Манасиевски реагира на видеото на Амар за Скопското кале и прашува на што се трошеле парите на скопјани кога кадри на Левица раководеле со градски институции.
Во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, Манасиевски ја критикува реакцијата на Амар за најавената ревитализација на Скопското кале. Според него, Амар се фокусира на можноста за наплата на влезници, наместо на вложувањето во обновата и претворањето на Калето во туристичка и културна атракција.
„Во која светска метропола за влез во културно-историски значајни објекти не се наплаќа влезница?“, прашува Манасиевски, наведувајќи дека наплатата е практика во бројни културно-историски знаменитости во светот.
Тој оценува дека реакцијата на Амар претставува противење на ревитализацијата на Калето, за кое вели дека со години било запуштено.
Манасиевски истовремено го отвора прашањето за работењето на градските институции со кои раководеле кадри на Левица, посочувајќи ги библиотеката „Браќа Миладиновци“ и Музејот на град Скопје.
„Добро е да напомене, кога Левица раководеше со градските институции, на што ги трошеа парите на скопјани“, наведува тој.
Во соопштението Манасиевски изнесува обвинување дека во тие институции биле доделувани, како што ги нарекува, „сомнителни тендери“ на фирми регистрирани во Мала Речица.
На крајот, тој упатува и иронична критика кон претставниците на Левица за нивните патувања во Грција, поврзувајќи ги со нивната патриотска реторика.
„Кога не ги трошат парите за кафулиња во Скопје, ги трошат во Грција. Оти, нели, треба да се помогне и грчката економија. Онака, баш патриотски“, порачува Манасиевски.