
Р. Христовска (“По патот на заветот”)
МОЈОТ НАРОД
Овој народ овде
што го горат на клада
а тој и кога гори пее,
таков е, од родот мој е.
Оваа жива прашина
што паѓа од небесата
и ја покрива земјата
е пепел од душата негова.
А од неа ‘рти семе
на љубов што мириса,
и штира земја да е
ќе ја оплоди и ќе роди.
Овој народ страден
што го газат
и го парчат,
што го корнат
да го сотрат,
кога чиниш умира
и душа собира,
тој пак се исправа
и со корка лебец
век со век врзува.
И плаче и лелека,
и трпи и крпи
и пак се крсти
и свеќи пали пред икони.
Клетви стега в грло
а молитви шепоти,
Бог да го поведе
без земја да не остане.
Овој народ, родот мој е.