Култура и туризам

Рамноапостолското дело на Светите Браќа Кирил и Методиј меѓу Македонците

Agatangel-1

Agatangel-1МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ
†АГАТАНГЕЛ

На почетокот на IX век била веќе подготвена солидна основа за поширока и поорганизирана мисионерска активност во Македонија. Во тоа време Византиската империја доживува нов расцут на културен план, па овој бран ги заплиснува и градовите што биле оддалечени од Цариград, посебно Солун.

Во првите децении на IX век во Солун живее и семејството на високиот службеник на царската власт, помошник на византискиот стратег на Солун и солунската област. Тоа бил Лав со својата сопруга Марија, по народност Македонци. Тие имале повеќе деца, но се спомнуваат само имињата на најстариот – Методиј и најмалиот Константин.
Уште од најраното детство, побожните Лав и Марија ги воспитувале своите чеда во христијанството, трудејќи се да им помогнат да ја применат возвишената христијанска убавина во своите животи.

Костантин уште од својата младост се интересирал за теологијата, философијата и за другите световни науки, а посебно внимание посветувал на изучувањето на делата на свети Григориј Богослов и на Дионисиј Ареопагит. Токму заради тоа неговиот татко го испратил во Цариград за да го продолжи своето образование во императорското Магнаурско училиште, каде, освен богословските науки се изучувале и граматиката, аритметиката, географијата, астрономијата, музиката, поезијата, реторика и т.н. Покрај овие науки Константин ги изучувал латинскиот, еврејскиот и сирискиот јазик, што покрај мајчиниот македонскиот и познавањето на грчкиот јазик, многу бргу направило од него сериозен и ценет полиглот.

Неговата дарба за јазици ќе дојде до израз подоцна, кога со благослов на Цариградскиот патријарх ќе појде во повеќе мисии меѓу разни народи, проповедајќи и ширејќи го христијанскиот начин на живот. Надарениот Константин, откако го завршил своето високо образование, бил назначен за библиотекар при црквата Света Софија во Цариград, а потоа бил избран и поставен за професор по философија во училиштето каде што го завршил своето образование. Од тогаш тој и го добил името Константин Философ.
За постариот брат на Константин – Методиј, во историјата постојат мошне оскудни извори, во кои се посочува дека тој, за време на својот живот, успеал да стекне солидно световно образование и потоа се посветил на државната и воената служба. Методиј се одликувал со исклучителен христијански добродетелен живот, а воедно бил и надарен со државнички и воени способности. Тој подолго време управувал со Брегалничката област и дал голем придонес за христијаннството длабоко да се всади во македонската душа во тој дел на Македонија. За овој успех на Методиј исто така бил заслужен и неговиот брат Константин, кој по покана на својот постар брат ја обавувал христијанската мисија во источномакедонските краеви.

Успехот меѓу Македонците во Брегалничката област не останал незабележан во Патријаршијата и во седиштето на Царството. Токму заради тоа Константин и Методиј ќе добијат друго послушание, а тоа е да ја возобноват македонската азбука, а потоа и да ја применат преведувајќи ги богослужбените книги на јазикот на Македонците од Солунско и да се подготват за мисионерско патување кај западните Словени во Моравија.
За да ја остварат зададената цел Светите Браќа извесно време, пред својата мисионерска дејност, се повлекле во манастирот Полихрон на планината Олимп, каде трпеливо и со многу труд се подготвувале за своето епохално мисионерско дело. Нивното манастирско осамување било двапати прекинувано, зашто во меѓувреме од страна на Византиската власт и од Цариградскиот патријарх биле испраќани во христијански и просветни мисии меѓу Сарацените и Хазарите. Овие мисии ги извршиле со голем успех.
Познато е дека Ростислав, кнезот на Велика Моравија, испратил молба до византискиот император Михаил III да му биде испратен „епископ и учител, кој на нивни јазик ќе им ја објаснува и проповеда вистинската христијанска вера“. Без многу размислување изборот паднал на Светите Браќа. Тие биле речиси подготвени и за оваа мисија, зашто голем број од богослужбените книги и од Евангелието веќе биле преведени на македонски јазик, кој воедно бил разбирлив и за другите Словенски народи. Светите Браќа веќе имале искуство во мисионерството меѓу Македонците во Брегалничката област и во некои други области низ Македонија, па оттаму ги избрале своите ученици и помошници и тргнале во Моравија. Во Моравија биле пречекани со голема радост и со големи почести. Набргу потоа отвориле училиште, во кое ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи. При утврдувањето на верата во Моравија наишле на голем отпор од германското свештенство, кои имале амбиција да го асимилираат словенското население, па затоа од нив лажно биле обвинети за ерес.

Со вакви клевети тие биле принудени да појдат во Рим за пред папата да го докажат своето правоверие. Во Рим биле примени со големи почести од папата Адријан II. Откако папата одблизу се запознал со дејноста на светите Константин и Методиј и откако ја увидел нивната вера и добра намера самиот ги одобрил и благословил нивните богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре и да бидат служени богослужби на македонски јазик во три римски цркви. Константин во Рим тешко се разболел, овдека го примил и монашкиот потстриг, добивајќи го името Кирил, според името на свети Кирил Римски, чии мошти Светите браќа ги пронашле и ги донеле во Рим, а набргу потоа и се упокоил во Господа на 14 февруари 869 година. Методиј, сега како Архиепископ Моравски заедно со своите следбеници – сега православни свештеници, се вратил во Моравија и го продолжил своето епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени. Во Моравија, Методиј бил дочекан со уште посилно и пожестоко непријателство од страна на германското свештенство. Истоштен од напори, заточенија и измачувања, Свети Методиј се упокоил во градот Нитра во 885 година. Неговите ученици исто така биле подложени на измачувања и прогони, а некои од нив биле распродадени и како робови.
По смртта на Свети Методиј, делото на Светите Браќа паднало во голема криза, но благодарение на нивните најнадарени ученици – светите Климент, Наум, Сава, Горазд, Ангелариј и другите, ползувајќи го веќе научниот и проверен мисионерски метод, што имал за цел да им ја објави Божјата вистина на новите народи, притоа почитувајќи ја нивната културна самобитност, ова епохално и рамноапостолно дело останало да се памети како еден од најголемите и најзначајни настани во историјата на Европа и на целата човечка цивилизација. Мисионерскиот метод кој го користеле Светите Кирил и Методиј останал да биде жив образец за христијанските мисионери во сите времиња.

Охридската книжевна школа

По смртта на свети Климент и свети Наум книжевната школа ја продолжиле нивните ученици. Тие главно се занимавале со препишување на творбите на светите учители. Многумина од нив од смирение, понизност и почит пред нивното големо дело останале анонимни и непознати. Меѓу непознатите автори се и составувачите на нивните житија. Ова експлицитно е наведено од анонимниот биограф на свети Наум, кој вели дека по наредба на Деволскиот епископ Марко, се зафатил со пишување на житијата на охидските светители и просветители.

По повод годишнината од смртта на свети Климент еден друг анонимен автор составил Служба, мошне поетска, која претставува ретко убав споменик на нашата книжевност од овој ран период.
Меѓу непосредните ученици на свети Климент и на свети Наум е и Константин Презвитер, подоцна епископ Преславски. Тој е познат по неговите творби „Азбучна молитва“ и „Проглас кон Светото Евангелие“. Негови се и делата „Поучно Евангелие“ и преводите на „Четирите слова против аријанството“ од свети Атанасиј Велики и „Катехизисот на св. Кирил Ерусалимски“ и многу други.

Црноризец Храбар, чие вистинско име е непознато е исто така продолжувач на делото на свети Климент и на свети Наум. Негови дела се: „О писменех“, кое е апологија на македонската писменост и тој овде ја брани македонската азбука и го заштитува македонското културно дело од страна на горделивите грчки асимилатори. Тој во ова дело напишал: „Македонските букви се посвети и се повеќе за почит, бидејќи се обработени од свет човек, а грчките ги создале Елините, кои биле пагани и незнабошци“.

Најново од: Култура и туризам

Археолошкиот локалитет „Церје“ кај селото Говрлево, Скопско и локалитетот „Кокино“, Кумановско

Церје, Говрлево, мегалитска опсерваторија Кокино, праисториска Македонија, археолошки локалитети во Македонија, древна македонска историја, бронзено време, праисториска археологија, древни македонски печати, културно наследство на Македонија Исклучително знаење за докажување дека постоела ПРАИСТОРИСКА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА имаат печатите од локалитетот ,,Церје” кај с. Говрлево близу до Скопје. Имено, археологот Милош Билбија во 1982 – 1983 година, при […]

Под Скопското Кале пред повеќе од 5.000 години постоела праисториска населба

Под денешното Скопско Кале, на просторот што со векови претставувал значаен стратешки и историски пункт, се кријат траги од животот на луѓето уште од праисторијата. Археолошките истражувања потврдуваат дека овој простор бил населен многу пред изградбата на средновековното и подоцнежното утврдување. Според археолошките наоди, на подрачјето на Скопското Кале постоела праисториска населба, чии почетоци се […]

МАНАСТИР „СВЕТА ПРЕЧИСТА“ – КРНИНСКИ МАНАСТИР, ДУХОВЕН БИСЕР НА КИЧЕВСКО

Манастирот „Света Пречиста“, познат во народот и како Крнински манастир, се наоѓа на падините на планината Врвои, на надморска височина од околу 920 метри, на приближно 12 километри од Кичево. Сместен во прекрасна природна околина, опкружен со планински шуми и чист воздух, манастирот претставува еден од значајните духовни, културни и историски споменици на Кичевскиот крај […]

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

To top