Историја

Резолуција на Македонците од Петрич

petric

petricВо пресрет на Париската мировна конференција, на која по поразот на Централните сили се кројат идните граници на Европа, било формирано Привременото претставништво на поранешната ВМРО. Формирано од Серчани и македонските револуционери од Западна Македонија, Привременото претставништво издава „Апел до македонскиот народ и македонската емиграција во Бугарија“ за постигнување единство во барањето за автономија и неделивост на Македонија. Апелот го потпишуваат Ѓ. Петров, П.П. Арсов, П. Ацев, Т. Делииванов, М. Герџиков, П. Христов, Д.Х. Димов, Т. С. Серски и други. Апелот поткрепен со брошурата на Хаџи Димов „Назад кон автономијата“ претставувал чекор кон балканското единство и Балканската Федерација. По Версајскиот договор, во кој не се прифатени барањата на Македонците, активноста на Привременото претставништво згаснува.

По завршувањето на Првата Светска Војна, меѓу првите кои го пројавиле своето незадоволство од поделбата на Македонија биле Серчани. Тие уште во октомври 1918 г. со Декларација го повикуваат македонскиот народ да ја обнови борбата за автономија на Македонија. Во документот тие велат дека „го креваме старото знаме на македонската автономија, знамето на балканската слога и на идното балканско братство… Македонија треба да се востанови во нејзините географски граници…“

Основните принципи со кои се повикува македонскиот народ биле разработени во брошурата на Хаџи Димов „Назад кон автонимијата“. Тоа ќе биде основата на спогодбата за обединување и продолжување на делото на поранешната Организација. Така, во Привременото претставништво влегуваат низа истакнати дејци на македонското револуционерно движење, како Х. Татарчев, П.П. Арсов, Ѓ. Петров, М. Герџиков, П. Христов, Ч. Кантарџиев, С. Хаџиев, Т. Делииванов, Р. Ризов, Л. Џеров, Н. Пушкаров, К. Љондев. Х. Јанков, Д. Икономов, А. Лозанчев, протојереј Т. Николов, Г. Скрижевски, М. Шкартов и други.

По обединувањето, Апелот бил испратен до македонскиот народ на 9 март 1919 година. Во него биле изложени актуелните проблеми и ставовите за решавање на македонското прашање во кој меѓу другото се вели: „…Македонското население, без разлика на народност и вера, има цврста и свесна желба неговата земја да се запази цела и неразделна како самостојна политичка единица на Балканот во нејзините природни балкански граници врз база: Солун како општ центар, Вардарската долина, Скопје и Битола со нивната стопанска и економска заднина… На вака создадената држава да и` се даде самоуправа со полна рамноправност и еднакви права на сите народи без разлика на бројност и при отсуство на секакви духовни и политички установи кои би и` дале предност на која и да било од нив или би побудиле сомневање или страв од зародување на сепаратистички стремежи и аспирации…“

Набргу по формирањето на Привременото претставништво на поранешната ВМРО се започнало со создавање на организации насекаде на територијата на Бугарија каде што живеело бројно македонско население. Почнал да излегува и листот „Билтен“, орган на Привремено претставништво, во кој биле објавени статии за принципите на македонската самостојност.

На 10 април 1919 година, архимандритот Пол Христов, генерален викар на Тракија, делегат на македонските комитети, како претставник на Привременото претставништво на ВМРО, протестира до Жорж Клемансо, претседателот на Мировната конференција во Париз. Тој протестира против активноста на Извршниот Комитет на македонските друштва во Софија, кои не ја застапуваат македонската кауза и бара ауденција за да ги изложи барањата на македонскиот народ.

Во дописките меѓу Привременото претставништво и архимандритот Пол Христов, Претставништвото го известува П. Христов дека „во текот на неколку месеци успеало да ги сплоти сите македонски бегалци во Бугарија и населението во Македонија под знамето на самостојно суштествување на Македонија при полна географска и економска целина и под полна заштита на Лигата на народите. Како што пишуваат од Претставништвото до Христов, сплотувањето на вчерашните и денешните изгнаници на Македонија, макар и при големо ограничување на печатот и собранијата, стана брзо поради единствената причина дека на чело застанаа дејците од некогашната ВМРО, кои одново го поставија македонското прашање на дневен ред, таму каде што го беше оставила Организацијата“.

Тоа го потврдува и Резулуцијата на Македонците од Петрич од 15 јуни 1919 година во која се вели:

„Емиграцијата од разните делови на Македонија што живее во Петрич и месните граѓани, собрани денес на 15 јуни 1919 година на импозантно собрание, откако ја подвлековме и разобличивме познатата безогледна и штетна националистичка политика на балканските државници што во крв го облеа целиот Полуостров и ја осуди Македонија на пропаст, решивме:

1. Да ја поддржиме и да ја поткрепиме издигнатата од Временото претставништво на Обединетата бивша Внатрешна Македонска Револуционерна Организација проверената парола за автономна Македонија, парола во чиешто име се боревме толку години без колебање и дадовме безброј жртви, еднакво прогонувани како од орудијата на деспотска Турција, така и од оние фактори во Бугарија кои со својата политика ја предизвикаа пропаста не само на Македонија, туку и на Бугарија.

2. Со сета своја стара енергија го подигаме својот глас за автономна Македонија и апелираме кон сите наши сонародници надвор и внатре во Бугарија да се организираат и да се сплотат околу оваа колку за Македонија, толку и за Бугарија единствено спасоносна парола, која ќе ги обедини и поттикне одделните националности кон полезна културна дејност и ќе ја ублажи политичката атмосфера помеѓу балканските народи за едно зближување и федерирање.

Високо протестираме против кампањата што ја водат платени орудија на владата и дел од бугарскиот печат кој не престанува да го клевети омразното за нив Времено претставништво, обвинувајќи го за сепаратизам и предавство! Отфрлајќи ги со возбуда тие клевети, ние одговараме: не е предавство овој заветен идеал што е легнат во душите на еден цел измачен народ уште од основањето на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација во турско, и

4. Изразувајќи ја својата солидарност и признание за дејноста на Претставништвото, ние, искрени приврзаници на таа идеја, апелираме кон сите сонародници да му ја дадат својата морална и материјална поддршка на Временото претставништво за среќно довршување на за-почнатото дело.

Оваа резолуција му се доставува на знаење на Временото претставништво на ОБВМР Организација и за објавување во Билтенот“.

Резолуцијата на Привремен комитет во Петрич е потпишана од учесниците во Собранието: д-р П. Наумов, Никола Антонов, Илија Бижов, Георги Благоев, Никола Полизоев, М. Трајков, Дим. Илиев. (Документи од борбата на македонскиот народ за самостојност и национална држава, том први, Скопје 1981, стр. 612-613;  Билтен, бр. 6 (Ѕ. VII 1919), стр. 9.)

И покрај огромните напори и силната агитација, Привременото претставништво на поранешната ВМРО, не успеало во својата намера да се создаде независна македонска држава. На Мировната конференција во Париз беше санкционирана поделбата од Букурешт во 1913 година, а Македонија остана поделена меѓу нејзините соседи, Србија, Бугарија и Грција. Тоа ќе предизвика огромно разочарување кај македонскиот народ, по што Организацијата почнала да згаснува. По неуспешниот обид во есента 1919 година да се врати ентузијазмот и да се изнајдат нови патишта на револуционерната борба организацијата се распуштила. Дел од нејзините членови се повлекле, а дел се приклучиле кон другите прогресивни движења, продолжувајќи ја борбата за самостојна и независна македонска држава.

Најново од: Историја

Годишнина од Гавгамела: Решавачката битка што го отвори патот кон Александаровото Царство

На 1 октомври 331 година пред нашата ера, Александар Велики ја победил војската на персискиот цар Дариј III кај Гавгамела. Победата претставувала решавачки пресврт во освојувањето на Персиското Царство и во создавањето на неговата огромна империја. Битката кај Гавгамела останала запаметена како една од најзначајните воени победи во античката историја. Соочен со побројна противничка војска, […]

Александар Трети Македонски освојува голем дел од Мала Азија

Од победата кај Граник до походот кон Киликија: освојувањата, легендата за Гордиевиот јазол и опасната болест што го запрела неговото напредување. Во првата година од војната Александар Македонски постигнал големи успеси. По победата кај Граник, голем дел од Мала Азија, сè до реката Сангар, паднал под негова власт. Персиската флота ги изгубила пристаништата на тој […]

Зошто Македонија низ историјата била делена – и зошто борбата за нејзината историја трае и денес?

Македонија со векови се наоѓала на крстопатот меѓу Истокот и Западот, на простор низ кој минувале војски, трговски патишта, империи и интереси. Но зошто токму Македонија толку долго била предмет на војни, поделби, пропаганди и спротивставени историски претензии? И уште поважно: колку Европа знаела за сето тоа и зошто интересите на големите сили толку често […]

Под каков идентитет се земаа и се иселуваа македонските деца?

Едно од најзначајните прашања со кои се запознав при истражувањето на чедособирството, а на кое не му е дадено соодветно внимание, е разликата во ставовите меѓу славофонските и грчкофоните села во северна Грција. Извештајот на УНСЦОБ известуваше за расположението на селаните во славофонските области и реони: тие, воопшто земено, биле многу подготвени да им дозволат […]

Крушоради, 1902: последната борба на војводата Дине Кљусов

На 28 септември 1902 година, по целодневна борба во Крушоради, Леринско, загинале војводата Дине Кљусов и тројца негови соборци. Нивната чета била предадена и опколена од османлиската војска. Дине Кљусов бил еден од револуционерите што дејствувале во четата на Марко Лерински. Во 1902 година Леринско било погодено од потери, предавства и вооружени судири. Кљусов учествувал […]

Востанието се проширува во Серскиот округ

Илинденското востание не завршило со падот на Крушевската Република. На 27 септември 1903 година, на Крстовден, започнале планираните востанички дејства во Серскиот револуционерен округ. Во летото 1903 година, додека во Битолско веќе се воделе жестоки борби, револуционерите во Серскиот округ се подготвувале за дејствување. На конгресот одржан во Пирин било решено востанието таму да започне […]

Драмското востание во 1941 година: отпор и трагедија во Егејска Македонија

Во ноќта меѓу 28 и 29 септември 1941 година, востаници во Драмско се кренале против бугарската окупациска власт. Востанието траело кратко, но репресалиите што следувале оставиле длабока рана во источниот дел на Егејска Македонија. По окупацијата во 1941 година, населението во Драмско живеело под воена и полициска контрола. Во такви околности бил организиран вооружен отпор, […]

Тајниот македонски комитет – основан 1885 година во Софија

Во втората половина на XIX век, во време кога Македонија била изложена на силни и меѓусебно спротивставени пропаганди, меѓу македонската интелигенција се појавуваат организирани обиди за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и црковната самостојност. Еден од најзначајните такви рани обиди бил Тајниот македонски комитет во Софија. Формирањето на Тајниот македонски комитет Тајниот […]

Најнови вести

To top