и македонската православна традиција. Тогашниот Руски Патријарх Алексеј I Московски, при официјалната посета на тогашна Југославија, бил поканет од Српска Православна Црква најнапред да го посети Белград. Но, наместо тоа, тој побарал прво да дојде во Охрид — […]

Во Гостивар отворена изложба на млади стрип-автори од регионот

Млади стрип-автори од Македонија, Албанија и Србија преку своите дела испратија пораки за мир, соживот и заштита на природата. Под мотото „Уметност што обединува, порака што инспирира“, во НУ Центар за култура „АСНОМ“ во Гостивар свечено беше отворена групната изложба на млади стрип-автори од Македонија, Албанија и Србија. Настанот, кој привлече бројни љубители на уметноста, […]

Дел од монографијата за манастирот „Св.Богородица“ во Сливница од Д-р. Вера Стојчевска-Антиќ и Славе Николовски Катин

Очевидно е дека дева Марија и пред раѓањето на Исус, и за време на неговото детство, според апокрифната литература, а и според канонската, е безгрешна, мила, добронамерна, послушна, со очите насочени кон Бога, добра мајка, среќна и задоволна од подвизите и знаењата на синот, исполнета со милост не само кон своите блиски, туку и кон […]

Како Струга нема друга

„Како Струга нема друга“ не е само фраза, туку чувство што со децении се пренесува од генерација на генерација. На брегот на Охридско Езеро, каде што водата се среќава со планините, Струга живее со свој посебен ритам – тивок, топол и истовремено полн со живот. Реката Црн Дрим тече низ срцето на градот како нишка […]

Александрида во македонската средновековна традиција: романот за Александар Македонски низ вековите

Романот за Александар Македонски, познат како „Александрида“, претставува едно од најраспространетите и најчитаните книжевни дела на средновековниот свет, кое со векови се препишувало, прераскажувало и преведувало во различни културни и јазични средини, оставајќи длабока трага во европската и балканската книжевна традиција. Познато е дека уште од раниот среден век, овој роман се појавува во повеќе […]

Најнови вести

To top