Денеска го примив д-р Мајкл Баренбаум, истакнат професор по еврејски студии и експерт за Холокаустот, кој во март годинава ме придружуваше за време на посетата на Меморијалниот комплекс „Треблинка“ во Полска.
Укажав на опасноста од историски ревизионизам, минимизирање и негирање на Холокаустот, како и од антисемитизам.
Посетата на Треблинка, каде што биле убиени 7.144 македонски Евреи, односно 98 проценти од македонската еврејска заедница, е длабоко потресно искуство. Меморијалниот комплекс сведочи за историските факти и потсетува на потребата одбележувањето на нивното страдање да прерасне во традиција.
Му се заблагодарив на д-р Баренбаум за неговото експертско и човечко ангажирање во одбраната на историската вистина за Холокаустот врз македонските Евреи, особено за аргументираната заложба да се сочува автентичниот натпис на спомен-плочата во Треблинка, наспроти обидите за негова измена.
