Вечерва, 24 септември, со почеток во 19:00 часот, во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи манифестацијата „Патување кон корените“. Ќе бидат прикажани документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“ на Петро Алексовски.

На настанот ќе присуствуваат амбасадорот на Република Полска во Македонија, Мане Јаковлески и други членови на Управниот одбор на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, како и Петро Алексовски, автор на филмот и изложбата и Македонец кој живее и твори во Полска.
Преку фотографии, уметнички дела и сведоштва, филмот и изложбата ќе потсетат на судбината на децата прогонети од Егејска Македонија. Пред повеќе од седум децении, во виорот на војната, илјадници деца биле одделени од своите родители и домови. Многумина заминале без да знаат дали повторно ќе ги видат своите мајки и татковци.
Полска, Чехословачка, Унгарија, Романија и други земји станале нивни нови домови. Таму пораснале и создале семејства, но ги зачувале спомените за родниот крај, јазикот и своите македонски корени.
„Патување кон корените“ е можност нивните приказни повторно да бидат слушнати, а споменот за нив да им се пренесе на идните поколенија.