Продолжуваат анализите и санацијата на водоводната мрежа, а граѓаните и натаму ќе се снабдуваат со пакувана и техничка вода додека не биде потврдена нејзината целосна исправност.
По неколкудневната криза со загадувањето на водата во Гостивар, започна хиперхлорирање и испирање на водоснабдителниот систем, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по седницата на Централниот кризен штаб.
Последните лабораториски анализи повторно покажале присуство на загадување, поради што надлежните служби спроведуваат чистење на каптажата, испирање на примарната мрежа и дополнително хлорирање во рамките на законски дозволените вредности.
Според Тошковски, преземените мерки треба да овозможат постепено враќање на системот во нормална функција, без ризик за здравјето на населението.
За потребите на граѓаните во моментов се обезбедени 11 пунктови со техничка вода, а нивниот број треба да се зголеми на 13. Досега се дистрибуирани и повеќе од 100.000 литри пакувана вода за пиење.
Доколку следните анализи покажат континуирано добри резултати, техничка вода од чешмите би можела да биде достапна до крајот на неделата или на почетокот на следната.
Целосното нормализирање на водоснабдувањето со безбедна вода за пиење се очекува до крајот на следната недела, откако ќе завршат санитарните постапки и ќе биде потврдена микробиолошката исправност.
До укинувањето на забраната, граѓаните не треба да ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна.