Од завршниот митинг во Брвеница, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повика на поддршка за Стојанчо Радичевски, порача дека политичарите треба да се оценуваат според делата и најави соработка меѓу Владата и општината за решавање на потребите на граѓаните.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, на завршниот митинг во општина Брвеница во рамките на предвремените локални избори, ги повика граѓаните во недела масовно да излезат на гласање и да го поддржат кандидатот за градоначалник Стојанчо Радичевски, заокружувајќи го бројот 1.

Во обраќањето, Мицкоски порача дека разликите не смеат да бидат посилни од она што ги поврзува граѓаните, ниту разочарувањата да ја потиснат надежта.
„Браќа и сестри, да не дозволиме разликите да бидат посилни од она што нè поврзува, да не дозволиме разочарувањата да бидат поголеми од надежта и да не дозволиме минатото да ја зароби иднината. Нема да нè прашуваат колку политички противници сме победиле, туку колку проблеми сме решиле и нема да нè паметат по функциите што сме ги имале, туку по делата што сме ги направиле“, порача Мицкоски.
Тој истакна дека изборите во Брвеница се и порака за тоа во каква држава сакаат да живеат граѓаните. Според него, изборот е меѓу политиката на навреди, подметнувања и криминал, која им ја припиша на политичките противници, и Македонија во која институциите ќе се борат за секој човек, со гордост и достоинство.
Остри критики кон Филипче
Во дел од обраќањето, Мицкоски упати остри критики кон претседателот на СДС, Венко Филипче, поради неговиот настап претходната вечер во Брвеница. Тој оцени дека опозицијата понудила навреди, омаловажувања и арогантен однос, наместо програма и дела.
Мицкоски особено реагираше на зборовите за покојниот Јовица Илиевски, за кои рече дека претставуваат преминување на границите на политичката пристојност.
„Има работи кои се свети и има работи за кои мора да има граница“, порача тој, опишувајќи го Илиевски како силен, одмерен и чесен човек.
Во продолжение, Мицкоски го обвини Филипче дека е подготвен да ги подреди државните и националните интереси на личната желба за власт. Завршувајќи го обраќањето, повика на масовна излезност и поддршка за Радичевски, со порака дека Брвеница треба да избере сигурна иднина и општина достапна за сите граѓани.






