Историја

Каде е закопан братот на Карев ликвидиран во Идризово?

idrizovo

Братот на Никола Карев, Ѓорги, по Втората светска војна е осуден и затворен во Идризово, од каде што никогаш не излегол. Така семејството Кареви се соочило со една необјаснива игра на судбината: цел живот се бореле за македонската државност, но токму таа Македонија го ликвидирала братот на претседателот на Крушевската Република. Каде се закопани коските на Ѓорги е мистерија што до денешен ден не е решена

idrizovo

Македонија е преполна со тајни, кои главно се поврзани со одредени трагедии што се случувале на овој простор и кои во голем дел ја одредиле и нејзината денешна судбина. Заговори, убиства, атентати, шпионски афери го полнат досието на македонската историја, која денес можела да изгледа многу, многу поинаку. Во неколку продолженија ќе ви го пренесеме нашиот избор на најголемите македонски мистерии

Мише Карев, внук на Никола Карев од братот Ѓорги, во своето сведоштво пред неколку години тврдеше дека проблемите на семејството Кареви со комунистичката власт на Македонија започнале веднаш по ослободувањето, кога без никакви докази, во монтиран судски процес, бил осуден и затворен помалиот брат на Никола – Ѓорѓи Карев. Подоцна, тој е ликвидиран во „Идризово“ на само неколку дена пред излегување, односно пред завршување на казната, а гробот не му се знае до ден денес.

Мише, како шеснаесетгодишно момче, присуствувал на судењето на татко му Ѓорги во 1945 година. Седел во првата клупа, а судија бил некој Калајџиски од Кавадарци. На Ѓорги му се судело за соработка со бугарскиот окупатор за време на Втората светска војна.

„Татко ми никогаш не бил во таква служба, ниту пак некој од нас, неговите седум деца, членувавме во некоја од тогашните бугарски квислиншки организации. Се сеќавам на еден детаљ од судењето што ми остана засекогаш во душата. Како сведок, против татко ми, беше повикан бугарскиот полициски началник Венев, кој за време на окупацијата беше на служба во Крушево. Оние што го монтираа случајот за наводна соработка на татко ми со бугарските окупатори, сметаа дека сведочењето на Венев сосема ќе го закопа. Но, за нивна несреќа, Венев се држеше достоинствено и само рече: ‘Немам што да кажам за Ѓорѓи, но ќе кажам за кодошите!’ Во тој момент службеникот на ОЗНА Гога Џаџо го свлечка на столчето и не му дозволи да ги каже кодошите во Крушево. Набргу потоа Венев го ликвидираа, за да не ги открие вистинските соработници на Бугарите, од кои некои веќе заземаа важни места во новата власт. Под лажни обвиненија татко ми беше осуден на смрт, но само по седум-осум дена смртната казна му беше заменета со пет години затвор. Пред да излезе од затвор го ликвидираа истите оние што му го монтираа и судскиот процес“, им раскажуваше пред неколку години Мише Карев пред авторот на овие редови и на колегата Блаже Миневски.

Плиток гроб

Еден затвореник, Албанец, Емин Роши, многу години подоцна му кажувал дека Ѓорги бил погребен набрзина во некакви тајни затворски гробишта, но гробот бил плиток, па му се гледале рацете и нозете над земјата. Некој од надзорниците им наредил на двајца затвореници да му ги искршат рацете и нозете за да пропаднат под земјата, да се покријат.

gjorgi-karevИнаку, Ѓорги, како шеснаесетгодишно момче учествувал во Илинденското востание во борбата кај месноста Слива, а постариот брат на Никола, Петруш, бил член на Штабот на крушевските востаници. Со тоа, Ѓорги бил учесник и сведок на битката што за многумина е поепска, но и посурова и од таа на Мечкин Камен, а Петруш, меѓу другото, бил сведок и на последната расправа помеѓу Никола Карев и Питу Гули, пред вториот да тргне кон својата последна битка. Семејството Кареви во борбите за ослободување на Македонија има дадено седум жртви, војводи и обични борци. И покрај тоа, чудната омраза кон Кареви, според Мише, траела со години, па затоа дури и коските на Никола Карев завршија поттурнати под скалите на споменикот „Македониум“ на Гумења.

Кога по војната во Крушево се славело Илинденското востание и Крушевската Република, централната власт, а пред сé локалните послушници, речиси редовно се погрижувале семејството Кареви да биде понастрана од прославата, особено од главната бина. Според сеќавањата на Мише, на првата прослава на Илинден по ослободувањето, постариот брат на Никола Карев, Петруш, бил поканет на свеченоста.

Песочно островче

„Дојдоа некои луѓе и го поканија да отиде на прославата. Го викнаа дури и да се качи на бината. Таму беа сите тогашни врвни раководители. Меѓутоа, кога некој од нив забележал дека на бината е и Петруш, братот на Никола Карев, веднаш наредил да го симнат долу. И го симнаа среде прослава. Кога заврши прославата, повторно преку посредници беше поканет да оди на свечен ручек. Ми кажа дека го канат, а јас му реков да не оди, оти повторно ќе си играат со него, ќе го омаловажуваат и потценуваат. Тој се согласи со мене, но по извесно време повторно дојдоа гласниците, и чичко Петруш мораше да тргне со нив. Само што стигнал, ја кренал чашата за да наздрави, некој од политичарите наредил да го отстранат од масата. Чичко ми си дојде посрамен и со солзи во очите. И никогаш веќе не отиде на прослава на Илинденското востание“, сведочеше Мише Карев, кој, како што стои во неговото полициско досие, уште од 1951 година бил следен од ОЗНА односно УДБА, а подоцна одлежал и 18 месеци затвор за идејата за самостојна и независна Македонија.

Најстариот брат на претседателот на Крушевската Република, Петруш Карев, успеал да ги надживее двајцата свои браќа и покрај сите малтретирања и голготи што ги поминал во животот. Умрел во 1968 година. Според внукот Мише Карев, старецот си заминал од овој свет со голема болка во душата поради недостоинствениот и понижувачки однос на македонската власт кон брат му Никола, но и поради судбината на Ѓорги, кој беше убиен од властите на македонската држава, за која целото семејство со децении се борело.

Некои тврдења упатуваат на тоа дека во времето кога Ѓорги е ликвидиран, на средината на реката Вардар која минува близу затворот Идризово, се наоѓал мал песочен остров и дека е можно таму да биле закопани убиените затвореници за кои властите сакале да им се изгуби трагот. Подоцна реката го однела малото островче и со тоа оневозможила да се открие дали, меѓу другите, таму се и коските на Ѓорги Карев.

Го видов Ѓорги како градинар кај Колишевски

petar-damcevskiОсумдесет и осумгодишниот Петар Дамчески од Прилеп, пензиониран полициски командир, со кого лани, по 106 години од востанието, се обидовме да откриеме каде лежат некои од загинатите борци на Мечкин Камен, во годините по Втората светска војна извесно време бил дел од обезбедувањето на вилата во која се наоѓал Лазар Колишевски. Тој тврди дека таму го сретнал братот на Никола Карев, Ѓорги, кој како затвореник бил доведен да работи во градината.

Дамчевски, роден крушевчанец, веднаш го препознал Ѓорги, но не смеел да му се јави. По неколку дена дознал дека Ѓорги Карев починал во затворот во Идризово.

Сликата на братот на Никола Карев како во затвореничка облека ги полева цвеќињата во дворот на Колишевски засекогаш му се врежала во сеќавањето.

Автор: Дарко Јаневски

Најново од: Историја

На денешен ден, 27 ноември 1919 година – Потпишан Нејскиот мировен договор, потврдена поделбата на Македонија

На 27 ноември 1919 година, во Неј на Сена, во близина на Париз, бил потпишан Нејскиот мировен договор меѓу Бугарија и силите победнички во Првата светска војна. Со овој договор, во голема мера била потврдена територијалната поделба на Македонија, воспоставена со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година. Македонија повторно била предмет на меѓународни договори, […]

На 26 ноември 1904 година – Крвавата свадба во Зеленич, Леринско, Егејска Македонија

На 26 ноември 1904 година (13 ноември по стариот календар), во селото Зеленич, Леринско, во Егејска Македонија, се случил еден од трагичните настани во македонската историја, познат како „Крвавата зеленичка свадба“. Зеленич пред нападот Во 1904 година Македонија сè уште била под османлиска власт. По задушувањето на Илинденското востание, грчките андартски чети го засилиле своето […]

Ристо Никовски: Македонска небиднина

(септември 2021 година) Поминаа веќе 30 години откако се распадна југословенската федерација и Македонија стана самостојна држава. Иако тогашните македонски лидери не беа воопшто подготвени за независност, а распадот беше повеќе од очигледен, имавме многу повеќе среќа отколку знаење и умеење, зашто не бевме вклучени во војните кои следуваа. Гледано од денешен аспект, нашата среќа […]

АНТИМАКЕДОНИЗМОТ И „НАТРАПНИКОТ“

Војната во името на културата е војна против националниот идентитет Војната во име на културата претставува војна против националниот идентитет. Таа често се користи како изговор за владеење и наметнување доминација врз други народи, кои се прогласуваат за „некултурни“, „предавнички“ или „заблудени“. Таквите војни можат да се водат со оружје, но и преку политички, културни […]

Спорот за името (1913–2026)

Поделбата на Македонија во 1913 година претставува важен дел од историската заднина на спорот за името, кој се отвори по осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Со Букурешкиот договор биле утврдени новите граници меѓу балканските држави по Втората балканска војна. Осум децении подоцна, употребата на името Македонија станала предмет на долгогодишен дипломатски спор со […]

ОБРАЌАЊЕ НА МАЛЕШЕВСКИТЕ ВОСТАНИЦИ ДО АНГЛИСКИОТ КОНЗУЛ ВО СОЛУН, 24 НОЕМВРИ 1878 ГОДИНА

Извор на документот: Документот е преземен од Фејсбук-профилот на Гоце Панговски. Историски документ: Протест на македонското население од Малешево против одлуките на Берлинскиот конгрес На 24 ноември 1878 година, населението од Малешевскиот крај упатило обраќање до генералниот англиски конзул во Солун, во кое ги изнесува своите страдања под османлиската власт и протестира против одлуките на […]

Кузман Шапкарев: Ние сме Македонци, а не Бугари! (1870)

На 30 ноември 1870 година, бугарскиот весник „Право“, кој излегувал во Цариград, објавил полемички текст за дејноста на охридскиот учител Кузман Шапкарев. Во написот весникот го обвинува Шапкарев дека се спротивставувал на употребата на книги напишани на бугарски јазик. Преку тие обвинувања, написот сведочи дека уште тогаш во печатот се расправало за посебноста на македонскиот […]

Како Александар Македонски го освоил Сур и го променил неговиот брег

Александар Македонски го напаѓа Тир (денешен Сур) од море. Гравура на Антонио Темпеста од 1608 година, Музеј „Метрополитен“, Њујорк. Сур е денешното арапско име на античкиот Тир, град во Либан. Со латиница често се пишува „Sour“. Во 332 година пр. н. е., војската на Александар Македонски се нашла пред утврден феникиски град чии ѕидини ги […]

To top