Култура и туризам

ВО ДОМОТ – МУЗЕЈ НА МУЗИКАТА (15)

1ste1236

1globi4

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЕСМА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Во оваа прилика ќе претставиме некои од карактеристиките на домот на Есма. Имено, треба да се нагласи дека куќата на Кралицата на ромската музика, Есма Реџепова-Теодосиевска, постојано беше полна со луѓе и со песна. Својот живот го посвети на песната и на хуманоста. Речиси и да нема некој што не знае дека Есма во својот живот израсна 47 машки деца и едно девојче, кои денес се солидно згрижени во сопствени домови, а луѓето што ја почитуваат нејзината музика и ја познаваат професионално со задоволство ја именуваат со титулата Кралица на ромската музика

Есма беше личност која во својот живот многу патувала и посетила многу земји во светот, се претставила со својата музика, а секогаш на највисоко ниво ја претставувала и земјата од која доаѓа – Република Македонија.

За Македонија таа често го повторуваше следното: „Сум се родила тука и тука ќе умрам. Го сакам македонскиот народ, оваа земја. Секогаш со гордост истакнувам од каде сум. По цел свет кажувам дека сум родена во Македонија, во која Ромите најмногу ги зачувале јазикот, традициите и обичаите на својата прататковина Индија. Дека имаме две ромски телевизии, радиостаници, свој застапник во парламентот, ромски градоначалник. Кога со Стево се вративме во Скопје, по триесет години живот во Белград, изгубивме многу пари, ама не жалам. Така одлучивме и никогаш не се покајавме“, велеше Есма.

Кога зборуваше за другите градови освен Скопје, кое го сака на свој начи, велеше дека од градовите во светот најголем впечакот ѝ оставил Ленинград, денешен Петровград, а од државите Индија. За неа Ленинград беше град кој поседува автентична убавина, поубав е дури и од Венеција. Таа беше фасцинирана од знаменитостите и старите архитектонски зданија кои можат да се видат во овој град. Но кога би имала можност повторно да избира каде да живее, таа би ја одбрала Германија.

Според Есма, Германија е земја која на свој специфичен начин се грижи за своите граѓани и им го олеснува животот. Таа велеше дека таму постои голема дисциплина, ред, мир, сѐ она што му е потребно на еден човек за пријатен и спокоен живот. Исто така, за Есма беше карактеристично што таа имала добиено многу подароци. Нејзината колекција на подароци не беше само од обичните граѓани, од нејзината публика на нејзините концерти, туку и од високи државници.

За подароците Есма Реџепова-Теодосиевска велеше дека тие биле многу вредни, но добила и такви кои воопшто не се скапи, но за неа имаа огромно значење ѝ беа посебно драги. Многу често неа можеше да ја израдува и најмала ситница. Меѓу посебно драгите подароци ѝ беа сарите кои ги добила лично од Индира Ганди, кога ја прогласила за Кралица на ромската музика.

Исто така, во најдрагите подароци го вбројуваше и прстенот што за нејзиниот роденден ѝ го подари синот Симеон, како и обетките од нејзиниот зет за сестра што ѝ ги подарил кога била на гости во Шпанија. Тие обетки ги носеше неколку години и многу ги сакаше.

Многу ѝ беше драго гуменото маче, кое ѝ беше подарок од едно четиригодишно девојче, кога пред 30 години имала концерт во Австралија. По завршувањето на концертот, малечкото девојче ѝ пришло и ѝ го дало малото маченце. Велеше дека тоа и е најдраг подарок, бидејќи  е од дете, а децата имаат најчиста душа.

Меѓу поспецифичните предмети што можат да се забележат во домот на Есма, а и нејзе ѝ беа од голема важност, секако скулптурата на Исус, направена од камен. Скулптурата била изработена специјално за Есма, за да биде Господ со неа и да ја чува. Ја изработил студентот Ќазим Дурмиш, кога бил во прва година на Академијата за ликовна уметност. Во нејзината дневна соба можепе да се забележи и полицата  со бел резбан камен на која имаше два големи и остри меча. И тие  беа од камен, а на Есма ѝ беа посебно драги, бидејќи беа од Франција.

Есма Реџепова-Теодосиевска имаше многу пријатели и тоа не само од Македонија, туку од целиот свет. Добрeдојдена беше во многу земји, па и таа со широко срце ги пречекуваше сите што доаѓаат во нејзиниот дом.

Инаку, кога Стево и Есма живееја во Белград, како гостин нивниот дом го посетила Индира Ганди, а нешто подоцна и Тешеира. Се пренесувало низ Белград дека кога го прашале Тешеира што сака да посети од знаменитостите во Белград, тој им одговорил дека е согласен да го шетаат домаќините каде што сакаат, но на крајот да го однесат кај Есма на кафе и на колачиња. Тоа потврдува дека во нејзиниот дом вратите секогаш биле ширум отворени.

 1globi44Во домот музеј

Есма пеела за Движењето на неврзаните, кога во 1962 година се основало во Белград. Повеќе пати се сретнала со Индира Ганди, за која стекнала впечаток дека била мошне племенита личност, а исто така, пријатно се чувствувала и во друштво на Јосип Броз Тито. Кога била на Бриони, каде Тито примал странски државници, секогаш ѝ велел да им подарува нејзини плочи и да им посака добредојде со својата убава песна. Живо се сеќаваше на посетата на Гадафи кога Јосип Броз Тито ѝ рекол дека тој е најголемиот маж и дека мора да го бакне кога ќе му ги подарува плочите. Таа вели дека Тито секогаш бил непосреден и сакал да се шегува.

Еве, уште една анегдота со странски државник. Имено, во 1968 година кога Есма Реџепова-Теодосиевска имала концерт во париската „Олимпија”, од тогашниот Советски Сојуз се враќал Шарл де Гол. Му доцнел авионот, па задоцнил во телевизиското студио. За да ја пополнат празнината во програмата, Француската телевизија пуштила снимка од концертот на Есма. Затоа, утредента во париските средства за информирање пишувало дека Шарл де Гол ја лансирал Есма.

Од многубројните случки, ќе одбележиме една аукција за настраданите од цунами. Тогаш Есма ја дала својата омилена слика со својот лик. Притоа, изјавила дека таа живее под мотото „Ако имаш две, тогаш подели го со оној што нема ниту едно“. Есма имала неколку слики – портрети со нејзиниот лик, но решила да ја даде онаа слика што ѝ значела најмногу, велејќи дека тој што ја добил добро ја чува.

Таа сметаше дека сликата по нејзината смрт ќе достигне висока цена. Есма сметаше  дека кога луѓето ќе изгубат нешто или некого што има посебно значење во нивниот живот, не само во нивната земја, туку и, воопшто во светот, тогаш го величат, му подигаат споменици. Така, таа веруваше дека истото ќе се случи и со нејзината слика.

Меѓутоа, таа велеше дека  пред сѐ сликата ја подарила од срце, иако ѝ била најдрага, но знаела дека им ја дава на некои беспомошни луѓе кои изгубиле сѐ. Затоа со право се вели дека таа е личност која се трудеше оние што биле во нејзина близина да се чувствуваат пријатно и денот да им помине поубаво.

А што се однесува до животот, и онаму каде што живееше, каде што ѝ беше домот и сите деца и пријатели, таа велеше дека и покрај ситуацијата во земјата, за која се надева дека ќе се подобри, во моментот таа мислеше дека е најсреќната личност во светот. Токму тогаш ѝ се живееше, бидејќи децата за кои се грижеа таа и Стево тогаш и возвраќаа, така што тие се грижеа за неа, секојдневно ѝ се јавуваа…

Исто така, Есма велеше дека има особено почитување од публиката. Навистина ѝ се случувале многу убави работи. Затоа, како што изјавуваше самата, немало посреќна личност од неа и затоа ѝ се живеело.

Во врска со враќањето на Есма и Стево Теодосиевски од Белград во Скопје, Есма со задоволство го изјавила следното: „Во 1989 година се вративме во Македонија, зашто сакав во родниот град да основам Дом на хуманоста и Музеј на музиката. Домот е голем и се протега на површина од 840 метри квадратни. Во него ќе изложам сѐ што Стево и јас сме собрале на патот по светот: поклони, признанија, предмети и друго. Планирам во Домот да профункционира и аптека и амбуланта за деца од сиромашните семејства, кои немаат пари за лекување и лекови.

Кога ја поведовме иницијативата, од градот ни беше понудена локација на Водно, ама јас сакав да биде тоа на Кале. Бидејќи и онака тојот предлог наиде на остар прием кај водњанците. Но, јас, сепак, не им се лутам. Можеби тие се сметаат за луѓе од повисок ранг, додека, пак, јас сметам дека сите луѓе на светот се еднакви. Исто се раѓаме, исто, со празни раце, ќе заминеме од овој свет.

1globi444

Оркестарот „Теодосиевски“ во почетните години

Кога во јавноста се слушна дека на Водно не може да се слуша звукот на тарабуката и зурлите, ми се јави еден човек, нема да го именувам, но тој ми рече: Ќе ја добиеш локацијата на Кале. Така и се случи“, вели Есма.

Но, како жена од народот, која целиот свој живот била со народот и своите песни му ги посветила нему, Есма Реџепова–Теодосиевска избра да живее на Кале, покрај Музејот на Гоце Делчев и Музејот на современата уметност. Куќата што таа и нејзиниот покоен сопруг Стево Теодосиевски почнале да ја градат пред дваесеттина година служеше и како стан во кој живееше Есма и како Дом на хуманоста „Куќа музеј на музиката на Есма и Стево Теодосиевски“.

Куќата целосно не е завршена, но таа е распоредена на четири нивоа. Освен дневната соба со трпезарија и кујна, како и спалните соби сместени еден кат погоре, кои претставуваа дом на Кралицата на ромската песна, според проектот на професор Димитрие Голубовски, се изградени уште еден голем дневен престој со поглед кон градот, како и изложбен музејски простор на приземјето со адекватни помошни простории.

По смртта на Есма, куќата треба да биде претворена во мавзолеј, а на приземјето ќе бидат изложени урните со пепелта на Стево (каде и сега се наоѓа) и на Есма. Во дворот, пак, ќе има малечок амфитеатар и ќе се уреди паркот на целата локација.

Куќата и Музејот се предвидени да бидат заедно во еден објект, затоа што идејата на Есма беше по нејзината смрт луѓето да можат да видат сѐ што било поврзано со неа и со Стево Теодосиевски.

При една средба, за куќата и Музејот Есма ни изјави: „И Стево и јас сакавме луѓето да можат да дојдат и да видат како сме живееле и да разгледаат сѐ што на некој начин било поврзано со мојот и со животот на Стево“, вели Кралицата на ромската песна, која жали што не поминува повеќе време во домот. Притоа, додава: „Постојано сум на концерти и на турнеи. Веројатно, куќата ќе ми стане вистински дом кога ќе се повлечам, кога нема да патувам“. 

Продолжува 

1slavek1Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Култура и туризам

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

Македонските просветители свети Климент и свети Наум Охридски

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други […]

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

To top